Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

За овој четврток одлучивме да се присетиме на некои убави моменти од ланската сезона, која нормално беше под нивото на оној легендарен Милан што постарите го памтат, а пак на што веќе се навикнаа оние помлади генерации. Слабиот и блед Милан, овој пат со Монтела на чело, во финалето на Италијанскиот Суперкуп на 23 декември 2016, се сретна со тимот кој доминира во Италија, Јувентус.

Во стартниот состав на Милан на голот беше талентот кој почна да импресионира со своите одбрани таа година, Џиџи Донарума; Абате, Палета, Ромањоли и Де Шиљо во одбраната; Куцка, младиот Локатели и Бертолачи како поддршка за нападот каде членуваа Сусо, Бака и Бонавентура.

Лападула остана на клупата, а неговото место го зазеде тогаш видно ослабениот Бака. Ова беше еден од последните настапи на битни натпревари на неколку од овие фудбалери, а и кој би знаел дека веќе од следната година Матија Де Шиљо ќе го гледаме во црно-белиот дрес. Исто така, мора и да се спомне дека овој натпревар беше 600-от на икусниот Италијански ветеран Џанлуиџи Буфон во дресот на Јувентус. За среќа на нас “росонерите”, нема баш да го памти по добро.

Иако се играше во Доха, Катар, на овој натпревар Јувентус беа назначени како домаќини и токму тие започнаа со добра игра а тоа резултираше со две големи шанси на Стефано Стураро за отворање на резултатот. Тој, Пјаниќ и Манџукиќ постојано го тестираа Донарума, а младиот голман издржа неполни 20 минути без примен гол. Подобрата игра во првиот дел екипата на Алегри ја круниса со водство во 18. минута, кога по доброизведениот корнер на Пјаниќ, Џорџо Кјелини највисоко скокна и ја затресе мрежата. Милан проба да возврати преку Сусо, но тоа сепак беше само лесен плен за Буфон. Набргу потоа, дојде до замена во тимот на “бјанконерите”, по што Патрис Евра влезе во игра на местото на Алекс Сандро. Ова замена, на крај, се покажа клучна по разврската на дербито.

Со излегувањето од терен на Сандро, Јувентус тотално ја загуби својата доминација. Сусо и Куцка постојано бараа начин како нивниот тим да дојде д многу посакуваниот гол. Така, на само шест минути до крајот на првото поулвреме, Бонавентура успеа да ја затресе мрежата, а целата заслуга за тоа оди кај Сусо кој беше “виновникот” за милиметарски прецизниот центаршут. Тимовите заминаа во соблекувалнте со резултат 1-1.

Во второто полувреме интензитетот на играта значително порасна и веднаш првата закана дојде во 55. минута, кога ударот со глава на Ромањоли заврши во пречката од голот на Јувентус. На спротивната страна Донарума го спаси својот гол со атрактивна парада по ударот на Кедира, а на нас навивачите на “росонерите” ни падна тежок камен од срце. Подоцна неколку шанси за Милан имаше Карлос Бака, но сепак не успеа да испадне победник во дуелите со големиот Буфон. Во тимот на Јуве, влезе и Пауло Дибала чии обиди исто така завршуваа неуспешно.

Мечот влезе во продолженија, a по само две минути Бака си поигра со нервите на навивачите откако промаши чиста шанса за гол. Во 111. минута Евра постигна гол скоро од мртов агол, но гланиот судијата Ди Марко оправдано го поништи поради офсајд позиција. Ниту едните ниту другите не успеаја да профитираат со погодок, па победникот мораше да се решава со изведување на пенали.

Јуве поведе по првата рунда од пеналите со голот на Кјелини но и благодарение на одбраната на Буфон по шутот на Лападула. Набргу потоа, хрватскиот интернаџионалец Манџукиќ ја врати услугата по што погоди пречка, а Бонавентура изедначи на 1-1. Гонзало Игуаин и Јурај Куцка беа поеднакво прецизни во изведувањето на следните два удари. Кедира повторно го доведе Јуве во преност, која не траеше долго бидејќи Сусо ја затвори четврата рунда со свој погодок. Тука е моментот кога натпреварот доби сосем друг тек. Со тогашниот број на дрес 21, на ред да изведува дојде Дибала. За Донарума ова беше да се биде или не. Залет на Дибала и неверојатна проценка на младиот 17-годишен талент. Толку одбрани имаше, но само една ваква беше доволна за целосно да ги освои срцата на сите љубители на миланскиот клуб. Работата беше завршена, сега остануваше само да не се згреши на крајот на пенал рулетот.

Таа тешка задача му припадна на Марио Пашалиќ. Добар залет, прецизен шут, и… победа над Буфон, победа над Јувентус – италијанскиот шампион е надигран и совладан! Што е уште побитно, освоен е Италијанскиот Супер Куп!

“Победата е добро чувство. На ова, фудбалерите треба да гледаат како почетна точка на нивната иднина, бидејќи успеавме да му се спротивставиме на еден моќен тим од калибарот на Јувентус. Пресреќен сум за претседателот Силвио Белускони, бидејќи знаеме колку овој трофеј му значи и поради тоа, му го посветуваме нему”, беше коментарот на Монтела.

Во никој случај не може да се каже дека оваа победа е незаслужена. Иако со доста послаб квалитет на составот на хартија во споредба со оној на Јувентус, но во многу случаи како и во овој – играта од срце се покажува доста битна. Славјето беше големо, преголемо, а за голем дел од фудбалерите ова беше прва побитна освоена титула во кариерата. Не, можеби не е титула од рангот на Лига на Шампиони или Лига Европа, но солзите на самите фудбалери доволно кажуваа за тоа од колкаво значење беше за нив. А, исто така и за нас навивачите.