По подолго време, Гери Кардинале излегува во јавноста преку интервју направено со Кориере Дела Сера, познатиот италијански спортски медиум. Кардинале го купи Милан минатата година, но неговото „владеење“ започна со радикални одлуки кои го тестираа трпението на фановите. По долготрајното преговарање со Малдини, кое траеше цел преоден рок, Кардинале одлучи да ги избрка Малдини и Масара два дена по завршувањето на сезоната. За да бидат работите полоши, раководството без размислување го продаде Сандро Тонали. Покрај сѐ, РедБрд и Кардинале сакаат да стекнат доверба во навивачите, и со парите од Тонали, како и сопствените инвестиции, склопија интересен тим за кој со нетрпение очекуваме да видиме што ќе постигне. Ги пренесуваме најинтересните моменти од интервјуто.
По повод продажбата на клубот:
Кога бев на Дуомо претходната година за време на натпреварот со Сасуоло, веќе ја имавме договорено аквизацијата на Милан, но одлучивме да не ги објавуваме јавно информациите за да не им направиме дистракција на играчите. Емоциите се за фановите, мојата одговорност е да имам дисциплина за да ги вршам работите како што треба. Curva Sud се фантастични!
За Милан:
Го избрав Милан затоа што отсекогаш мислев дека е помеѓу 4-5те клубови во светот. Ние сме тука благодарение на претходниците, како Силвио Берлускони, Џани Ривера, Саки, Барези и Малдини. Имам огромна почит за тоа што го направи Берлускони.
За новите пристапи кон промоција, технологија и модели на маркетинг:
Технологијата се менува постојано. Фановите сакаат да конзумираат содржини на различни начини – кабловска телевизија, стриминг, социјални медиуми. Не е доволно само да се појавиш со пари. Сите денес имаат пари. Тоа што нас нѐ дели од останатите е што имаме иновативни идеи и планови.
За Елиот:
Имам огромна почит за Паоло Скарони. Не сменив многу работи во однос на раководството, затоа што сакавме да имаме континуиран прогрес. Еден од најдобрите потези за мене е тоа што го донесов Џорџо Фурлани (извршен директор) и Стефано Кокирио (финансиски директор). Исто така, ова е првото меркато во кое што сум директно инволвиран.
За фудбалот во Италија:
Тоа што ми остави најголем впечаток во првата година е разликата помеѓу нас и Челзи во двата натпревари од Лигата на шампиони. Така што, сакав да видам физички подоминантен, побрз и интензивен Милан. Во првите натпревари од оваа сезона видов одблесоци од сѐ ова. Го понудив своето искуство на челниците на Серија А, но не сакаат да слушнат за нови пристапи за модернизирање и актуелизирање на лигата.
За крај:
Секогаш слушам коментари дека го купив Милан само за да го препродадам. Но, бројките кажуваат друго – вложив премногу во тимот, и планирам да го правам тоа и понатаму. Не сакам да освојам само една титула, сакам да освојам многу. Сакам да бидам запаметен како Берлускони 2.0!