Трансфер во Милан
По отпуштањето на Паоло Малдини и Рики Масара како технички и спортски директори, Милан се одлучи да го промени начинот на работење и го реструктурираше својот менаџмент, па така во фокусот на вниманието се најде и Џефри Монкада, дотогаш главниот на скаутинг секторот во Милан.
Монкада е роден во Франција во 1986 година и е релативно млад за таа влијателна и моќна позиција која ја наследува од големиот Паоло Малдини. Тој му се приклучи на Милан во 2018 година како дел од новата ера на Елиот и со сериозно искуство како скаут позади себе, како трансферот на Килијан Мбапе во Монако, каде самиот Монкада беше член во еден дел од својата кариера и се позиционираше себеси како сериозен скаут во светскиот фудбал.
Токму Монкада се совпадна во новата визија на клубот која ја донесе менаџментот на Елиот – градење тим околу млади играчи со голем потенцијал но со разумна цена. По неговото доаѓање во клубот, заедно со Малдини и Масара, успеаа да донесат сериозни имиња како Мајк Мењон, Малик Чао, Фикајо Томори, Пијер Калулу и Тео Хернандез.
Методологија
Како всушност работи Монкада и како успева да ги наоѓа сите овие талентирани фудбалери? Французинот работи заедно со својата мрежа на соработници и скаути кои покрај статистичките податоци, ги следат останатите сегменти од фудбалската игра, како перформансот и способноста да се приспособат на тактичките замисли на тренерот. Карактерот и личноста на еден играч исто така игра улога во целиот процес, кој е многу повеќе од само листа на бројки.
Одличен пример за објаснување на оваа методологија е трансферот на Пијер Калулу во Милан. Тој беше донесен од младинскиот тим на Лион за само 1.3м евра и пристигна во клубот како релативно непознат играч без сениорски настапи зад својот грб. И покрај овие факти, Калулу се совпадна идеално во замислата на Стефано Пиоли, се етаблираше како сериозно име во одбраната на Милан и во вториот дел од сезоната 2021/22 заедно со Фик Томори беа столбот во одбраната која ја донесе титулата во италијанското првенство после 11 години пауза!
Иднина
Монкада даде интересно интервју за француски Л’Екип оваа година каде потенцираше зашто сака да се фокусира на играчи од Франција, како и од Јужна Америка. Покрај фактот дека во Франција има веќе добро развиена мрежа на скаути и соработници, Монкада издвојува дека француските фудбалери не се плашат, што не е случај со шпанските и италијанските фудбалери.
Не знам дали француските фудбалери се подобри и поспремни во однос на другите, но знам дека француските фудбалери не се плашат, за разлика од шпанските или италијанските фудбалери, кои се плашат од неуспех.
По заминувањето на Паоло Малдини од клубот, сега е и повеќе од јасно дека стратегијата на клубот ќе биде водена од податоци и алгоритми, а Џефри Монкада ќе ја има диригентската палка во носењето одлуки. Новиот спортски директор има на располагање млад костур на тимот кој може да расте и да станува се подобар, па ќе биде интересно да се види како Монкада ќе успее да го подобри и зајакне тимот на Милан