Серија А е повторно во мода! После летната пауза исполнета со интересни трансфери, фокусот се префрла на зелениот терен каде на програмата е првото коло од италијанската Серија А. Бурниот трансфер период за Милан значеше нов тренер во името на Марко Џампаоло, кој започна да крои својот тим, доведувајќи неколку играчи и исто така ослободувајќи се од повеќе, кои не беа во прв план. Црвено-црните од Милано на отварањето на сезоната му гостуваат на секогаш незгодниот Удинезе, каде момците на Џампаоло ќе имаат можност за добар старт, кој ќе биде од исклучителна важност за понатамошниот тек на сезоната. Новиот тренер на Милан, Марко Џампаоло, ја имаше својата прва прес-конференција пред еден официјален натпревар, а ние во продолжение ќе ви пренесеме дел од неговите размислувања за Милан, стартот на сезоната, како и за трансфер пазарот.

Марко Џампаоло за време на Интернационалниот Шампионски Куп во САД, јули 2019
Од овој прв натпревар па натаму, сакам да го видам мојот Милан. Работевме напорно во припремниот дел и убеден сум дека овој тим ќе се подобрува од натпревар во натпревар. На натпреварот со Удинезе ќе настапат оние играчи кои се физички подготвени и кои најдобро се снаоѓаат во системот во кој играме. Можеш да стартуваш добро или лошо, се може да се случи во текот на сезоната. Многу тимови ќе се борат за пласман во Лигата на Шампионите, како и Милан. Историјата ни налага да веруваме и да се бориме за тоа, но нема да биде воопшто лесно.
За мене, претставува привилегија да се биде во Милан, нешто што не се случува така чество во животот. За мене ова е остварување на еден сон, една голема можност за мене и моите играчи. Имам конкретни идеи каде треба да стигнеме и кои чекори требада ги превземеме. Потребно е време, за да можам да го имплементирам овој нов систем.
Жал ми е што го загубивме Биглиа за почетокот на сезонава, тој имаше навистина добро издание во подготвителниот период. Се надевам дека Eрнандез за брзо ќе се врати назад во тимот, додека пак со Бонавентура ќе бидеме трпеливи и претпазливи. Леао и Дуарте не тренираа многу со тимот, но пoкажаа позитивна енергија и желба за брзо да се прилаготат во новиот систем. Сусо до сега секогаш играл широко по страна, сите го сметаа за крилен играч, дури на почетокот и јас имав одредено двоумење, но играчот покажа огромна желба да се прилагоди на новиот начин на игра.

Сусо во прослава по постигнување на гол против Фросиноне, 19 мај 2019
Нов изведувач од белата точка? Точно, тоа ќе биде Пјонтек. Воопшто не сум загрижен за формата на Пјонтек, тој е играч со специјални карактеристики. Ако се додаде уште еден напаѓач како партнер, тој ќе се ослободи од одбранбените играчи и ќе има повеќе шанси за гол.

Кшиштоф Пјонтек за време на Интернационалниот Шампионски Куп во САД, јули 2019
Дали ни недостасува нешто во тимот? Не размислувам на тоа, фокусиран сум на она што го имам во моментов, а останатите работи ги препуштам на луѓето во раководството, кои знаат што сакам. Кореа? Не го познавам.