Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Конечно на репрезентативната пауза и дојде крајот па на репертоар имаме незгоден натпревар во Рим, против екипата на Лацио.
Натпреварот доаѓа во незгоден момент за Џенаро Гатузо, кој од недела во недела има се поголем и поголем проблем со повредени играчи и буквално за овој меч едвај ќе го состави првиот тим.
Оваа репрезентативна пауза предвреме ја завршија Ромањоли, Калабрија и Хакан Чалханоглу но за жал нашиот капитен го очекува пауза од 1 месец, а додека Калабрија и Хакан ќе бидат спремни за мечот со Лацио.

Лацио нема некои огромни проблеми со повредите, единствен првотимец кој се очекува да не настапи е Лукас Леива додека Милинковиќ-Савиќ иако беше под знак прашалник, тој сигурно ќе настапи против Милан и ќе ни зададе дополнителна главоболка покрај секогаш опасниот Имобиле.
Лацио на Инзаги има еден бод предност пред Милан на табелата и воедно се наоѓа на 4-тата позиција па овој меч за нас ќе има огромна резултатска важност и пораз е најмалку посакуваната опција и затоа доколку сакаме било каков позитивен резултат, нашите играчи и тренерот Гатузо ќе треба да вложат огромни напори за тоа да биде остварливо.

Според сите медиуми за очекување е Гатузо, поради огромниот број на повредени играчи, да настапи со формација 3-4-3, каде одбраната би се состоела од Родригез, Запата и како принудно решение на позиција централен бек ќе треба да игра Абате.
На овој меч ќе биде многу битно одбраната да покаже компактност и умешност да ги сопре нападите на Имобиле, Луис Алберто и СМС па затоа иако ова е прв пат овие тројца играчи да играат заедно во ваква поставеност ни останува да се надеваме дека ќе се покажат во добро светло.
Во средината на теренот се очекува повторно да настапат Кеси и Бакајоко, а кaко поддршка на крилните бековски позиции најавени се Калабрија и Лаксалт но шанси за настап има и Фабио Борини, кој би го заменил Лаксалт по левата страна.

Во нападот поради црвениот картон против Јувентус нема да има право на настап Игуаин па како единствена опција за позицијата централен напаѓач ни останува Патрик Кутроне, а негова придружба во нападот ќе бидат Сусо и Хакан Чалханоглу.
Ова е еден од ретките стартови на Патрик сезонава па воедно е и одлична прилика да уште еднаш покаже зошто е номиниран за наградата “Golden Boy”.
Исто така по не знам кој пат сезонава во нашите најави очекуваме Хакан Чалханоглу да ја подигне својата форма и повторно да почне да ги покажува своите квалитети кои несомнено ги поседува, квалитети на кои бевме сведоци минатата сезона.
Од Сусо очекуваме да ја продолжи низата на асистенции и со тоа Милан да проба да освои бодови во Рим со цел повторно да биде дел од топ4 во Серија А.


Незгодно и тешко гостување во Рим но целиот тим ќе мора да даде се од себе и да се обиде на било каков начин да стигне до целокупниот плен – три бода против Лацио.
Нема да биде воопшто лесно, Инзаги е доста незгоден во дерби дуелите а и овој тим на Лацио е и повеќе од кадарен да го порази овој десеткуван Милан но нашиот тим не смее во ниеден случај да се предаде уште на самиот старт и ќе мора многу пожртвувано, многу храбро да ги одигра 90-те минути со цел да дојде до својата цел.

Forza Milan e andiamo ragazziiiiiiiiiiii!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!!