Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

На тешкото гостување во Рим, момците на Рино Гатузо одиграа нерешено 1-1 против екипата на Лацио и се враќаат дома со еден освоен бод. И покрај лимитираниот избор на играчи, десеткуваниот тим на Милан успеа прв да постигне гол, благодарение на помалку среќниот гол на Франк Кеси во 78 минута, кој според последните информации од италијанската федерација, сепак ќе биде запишан како автогол. Сепак, Милан не успеа да им одолее на нападите на Лацио и дозволи да прими гол во последните секунди од натпреварот, а со тоа и пропушти да си замине со полн плен од Олимпико во Рим. По натпреварот, тренерот Гатузо ја одржа традиционалната прес конференција пред медиумите, додека пак Абате и Калабрија говореа пред камерите на Милан ТВ.

 

ЏЕНАРО ГАТУЗО

 

Се подготвивме добро за овој натпревар и прикажавме добра игра. Лацио беа опасни на почетокот од натпреварот, во второто полувреме ние се консолидиравме и натпреварот можеше да заврши сосема различно. Имавме потешкотии во текот на натпреварот бидејќи Лацио се тим со силни физички карактеристики, тим кој може да ти прави проблеми во секој момент од натпреварот. Скоро сите првотимци во одбраната ни беа повредени, но ова не може да биде изговор. На страна повредите, можам само да им честитам на моите момци за добрата игра.

Франк Кеси во акција на натпреварот Лацио-Милан, 25 ноември 2018

Измените? Кога правам измени, вие велите дека не сум требал да направам, кога не правам измени, велите обратно: дај одлучете се. Сакав да го внесам Лаксалт во игра, но бидејќи Лацио не беа толку опасни при крајот на натпреварот, решив да го оставам тимот каков што е. Иако имаме уште 8 натпревари пред почетокот на трансфер периодот, кај моите играчи јас секогаш сакам да го гледам овој однос кон натпреварот.

Франк Кеси и Андреа Конти во прослава по постигнувањето на голот на натпреварот Лацио-Милан, 25 ноември 2018

Салвини? Гледајќи ги сите проблеми во државава, би му порачал на Салвини да размислува повеќе за политика отколку за фудбал. Навистина ме нервира фактот што и покрај сите проблеми кои постојат во државава, Салвини има време да дискутира за Милан. Тој кажува разни работи веќе подолг период, прво критукувајќи го Гонзало Игуаин, а сега и моите ‘измени’. Како граѓанин на Италија, јас би имал многу работи да му кажам на Салвини за неговата работа..

 

ИГНАЦИО АБАТЕ

 

Имавме многу повредени играчи, но одигравме добар натпревар. Разочарани сме бидејќи примивме гол во последните секунди од натпреварот и со тоа загубивме два навистина важни бода во битката за пласман во Лигата на Шампионите. Некои мислеа дека немаме никакви шанси на ова гостување, а ние тоа го искористивме како мотив плус да покажеме дека сме солидна екипа составена од играчи кои се борат до крај. Нашата цел ни е јасна и сигурен сум дека ќе ја оствариме. Ние навистина веруваме во тоа, имаме одличен тренер и амбициозен менаџмент кој ќе не врати онаму каде што припаѓаме. Сега на нас е да освоиме што повеќе поени до зимската пауза, на хартија имаме полесни натпревари. Ова беше мој прв натпревар како централен бек, мислам дека одиграв солидно, пред се поради тоа што имам одлични соиграчи.

Капитенот Игнацио Абате и стрелецот на голот Франк Кеси, за време на натпреварот Лацио-Милан, 25 ноември 2018

 

ДАВИДЕ КАЛАБРИЈА

 

Јас се уште не сум на моето посакувано ниво, започнавме навистина тешко но во текот на натпреварот јас ја подобрив својата игра. Бев загрижен дека можно е да имам проблеми со кондицијата кон крајот на натпреварот, но сепак тоа не се случи. Разочарани сме од крајниот резултат бидејќи бевме на добар пат. Лациое навистина силна екипа и ќе ни биде директен ривал во битката за пласман во Лигата на Шампионите. Мојата асистенција кон Кеси? Идејата да шутирам кон гол ми помина низ глава, но не бев во добра позиција и чекав на Кеси да дојде во слободна позиција. Се надевам дека ќе продолжам со асистенциите.

Давиде Калабрија во дуел со капитенот на Лацио, Сенад Лулиќ, за време на натпреварот Лацио-Милан, 25 ноември 2018