Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан загуби во Атина синоќа и е надвор од Лига Европа. Резултатот сам по себе е срам. Испаѓањето во групна фаза на ЛЕ, уште поголема бламажа. Првпат после 18 години не успеавме да се квалификуваме во нокаут фазата на некое европско натпреварување. Има две теории за неуспехот: првата, дека Милан никогаш не ни бил заинтересиран за Лига Европа како натпреварување и втората, дека играчите ја потцениле групата и противниците во неа. Која и да е поблиска до вистината, не постои оправдување!

Ако ја прифатиме теоријата на првата половина од навивачите дека клубот не гледал сериозно на ЛЕ, тоа Гатузо дефинитивно не го знаел. Со исклучок на домашниот натпревар со Дуделанж, Милан играше во скоро најсилен состав, особено синоќа на одлучувачкиот натпревар. За запрепастување беше фактот што вчера на терен истрча истата стартна постава како на натпреварот со Торино во неделата, минус Сусо. Без одмор за првотимците, без калкулации, заштеда на рековалесцентите. Освен тоа, Милан загуби неколку играчи на пократко или подолго време, баш на натпревари од Лига Европа.

Но, ако се прифати теоријата на остатокот од фановите дека Гатузо не можеше подобро и со посилен состав, на површина испливува пострашен факт. Оваа група на играчите не е кадарна да избори барем второ место во конкуренција со крпена Примера екипа, третиот најсилен состав од Грција и аматери од Луксембург. Не сакаа ли играчите пролет во Лига Европа? Што ќе променеа двата дополнителни натпревари што Милан ги одигра лани во нокаут фазата? И зошто да не може или не сака Милан, кога екипи како Атлетико, Челзи, Манчестер Јунајтед, Севиља играле до крај за честа на клубот, без оглед на реномето на натпреварувањето?

Се на се, Лига Европа го наруши ритамот, ростерот, комодитетот, а веројатно и моралот на Милан оваа сезона. Се надевавме и се израдувавме на намалувањето на казната на УЕФА на почетокот на сезоната, кога ни ја симнаа забраната за учество во ЛЕ, за на крај да ја завршиме авантурата уште пред да почне интересниот дел. Типичен “lose-lose” исход – доволно се изморивме со ритамот четврток-недела, добивме повредени играчи, не извлековме пари од учеството и на крај, прописно се избламиравме!