Милан игра убаво, Милан е во ритам! Уф, колку долго чекав да го напишам ова! Момците на Рино Гатузо конечно почнаа да наликуваат на сериозен тим кој може да конкурира за таа толку посакувана четврта позиција на табелата, позиција која води кон пласман во Лигата на Шампионите. По доаѓањето на Кшиштоф Пјонтек од Џенова, Милан не знае за пораз, бележејќи две реми и четири победи. Токму полскиот интернационалец беше најзаслужен за оваа серија, постигнувајќи 6 гола во само 5 натпревари, од кои последните два во можеби најважниот натпревар до сега оваа сезона, директниот дуел против Аталанта. Впрочем, тој за кратко време успеа да влезе во историјата на клубот, станувајќи играч со најбрзо постигнати 6 гола во историјата на Милан.
ЕМПОЛИ
Овој викенд, Милан го игра својот натпревар во петок, против тимот на Емполи. Екипата на Џузепе Иакини игра променливо, бележејќи 1 победа, 2 нерешени резултати и 2 порази во последните 5 натпревари. Во првиот дел од сезоната, тие успеаа да освојат важен бод против Милан, играјќи 1-1 на домашен терен.
МИЛАН
Од друга страна, како што претходно говоревме, Милан е во добра серија и го пречекува Емполи на Сан Сиро во одличен момент. Победата на овој натпревар е императив за момците на Рино Гатузо, кои овој викенд ќе чекаат кикс на ривалите за да можат да ја зацврстат својата позиција на табелата. Составот на Милан е скоро ист со оној на натпреварот против Аталанта, освен Сусо, кој поради суспензија нема да биде на располагање на тимот.
Тука, на таа негова позиција, е најголемата дилема на Гатузо околу формирање на стартниот состав. Некои медиуми шпекулираат дека Кастиљехо ќе добие шанса како директна замена на Сусо, додека пак други медиуми информираат дека Рино ќе се реши за промена на формација и ќе се одлучи конечно да ги стартува Пјонтек и Кутроне од почеток на натпреварот, а Чалханоглу ќе ја завземе неговата омилена позиција позади напаѓачите. Секако, тука постои и опцијата Гатузо да се реши да го одмори Пјонтек и да се одлучи да стартува Кутроне на негова позиција. Во средниот ред и одбраната не се очекува никакви промени во однос на натпреварот со Аталанта, каде Пакета, Бакајоко и Кеси одиграа фантастично, а Калабрија, Мусакио, Ромањоли и Родригез успеаа да ги сопрат напаѓачите на тимот од Бергамо.
Без разлика која ќе биде конечната одлука на Гатузо во однос на составот, за Милан ова е натпревар кој мора да се добие, за да се задржи ритамот и да се продолжи трката кон пласман во Лигата на Шампионите. Секако, доколку резултатот тоа го дозволи, на овој натпревар можеме да очекуваме во текот на натпреварот Рино да им даде одмор на некои клучни играчи, бидејќи веќе во вторник се соочува со тимот на Лацио во рамките на Купот на Италија.