Анализа | Милан – Интер: Милано е одново црвено-црно!

by Ivan

Има ли послатко чувство од победа над Интер? Има ли подобро утро од тоа после победа над Интер? Згора на тоа, во фаза на елиминација од куп натпреварување. Единственото нешто што може делумно да ја поправи оваа лоша и неуспешна полусезона се ваквите натпревари, против најголемите ривали, посебно градскиот. По 120 минути игра синоќа на Сан Сиро, се радуваше црвено-црната половина на Милано, а Милан прогресираше во полуфинелето од Купот на Италија.

Двата клуба влегоа во натпреварот со лоши серии. И Милан и Интер имаа кошмарен декември. Можеби тоа беше главната причина за бескомпромисниот пристап и желбата што ја покажаа синоќа ривалите. Нас воопшто не не зачуди одлуката на Гатузо да на терен излезе со најсилниот можен состав. Рино докажа дека Купот е важен за Милан уште во натпреварот со Верона. Се соочи со мали проблеми на голманската позиција со оглед на повредата на Џиџо. Откако уште во текот на утрото беше соопштено дека младиот голман ќе го пропушти Дербито, се очекуваше Сторари да го заземе неговото место. Така беше дури и во најавата на официјалните стартни состави. Но во текот на загревањето Сторари се повреди, а на голотсе најде постариот од браќата Донарума, Антонио. Дебитантски настап за “паразитот”, како што беше наречен пред неколку недели од страна на Курва Суд.

Антонио делуваше помалку нервозно од самиот старт. По неколкуте не толку опасни шанси за Милан, Интер во 23-тата минута, од првиот обид, ја затресе мрежата. Поточно, Перишиќ се обиде да спаси гол аут и ја упати топката кон петерецот на Милан, а Антонио неспретно реагираше и си ја смести топката во сопствениот гол. Сепак, судијата Гвида се консултираше и со помош на видео технологијата одлучи да не го признае голот заради офсајдот на Ранокија. Следуваше серија на опасни шутеви на Милан, најпрво Сусо, а потоа и Кеси и Биглиа. Уште во првото полувреме стана јасно дека дел играчите немаат своја вечер. Во прв ред тоа се однесуваше на Локатели, кој беше комплетно надвор од ритам, но за волја на вистината играчи и надвор од својата вообичаена позиција. Бековите Абате и Родригез исто така делуваа некоординирано, а Бонучи имаше неколку чудни грешки во додавање на краток простор.

Од друга страна, Бонавентура и Сусо претставуваа главна опасност за голот на Хандановиќ, но повеќе комбинираа меѓу себе и ствараа шанси за себе отколку за Калиниќ. На Кеси падна главниот товар во средината. И без консултација со статистиката, беше очигледно дека претрча повеќе од било кој друг играч на теренот, а доби и неколку незгодни удари во текот на натпреварот. Гатузо ги направи своите измени поприлично рано, со оглед на тоа што текот на мечот навестуваше продолженија. Сепак, две од измените дојдоа принудно, после повредите на Абате и Калиниќ. Рино не погреши со ниту една од трите замени, напротив, Калабрија донесе вистинска свежина и неколку одлично пробиви од десната страна, Хакан конечно одигра ослободено, опуштено и креативно, а Кутроне беше херојот на натпреварот. Сепак, Кутроне немаше да дојде во прилика да го одлучи мечот ако Антониот Донарума не блескаше на голот во второто полувреме.

Уште во 51-вата минута пресече топка кога сите очекуваа Икарди да има еден на еден можност, а потоа и дефанзивниот потег на мечот – неверојатната одбрана по ударот на Жоао Марио од 5-6 метри. За Милан да не остане пократок во промашувањата се погрижи Бонавентура. Хандановиќ несмасно боксуваше нафрлена топка, а таа дојде до Џек, кој од промаши празен гол од линијата на петерецот. До крајот уште по една сериозна шанса за двата тима. Сусо погоди пречка, а Икарди не успеа да ја дотурне топката во голот после одбраната на Донарума на шутот на Перишиќ.

Тоа значеше дека ќе се играат дополнителни 30 минути. Почна да се чувствува благо опаѓање на темпото, особено кај Интер кој полека се затвораше на сопствената половина. Тоа конечно успеа да го казни херојот на Дербито – Патрик Кутроне. Најдобриот стрелец на Милан оваа сезона избегна офсајд, по феноменалната асистенција на Сусо и само со еден краток допир го совлада Хандановиќ. Каква емоција! Момчето со неполни 20 години, кое помина низ сите младински состави на Милан, го исполни сонот – го реши Дербито на Милано! Интер не успеа да го наутрализира голот на Кутроне и остана без полуфинале. Таму патува Милан и закажа двобој со Лацио на крајот на јануари, односно крајот на февруари.

Целиот тим синоќа покажа желба, страст и пожртвуваност. Баш онаква како што побара и како што му доликува на тим што го води Гатузо. И после победата, едно нешто е сосема јасно: само овој пристап и само вакви перформанси можат да ја спасат сезоната! Ајде момци, го можете вие тоа!

FORZA MILAN!

https://www.youtube.com/watch?v=nmAJWNdDIsU

 

You may also like

Leave a Comment