Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Дефинитивно најважниот настан за Милан во 2017, па и цела деценија наназад, се случи во април. Клубот ја промени сопственоста по повеќе од 30 години. Симболот на Милан, сопственикот на клубот Силвио Берлускони, најде соодветен инвеститор на кого му го предаде своето “чедо”. Верувам би се сложиле и би рекле конечно, и тоа од повеќе аспекти.

Од една страна, Берлускони веќе неколку години размислуваше и работеше на продажбата на клубот. Во многу интервјуа во последните години тој нагласуваше дека не е лесно да се вложува во фудбалски клуб во модерното време. Особено не во Италија, каде фискалните правила не се идеални за оние што вложуваат и каде комерцијалниот аспект на фудбалот генерално заостанува во споредба со условите во Англија или Шпанија. Берлускони не беше во состојба да ги повторува супер успешните периоди кога под водство на Саки, Капело и Анчелоти, клубот остваруваше врвни резултати, а неговиот најблизок соработник и извршен директор, Адриано Галиани жареше и палеше низ Европа и ги остваруваше најголемите трансфери.

Од друга страна, на навивачите им се чинеше дека е доста и со сета почит кон Берлускони и Галијани, бараа промени. И тоа беше оправдано. Милан во последните 5 години под водство на Силвио не освои голем трофеј, ако го изземеме Суперкупот на Италија во 2016, кога практично се водеа преговорите за превземањето. Берло не беше оној стариот ниту кога стануваше збор за инвестирање, ниту според пасијата кон клубот. Сите тие околности навестуваа нова ера. Токму тоа и се случи, иако нешто подоцна од тоа што првично беше најавено.

Како предвесник на продажбата, се случи една кратка неуспешна авантура со тајландскиот бизнисмен Би Тичаубол или попознат како Mr. Bee. Фининвест, како сопственик на клубот и Mr. Bee потпишаа прелиминарен договор за превземање на 48% од сопственоста на Милан за сума од 480 милиони евра. Сепак, заради необјавени причини, договорот не се реализира како што било планирано.

Силвио Берлускони очигледно не беше поколебан во намерата да го продаде клубот и покрај неуспешното искуство со азиски партнер. Така, во август 2016 година, беше потпишан нов прелиминарен договор, овојпат со кинеската инвестициска компанија Сино Јуроп Спортс Инвестмент Менаџмент Чангксинг (Sino-Europe Sports Investment Management Changxing), на која Фининвест и продаде 99,93% од акциите на Милан за околу 520 милиони евра. Договорот вклучуваше и враќање на финансискиот долг на клубот од 220 милиони евра. Малцинските акционери (индивидуални лица) задржаа незначителни 0.07% од акциите на клубот.

По неколкукратни одложувања заради аминистративни причини, на 13 април 2017 година, договорот беше комплетиран, по што Росонери Спорт Инвестмент Лукс (Rossoneri Sport Investment Lux) стана новиот сопственик на клубот. Новите кинески сопствениции на чело со Јонгхонг Ли исто така се обврзаа да инвестираат околу 350 милиони евра во наредните три години. Заедно со сопственикот, од клубот заминаа и извршните директори, во преден план, Галијани и ќерката на Силвио, Барбара. На нивно место беше поставен Марко Фасоне, човек со искуство на слични позиции во разни клубови во Серие А, дел од нив најголеми ривали на Милан, како Интер, Јувентус и Наполи. Заедно со Фасоне пристигна и Давид Хан Ли, човек од доверба на новиот претседател Јонгхонг Ли и главниот канал за комуникација помеѓу италијанската и кинеската страна во новото раководство на Милан. Уште едно име е вредно за споменување во контекст на продажбата, а тоа е Масимилиано Мирабели, кој беше поставен на местото спортски директор. Оперативно, Мирабели делуваше како најблизок соработник на Фасоне, особено во текот на летниот период, кога успеаа да го реализираат најбурното меркато во историјата на клубот.

Продажбата на клубот дефинитивно значеше нов почеток, нова ера во вистинската смисла на таа фраза. За изгледот на клубот да биде дополнително изменет придонесе скоро комплетниот ремонт во играчкиот кадар. Дури 11 нови играчи беа ангажирани, а добар дел од стариот тим беше распродаден. Веројатно идејата беше да се заборави на лошите денови не клубот, без трофеи. Иако сите вклучени и невклучени страни во процесот знаеја дека ваквата нагла промена не може да донесе инстантни резултати, сепак се очекуваше сериозен чекор напред за клубот. За жал на новите сопствници, но се чини повеќе на навивачите, летната еуфорија не се преслика врз резултатите на Милан. Росонерите ја имаат една од најлошите полусезони во Калчото во последните 2-3 децении, иако во останатите две натпреварувања, очекувањата засега се исполнети. Сепак, Калчото и постигнувањето таму е она врз што се темели стратегијата на новите сопственици. Заради силните вложувања и новите правила во фудбалскиот свет, клубот создаде обврски кон УЕФА кои треба да ги испочитува. Тоа сериозно го загрозува и условува првичниот план на новите сопственици. Учеството во еврокуповите догодина е задолжително, а со оглед на финансиската корист од учество во Лигата на Шампионите, тоа е далеку поповолното сценарио за клубот. Во спротивно, менаџментот ќе треба да стори маркетиншко чудо со цел Милан да не мора, по само една година од промената на сопственоста, да добие нови сопственици, овојпат без фудбалско искуство. Како и да е, ентузиазмот останува, ние веруваме во Милан и неговото враќање кон врвот во Италија и Европа!

FORZA MILAN PER SEMPRE!