Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Претходните два дена се потсеќавме на летното меркато, една убава тема за сите нас фановите на Милан. Заклучокот на таа тема е еден – летно меркато како никогаш досега! По такво меркато, логично се постави следното прашање, што со тренерот. Винченцо Монтела направи одлична работа во ланската сезона, имајќи предвид каков тим имаше на располагање. После подолго време, Милан заедно со Винченцо Монтела, успеа да обезбеди пласман во Европа, односно во квалификациите за Лига Европа. Покрај тоа, Монтела успеа да му го донесе првиот трофеј на Милан после подолго време – Суперкуп на Италија и победа против Јувентус на пенали!

По ваквата сезона и доброто летно меркато, тандемот Фасоне-Мирабели се реши да му укаже доверба на Винченцо Монтела и за наредната сезона, предводејќи го новиот тим на Милан во уште поголеми успеси. На хартија, тоа изгледаше како одличен потег – тренерот кој со така слаб тим имаше релативно добри успеси, не би требало да има проблем со тим кој е значително засилен со квалитетни играчи. Но, за жал, на теренот тоа не изгледаше баш така сјајно. Тимот на Милан се мачеше, а Монтела имаше големи потешкотии да го вклопи тимот со 11 нови играчи. Иако во летото се воигруваше формацијата 4-3-3, по доаѓањето на Лео Бонучи, Монтела се реши на промена на формацијата во 3-5-2, иако таа формација не беше воопшто воиграна. Милан од меч во меч делуваше се полошо и полошо.

Многумина сметаа дека токму таа ненадејна смена на формација е вистинската причина за лошите резултати. Други, сметаа дека едноставно е потребно време за тим со 11 нови играчи да се уигра. Дали поради фактот дека немаше така квалитетен тренер слободен на пазарот или сепак нешто друго, Фасоне и Мирабели, покрај притисокот од фановите, решија да му дадат простор и време на Монтела. За жал, тоа не резултираше со подобрување на играта. Винченцо Монтела, немаше слух, ниту желба за некаква промена. Неговиот константен инает и форсирање на истите работи не вродија со плод. Фановите беа бесни и сметаа дека големите грешки при ненавремените измени во самите натпревари и константното форсирање на таа 3-5-2 формација се причините зошто Милан не игра како што треба и зошто Монтела треба да замине.

После тој огромен притисок, Фасоне и Мирабели повторно беа во деликатна ситуација и овој пат, се решија за смена на тренерот. Многумина тогаш дискутираа дека популарниот тандем Фасобели, кој имаше брилијантен настап во летото, започна да ги прикажува своите слабости и почна да влече потези кои покажуваат дека челниците на Милан немаат идеја како да излезат од таа криза. Еден од тие потези беше и назначувањето на тренерот на младинската екипа, Џенаро Гатузо.

Нормално, секој фан на Милан знае кој е Џенаро Гатузо и знае што Гатузо има направено за црвено-црниот дрес. Но, овој пат Гатузо доаѓа во Милан не како играч, туку како тренер на првиот тим. Генералното размислување на фудбалската јавност после овој потег на Фасобели беше дека Гатузо е недораснат тренер да води еден така голем клуб кој има константен притисок за позитивни резултати и најважно од се, 11 нови играчи кои треба да се воиграат.

Да бидеме реални, не беа далеку од вистината. Дебито на Гатузо ќе остане во сеќавање на секој росонер, но не по убава работа. Реми со фенерџијата Беневенто, кој до тогаш немаше освоено ниту еден бод и за трагедијата да биде поголема, примен гол во судиското продолжение од страна на голманот на Беневенто. Првата победа на Гатузо на клупата на Милан дојде на Сан Сиро, во мечот против Болоња, благодарение на двата гола на Џакомо Бонавентура. По таа победа, скоро сите беа убедени дека конечно доаѓаат добри денови за Милан и Џенаро Гатузо. Нажалост, на теренот видовме нешто сосема друго. Пораз од фенерџијата Верона на гости и пораз од секогаш незгодната Аталанта го донесе Гатузо во многу незгодна ситуација – дербито со Интер во купот да го игра под огромен притисок. Многу медиуми шпекулираа дека пораз од Интер во купот ќе значи и “arrivederci” за Гатузо. За негова среќа, и среќа на црвено-црната половина во Милано, Милан успеа да го совлада Интер, со гол на младиот Кутроне во продолженијата. Како последен меч во календарската 2017 година дојде оној меч со Фиорентина, каде повторно ја видовме очајната и бледа игра на Милан, за која никој до сега не може да најде лек. Реми со резултат од 1-1, благодарение на брзиот гол на Чалханоглу.

Годината 2017 беше прилично турбулентна година за Милан, како и за тренерите на Милан. Монтела ја започна сезоната, а Гатузо ја продолжи. Но ниту едниот ниту другиот не успеа да донесе добра игра и добри резултати за клубот. Се поставува прашањето, до кога ќе успее да издржи Гатузо на клупата на Милан и што по неговата потенцијална смена? Тандемот Фасобели сеуште не може да најде долготрајно решение за позицијата тренер во Милан. Се шпекулираат многу имиња меѓу кои најсериозен е Конте, со кој наводно веќе се воспоставиле првичните контакти.

Во новата 2018 година влегуваме со желба за еден подобар Милан и со желба за конечно да добиеме сериозен тренер кој ќе остане подолго во клубот. На клубот му е потребен нов Анчелоти!