Милан летово го имаше најдоброто меркато во историјата на клубот. Новиот сопственик, заедно со новиот менаџмент на клубот одработија фуриозни 3-4 месеци. Милан беше еден од најспоменуваните клубови во текот на летото, но интересно, не толку во контекст на трансфер шпекулации, туку во контекст на реалзирани трансфери. Импресивниот пристап на дуото Фасоне – Мирабели одекна како вистинска бомба во Европа, помалку неочекувано. Клубот стартуваше со носење на играчи уште во мај. Ние навивачите, кои дотогаш бевме навикнати на трансфери во последната недела, па често и во последниот ден од трансфер периодот, бевме комплетно затекнати. Парот Фасобели очигледно имаше, не само слобода во носењето на одлуките, туку и скоро нелимитиран буџет за играчките таргети.
Милан во минатото знаел да исплати вистински богатства за некои играчи, да поставува своевремени трансфер рекорди. Дури и во последните години на Берлускони, клубот реализираше богати трансфер кампањи, како таа во 2015, иако тоа понекогаш зависеше од политичките случувања во Италија и политичките амбиции на Силвио. Сепак, се тоа претходно направено изгледаше како играчка во споредба со овогодинешното меркато. Потрошени 115 милиони евра, а беше само 7 јули! Јасно, пласманот во рана фаза на квалификации значеше дека Милан ќе мора да го склопува тимот рано, па и да го воигра колку-толку пред првите официјални натпревари.
Фасоне и Мирабели купуваат, одржуваат презентации на новите играчи, новиот сопственик Јонгхонг Ли и тивок и задоволен. Се се одвива перфектно, а атмосферата е идилична. Сите сакаат да бидат новиот Милан. Но менаџментот има една клучна цел, напоменета уште при превземањето – обновување на договорот со Донарума. А тоа сеуште не се случило. Стратегијата на клубот се базираше врз голем број нови имиња, но и обновување на договорите на малкуте кои беа сметани за доволно квалитетни за да бидат дел од костурот на тимот. Меѓу нив, секако и младиот Џиџо.
Но, Џиџо како свој агент го има еден од двајцaта таканаречени супер-агенти во фубалскиот свет – Мино Раиола. Мино е успешен, контроверзен, суров, комплетно ориентиран на материјалното, а згора на се, не изгледа најдобро. Куп причини за некој што не е на негова страна, да почне да не го поднесува. На пример, Масимилиано Мирабели. Преговорите за обновата на договорот почнаа, но веднаш стана јасно дека Раиола и Мирабели нема да најдат заеднички јазик. Барем не сами, во иста просторија. Тоа почна сериозно да го загрозува планираниот потпис. Се одржаа неколку сесии на разговори веднаш по завршувањето на минатата сезона, но решение не се најде. Се шпекулираше околу наводни превисоки барања, потоа околу преголем притисок врз Џиџо, а неговите родители, нормално, беа вклучени во целата ситуација… За на 15 јули да биде објавено дека Донарума нема да го обнови договорот со Милан. Тоа наиде на повеќе од остри реакции на навивачите на клубот, но и на општата фудбалска јавност. Голем број фудбалски работници и фудбалски легенди, не само од Италија, коментираа за неморалната одлука да се инсистира на огромни суми наменети за плата на играч кој е сеуште само тинејџер. За Џиџо се зборуваше со доза на разочарување, дури и од неутралните следачи настаните. Младиот голман со потегот засекогаш изгуби дел од поддржувачите. Беше директно нападнат на социјалните мрежи, но и на натпревари, како оној во рамки на младинското европско првенство, кога од трибината позади голот на Донарума беа фрлени лажни пари. Од истите тие навивачи, довчерашни големи поддржувачи го доби прекарот “Доларума”.
Во тој момент постоеја две опции: да биде продаден за сума помеѓу 20 и 40 милиони долари или клубот да го задржи, притоа да го казни за одлуката со некој форма на скратена минутажа, но да се откаже од оштета за голманот, со оглед на тоа што неговиот договор истекуваше во 2018 година. Повеќе од две недели траеше агонијата, пред се на Џиџо, но и на навивачите.
Иако никогаш недокажано, се чини дека пресвртот се случи кога Фасоне одлучи сам да го обнови преговорите со Раиола. Веќе и семејството на Џиџо беше активно вклучено во разговорот. Мирабели беше надвор од комуникацијата, веројатно по барање на Раиола. Несвојствено за Мино, тој неколкупати изјави дека Мирабели психички го малтретирал во текот на преговорите. Фасоне од друга страна, делуваше спремен за компромис во интерес на клубот, па и самиот Џиџо. Тоа доведе до нов тек на настаните и обнова на разговорите.
На 11 јули беше соопштено дека Џиџо Донарума ќе го обнови договорот со Милан, но со драстично променети услови. Потписот на Донарума сега вредеше 6 милиони евра по сезона, а договорот беше со важност до 2021 година. И одново поделени мислења меѓу навивачите. Едниот табор го одобруваше износот со оглед на тоа што Џиџо имаше незаборавна сезона и според сите фудбалски авторитети беше окарактеризиран како најдобриот млад голман, најголемата фудбалска надеж на Италија, идна светска фудбалска легенда. Противниците на “г-динот 6 милиони” никако не се сложуваа дека таа плата е соодветна за играч на 18 години, без оглед на талентот што го поседува. Освен тоа, во нивна корист одеше и фактот дека во моментот на потписот, Џиџо стана далеку најплатениот играч на Милан, со плата и два, па и трипати поголема од дел од носителите на играта на клубот. Сепак, она во што двете страни беа сложни беше прифатениот услов да и братот на Џиџо, до тој момент не толку познатиот Антонио биде вклучен како дел од спогодбата. На тој начин, Антонио стана четврт голман на Милан, што делуваше сосема непотребно, но позапрепастувачки делуваше неговата плата од 1 милион евра по сезона.
Обновата на договорот на Џиџо беше првиот вистински тест за Фасоне и Мирабели. Впечатокот беше дека и двајцата не го одиграа најдобро “случајот Донарума”. Помалку злобните коментари дека лесно е да се биде менаџер со неограничен буџет, станаа делумно прифатливи за пошироката јавност со оглед на исходот од преговорите. Секако, блиската иднина може да покаже дали со договорот од 11 јули завршија плановите на Фасоне околу Донарума или сето тоа беше своевиден прв дел од замислата каде и кога би можел да заврши Џиџо. Како и да е, Милан го имаше најголемиот фудбалски талент на денешницата, кој стана најалчниот млад фудбалер, за да заврши со два скапи договори за двајца одлични голмани (барем според реакциите после последниот натпревар со Интер во Купот). Или накратко, од Донарума во Доларума, па Донарума2!