Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Во 2017-та година, Милан го промени сопствеништвото и Росонери Спорт Инвестмент Лукс стана новиот сопственик на клубот, на чело со Јонгхонг Ли. Оттука стигнаа и првите сериозни инвестиции во клубот: во летниот преоден рок, Милан донесе повеќе од 10 играчи и потроши околу 250 милиони евра. Меѓутоа, и покрај потпишувањето на големиот број играчи, играта на Милан во Серија А е повеќе од разочарувачка. После полусезоната, Милан се наоѓа на 11 место со 14 бодови заостанување зад посакуваното четврто место кое води во Лигата на Шампионите.

Покрај наводно лошата финансиска состојба, каде Милан треба да го рефинансира долгот од Елиот Менаџмент, клубот и за овој јануарски преоден рок се поврзува со повеќе звучни имиња кои би можеле да го засилат за остатокот од сезоната.

Првиот играч со кој се поврзува Милан е Арда Туран, кој изминатиот период немаше никаква минутажа во Барселона. Како што пренесува Мундо Депортиво, агентот на Туран, Ахмед Булут го понудил играчот на Милан и единствена пречка би можела да биде високата плата, 7 милиони евра по сезона. Оштетата која пак Барселона ја бара за него изнесува околу 20 милиони евра.

Туто Меркато пренесува дека Милан веќе некое време го следи Муса Дембеле, играчот од средниот ред на Тотенхем. Договорот на Дембеле со Тотенхем истекува во јуни 2019 година, а Фасоне и Мирабели сериозно размислуваат да го донесат во Милан. Доколку Милан се одлучи да го донесе овој играч во своите редови во овој преоден рок, се проценува дека ќе треба да издвои сума од околу 19 милиони евра.

Покрај Муса Дембеле како играч од средниот ред, Спорт Медиасет известува дека Милан е заинтересиран и за Секо Фофана од Удинезе и Милан Бадељ од Фиорентина. Според нив, Милан по секоја цена сака да донесе играч на таа позиција за да има алтернатива за Френк Кеси. Покрај Бадељ, од Фиорентина Милан би можел да го донесе и младиот Емин Газоини, но до овој момент нема конкретни понуди.

Според Газета Дело Спорт, Брајан Кристанте е исто така на радарот на Фасоне и Мирабели. Поранешниот играч на Милан годинава е еден од главните играчи на Аталанта и за него се заинтересирани повеќе клубови.

Скај пак, пренесува дека Милан е исто така силно заинтересиран и за везистот на Торино, Даниеле Базели, но многу поверојатно е овој трансфер да се реализира на лето.

Милан е заинтересиран да донесе и играч на позиција крилен напаѓач. Според спортскиот новинар Алфредо Педула, Делуфеу е логична и можна опција, бидејќи претходната сезона одлично се снајде во црвено-црниот дрес. Покрај Милан, за Делуфеу се силно заинтересирани и Интер, Наполи, Рома и Севиља, која велгува во трката за неговиот потпис откако Монтела беше назначен за нов тренер.

Калчо Меркато пренесува дека за на позиција на крилен напаѓач, најголема желба на Милан е младиот Бразилец на Ајакс, Давид Нерес.

Алфредо Педула исто така пренесува дека Милан е заинтересиран за донесување и на левиот бек на Вердер, Лудвиг Агустинсон. Овој трансфер би требало Милан да го чини околу 15 милиони евра, но многу поверојатно е дека доколку се случи, тоа би било во летниот преоден рок.

Јакуб Јанкто од Удинезе е играч кој можеби најверојатно ќе го засили Милан ова Меркато. Со Јанкто Милан е поврзуван веќе подолг период, а некои медиуми дури пренесоа дека имал преддоговор уште во текот на полусезоната и веќе во сабота би можел да пристигне во Милано на медицински прегледи.

Што се однесува до заминувањата, се шпекулира со повеќе играчи. Еден од нив е секако Андре Силва кој иако беше пречекан како големо засилување и иднината во нападот на Милан, сепак некако не успеа да се снајде и не ги исполни очекувањата. Повеќе медиуми пренесоа дека неговиот агент Жорж Мендеж бил во Милано и веќе зборувал со управата на клубот за неговото заминување. Евертон, Барселона и Арсенал се заинтересирани за неговиот потпис.

Густаво Гомез е исто така еден од играчите кои веројатно ќе го напуштат Милан овој јануари. Бока Јуниорс се заинтересирани за неговиот потпис, а како што пренесува Газета Дело Спорт, играчот е спремен да се сложи и на пониска плата како би се реализирал неговиот трансфер во Бразил. Брајтон и Кротоне се исто така заинтересирани за донесување на овој играч.

Агентот на Габриел Палета за Туто Меркато изјави дека веќе преговара со управата Милан за негов можен трансфер. Сасуоло и Верона се најсериозни кандидати за добивање на неговиот потпис.

Што се однесува до Донарума, Реал се повлече од трката за неговиот потпис, додека ПСЖ и Јувентус и понатаму остануваат заинтересирани за младиот голман. Меѓутоа Донарума изјави дека има уште 4 години од договорот и сега е сконцентриран само на Милан, со што ги демантираше шпекулациите за неговата желба за наводно заминување од клубот кој го направи еден од најдобрите млади голмани на светот. Се чини дека сагата околу Џанлуиџи Донарума е конечно завршена, ако тоа може воопшто да се каже кога за агент има човек како Раиола.

Локатели би можел да се приклучи на Торино, но само на позајмица. Милан во него гледа иднина како еден од главните играчи од средниот ред и нема намера да го продаде.

Вест на Кориере Дело Спорт, исто така беше онаа дека Матео Мусакио по само 6 месеци би можел да го напушти Милан, а замена гледа во одбранбениот играч на Џеноа, Армандо Ицо и за него Милан ќе треба да одвои околу 15 милиони евра.

Што се однесува до тренескотото место, најголема желба за Милан останува Антонио Конте, кој не е задоволен во Челзи. За него се заинтересирани и ПСЖ и Баерн Минхен.

Што од ова ќе се исполни, останува да видиме во периодот што следи.