По поразот и елиминацијата од ЛШ во 2004 година од страна на Депортиво Ла Коруња, Милан ги насочи сите свои надежи во освојување на Серие А. Анчелоти и момците почнаа да се мачат во натпреварите, победувајќи го Емполи на Сан Сиро со пенал во последните минути и уште една победа во последните минути, кај Сиена на гости со 2-1, благодарение на Кака. На ред дојде мечот против Рома, меч во кој Росонерите беа свесни за самата тежина и меч во кој немаше простор за кикс бидејќи токму Рома беше директниот конкурент за титулата. Со останати 3 мечеви до крај на сезоната, победа на Сан Сиро против Рома можеше да значи освојување на титулата!
Рома беше на врвот на табелата скоро цела прва полусезона. Но работите почнаа да се менуваат во јануари, благодарение на двата гола на Шева и победа среде Рим! Од тој момент па натаму, Милан почна да ја намалува разликата на табелата.
Недела, 2 мај 2004 година. Милан против Рома. Мечот започна под жешкото миланско сонце, а заврши со тежок дожд. Волшебното бразилско момче, Рики Кака, со неговиот препознатлив продор, успеа да се пробие по десната страна, по што со фантастичен центаршут успешно го пронајде Шева, кој маестрално биеше со главата за водство и ерупција на трибините. Сан Сиро грмеше! Во ваков напнат натпревар со резултатско значење, од исклучителна важност беше да се даде гол што порано, а Шева тоа го стори во првата минута! Некои росонери се сеќаваат на Галијани и неговото среќно палто, кое го носеше на натпреварот иако температурата налагаше полесна облека. Првото полувреме мина во знакот на Милан.
Во вториот дел, Рома започна да игра и да прикажува зошто сепак е лидер и најголемиот конкурент на Милан за титулата. Како се наближуваше крајот на мечот, тензијата на теренот се зголемуваше а дождот беше се посилен и посилен. Започнаа и првите контроверзии. Играчите на Рома сигнализираа играње со рака, но судијата Месина не реагираше, по што фановите на Рома почнаа да фрлаат бакљи и димни бомби на теренот. Капело и дел од играчите мораа да ги смируваат навивачите, за да може мечот да продолжи.
Покрај сите контраверзи и тензии, Милан со голот на Андриј Шевченко и брилијантната игра на Рики Кака, кој беше маестрален во текот на целата сезона, успеа да ја победи Рома и да ја обезбеди својата 17-та титула! За паметење ќе остане моментот по последниот свиреж на судијата Месина и радоста на Рики Кака, кој за прв пат ќе се појави со маичка “I belong to Jesus”, маичка која подоцна ќе стане составен елемент од прославите на Рикардо Кака!