Остануваат уште помалку од 10 дена до крајот на зимскиот трансфер период, а Милан е неспоредливо попасивен во споредба со лудото летно меркато. Иако во различни наврати Гатузо спомна дека побарал од менаџментот само да ги задржат играчите кои стигнаа летото, а спортскиот директор Мирабели изјави дека во овој преоден Милан нема во план да купува играчи, сепак повеќе медиуми го поврзуваат Милан со различни имиња.
На почетокот на овој месец, пишувавме за првичните трансфер шпекулации, за сега да направиме нов краток осврт на некои од таму споменатите играчи.
Најпрвин зборувавме за Арда Туран, и како што пренесе Депортиво Мундо, неговиот агент го понудил овој играч од средниот ред на Барселона на Милан. Меѓутоа, набргу потоа овие вести беа демантирани и турскиот интернационалец замина на позајмица во Истанбул Башакшехир.
Играчот кој излезе од школата на Милан Примавера, Брајан Кристанте беше исто така едно од потенцијалните засилувања за овој трансфер период. Тој на почетокот на оваа година од Бенфика замина на позајмица во Аталанта. Кристанте годинава е моторот на тој тим, постигна 9 гола, од кои 3 во Лига Европа, па оттука и логична е заинтересираноста на Милан да го врати во своите редови. Како што јавува Калчо Меркато, Брајан Кристанте сепак нема клаузула во договорот со Бенфика која би можеле Росонерите да ја активираат и да му го откупат договорот назад и се очекува на крајот на сезоната тој да потпише договор со Аталанта. Сепак, за овој играч интерес пројавуваат и Јувентус и Рома, но Милан се наоѓа во пол-позиција доколку се реши да го врати назад.
Газета дело Спорт извести дека Џерард Делуфеу ги информирал своите поранешни соиграчи дека сака да се врати назад во Милан и останува да видиме дали ќе се оствари неговата желба. Тој лани одигра одлична полусезона во Милан, а токму позицијата која ја игра, лев напаѓач, е најголемиот проблем на Милан во моментов.
Според спортскиот новинар Ди Марцо, поранешниот играч на Росонерите Пато, сака повторно да го облече црвено-црниот дрес и се понудил на Милан. Договорот со сегашниот негов клуб, кинескиот Тианјин, би бил замена со Калиниќ, меѓутоа се уште нема никаква официјална потврда од клубот.
Кон крајот на летниот трансфер период, Милан беше заинтересиран за потпишување на дуото од Џеноа: Пелегри и Салседо. Во периодот кој следеше, Милан оствари контакт со овие двајца играчи, но на крај се фокусираше само на Пелегри, кој требаше овој преоден рок да го облече дресот на Милан. Се чини дека сепак Мирабели и менаџментот се откажаа од неговите услуги во последен момент и го раскинаа договорот со неговиот агент. Сега Јувентус е најсериозен кандидат за добивање на потписот на овој млад играч на Џеноа.
Според Калчо Меркато, Милан бара алтернатива на Рикардо Родригез на левата бековска позиција и најсериозен кандидат за тоа е играчот на Вердер Бремен, Лудвиг Аугустинсон. Мирабели сака да доведе нов играч на оваа позиција бидејќи е се поизвесно дека Абате и Антонели ќе го напуштат клубот уште на лето.
Младиот хрватски играч од средниот ред на Истра, Антонио Миониќ е единствениот играч кој засега се приклучи на Милан во овој трансфер период. Од овој млад играч, кој има само 17 години, се очекува да прерасне во одличен играч за врска, а веќе го споредуваат во стилот на игра со Модриќ и Ракитиќ. Тој ќе се приклучи на тимот Милан Алиеви за играчи до 17 години.
Како последна вест поврзана за играчите кои може да го засилат Милан, стигна онаа од Франција. Малдиот француски играч од средниот ред на Бордо Орелиан Чуамени, или популарно наречен „новиот Погба“, би требало да стане дел од Милан веќе во Јуни. Договорот помеѓу двата клуба вклучива сума од 3,5 милиони евра и процент од следна продажба. Она што е интересно е дека повеќе клубови беа заинтересирани за овој играч, меѓу кои и Јувентус, но се чини дека Милан ја доби битката за обезбедување на неговиот потпис.
Што се однесува до заминувањата, еден од играчите кои беше речиси сигурно дека ќе го напушти милан е Густаво Гомез. Најсериозен кадидат за потпишување на овој играч беше Бока Јуниорс. Меѓутоа преговорите не одеа баш во насока како што посакуваа двата тима. Најпрвин, Бока Јуниорс беше заинтересирана за позајмица во износ од 500 илјади евра со можност за откупување на договорот, нешто што не му одговараше на Милан. Потоа, како што известија од Milannews, преговорите продолжија во насока на обавезно откупување на договорот на крајот на сезоната во износ од 5 милиони евра. Ова исто така не одговараше на Милан, бидејќи тие го ценат играчот на 10 милиони и беа спремни да прифатат и понуда од 8, нешто што беше премногу за Бока Јуниорс. Потоа опција беше откупување на договорот уште вендаш, но двата клуба не најдоа заеднички јазик и преговорите пропаднаа во целост. Според Скај, за овој играч покрај Бока Јуниорс, заинтересирани се и Селта Виго, Палмеирас, Фламенго и можеби најсериозниот кандидат во моментов, Фенербахче, чии претставници веќе имаа средба во Милано со челниците од клубот. Она што е сигурно е дека Густаво Гомез сака да има поголема минутажа и да замине клубот, останува да видиме дали тоа ќе се случи во овој преоден рок.
За Габриел Палета се зборува дека ќе го напушти Милан уште од летото. Тој добар дел од оваа полусезона играше за Милан Примавера и логично беше да се очекува да го напушти клубот. Единствен проблем е можеби високата плата која ја зема во Милан и ниеден клуб не е спремен да му ја понуди истата. Затоа, најверојатно тој ќе остане во Милан до јуни, кога му исекува и договорот, па ќе го напушти клубот како слободен играч.
Останати играчи кои би можеле да го напуштат Милан се Антонели и Занелато. Фудбал Италија пренесе дека Фиорентина е заинтересирана за Антонели и тој би прифатил да заигра за Виола, а последниот збор ќе го има сепак Милан, дали ќе се одлучи да го продаде или пак ќе го задржи овој играч бар до лето. Според Џанлука Ди Марцио, за Занелато е силно заинтересиран Кротоне. Како што известува тој, тренерот на Кротоне, Волтер Зенга гледа голем потенциал во младиот играч на Милан и сака да го доведе на позајмица во своите редови. Ваквото сценарио е возможно, бидејќи младиот играч нема многу простор за игра во Милан оваа сезона.