Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Во светот на спортот постојат многу големи клубови, легендарни играчи, бессмртни легенди. Така е и во фудбалот. Историјата на фудбалот памети вистински генијалци од рангот на Пеле, Еузебио, Марадона, Кројф, Платини, Малдини, Зидан или Роналдо. Ги живее и во моментов, преку Меси и Кристиано Роналдо. Фудбалот давал неповторливи колективи, неверојатни генерации на фудбалски волшебници во исто време на исто место, но и на генијални тренери. Сепак, никогаш и никој во историјата на врвниот фудбал, не успеал да остане толку долго непобеден како Непобедливите (Gli Invincibili).

Спортот и статистиката стануваат се поблиски, особено во модерно време, кога и обичните симпатизери сакаат да прочитаат по некој интересен статистички податок за својот тим, за противникот и за натпреварувањето. Секако, ги има и оние опседнатите со статистика. Веќе годината и месецот станаа прешироки поими, па успесите на тимовите се бројат во минути и секунди. Натпреварот кога некој играч постигнал гол најчесто е веќе познат податок, па следниот предизвик е да се знае точната минута. Но не мора да сте спортски фанатик за да знаете за успехот на Непобедливите.

Тоа е генерацијата на Ариго Саки и Фабио Капело. Саки ги создаде Бессмртните (Gli Immortali), најдобрата екипата во историјата на фудбалот, потврдено дури и со признание од УЕФА. Оттаму беше создаден и костурот на Непобедливите. Се почна со последното коло од сезоната 1990-91 и ремито без голови против Парма, со Саки се уште на клупата на Милан. Уште тоа лето, “ќелавиот” замина и ја превзеде репрезентацијата на Италија, а релативно непознатиот Капело беше тој што го замени и ја продолжи тукушто започнатата серија без пораз.

Тој Милан го постигна она што ниедна екипа во Италија претходно не успеала – да се освои Скудетото, без ниеден пораз во текот на сезоната. Единствено Перуџа остана непоразена цела сезона во 1978-79, но за чудо, тие тогаш го освоија само второто место, веднаш зад Милан, заради големиот број нерешени натпревари. Во сезоната 1991-92 Милан не играше во Купот на Шампионите заради казната од УЕФА од претходно, така што единствените два фронта беа Серие А и Купот на Италија. Во сите натпреварувања, екипата на Капело доживеа само еден пораз – во полуфиналето на Купот од Јувентус. Во Калчото, дури 24 победи и 12 нерешени натпревари и Скудето освоено со комотна предност пред конкурентите. Но, доминацијата на Милан таа сезона уште подобро ја опишува гол разликата на тимот од 53 гола. Цели 74 постигнати гола (за потсетување, тогаш во Италија се играа вкупно 34 кола, за разлика од денешните 38 кола), од кои 25 на Ван Бастен и со само 21 примен гол. На крајот на мај 1992, Милан ја заврши сезоната, а серијата броеше 35 натпревари и беше се уште жива.

Успехот донекаде беше и очекуван, особено кога ќе се погледне дефанзивата на Милан. Веројатно најдобрата задна линија во историјата на фудбалот беше под команда на еден неверојатен тактичар. Роси го имаше својот зенит на голот, а пред него беа Барези, Костакурта, Малдини и Тасоти. Албертини веќе беше одлична замена на позицијата на Анчелоти, а до него го имаше и Донадони. Холандското трио се уште беше активно и убиствено, а Фабио напред располагаше со Масаро, кој беше во врвна форма и младиот Марко Симоне.

Следната, 1992-93 сезона исто така беше шампионска за Милан во Италија. Но овојпат, фронтот беше поширок за Лигата на Шампионите (прва сезона по ребрендирањето од Купот на Шампионите). Во летото 1992, Милан се засили со неколку звучни и перспективни имиња. Дојдоа Папен од Марсеј, Бобан од Динамо Загреб, Савичевиќ од Црвена Ѕвезда, Еранио од Џенова, па и Лентини од Торино, кој, верувале или не, во тој момент беше најскапиот играч во светот со оглед на 13-те милиони фунти што Милан ги плати за него.

Папен повеќе од достојно го замени Ван Бастен, кој страдаше од повреди и заедно со искусните дефанзивци го одржуваа Милан непобедлив во првиот дел од сезоната. Предноста во Серие А постојано растеше, рундите во Лигата на Шампионите лесно се премостуваа, исто како и во Копа Италија. Барези во меѓувреме дури и го подигна трофејот во Суперкупот. Веќе беше март 1993, а серијата на Милан без пораз во Серие А стигна до неверојатната бројка од 58! Замислете, 39 победи и 19 нерешени натпревари во период од 22 месеци, распределени во 3 Калчо сезони.

И секако, секоја серија има свој крај, а Милановата го доживеа својот на 21 март 1993 година и тоа на Сан Сиро. Парма беше противникот со кого почна и заврши низата. Конечно се најде екипа која успеа да го победи Милан. Се зборува дека таа серија немаше за заврши уште долго време, ако судијата го досудеше очигледниот пенал над Папен на само неколку минути пред Асприља да го постигне победничкиот гол од слободен удар за Парма.

 

Сан Сиро тоа неделно попладне не тагуваше, туку славеше. Точно е, постоеше таа горчина дека бројчаникот ќе застане на 58 баш тој ден, но во тој момент се промовираше митот за Непобедливите. Бессмртните станаа Непобедливи! А за симболиката да биде уште поголема, Саки беше на Сан Сиро баш тој ден, на баш тој натпревар, каде беше планирано да прими плакета од клубот за неговите достигнувања.

Достигнувањето на Непобедливите е без свој пандан во најдобрата фудбалска петорка во Европа. Многу големи клубови пробуваа да се приближат на магичната бројка, но не успеваа. Арсеналовата златна генерација броеше до 49 своевремено и тоа втората најдолга серија без пораз во Петката. До ден денес, Италија не знае за пострашен колектив од Непобедливите. Јувентус се закани во 2011 и 2012, но не издржа – загуби во својот 44-ти натпревар и сепак остана далеку зад постигнувањето на момците на Капело. Тоа ги освежи сеќавањата на Росонерите и ја врати гордоста на успехот што ќе остане запишан со златни букви во богатата историја на Милан.

FORZA MILAN!