По уште еден нерешен резултат тренерот на Милан изјави дека е загрижен околу физичката спремност на неколку играчи, напоменувајки дека доколку тимот не може да постигне гол со двајца напаѓачи, вината можеби е и негова и на неговиот тренерски тим.
Откако Јувентус стави крај на победничката серија на 31-ви март, росонерите не успеаа да забележат ниту една победа. Синоќа, по четврти пат во низа, освоија само бод во мечот против Торино.
Миланезите гостуваа на Стадио Олимпико во Торино, каде по само две минути игра беше досуден пенал за домаќините. За среќа, Андреа Белоти беше непрецизен и ја погоди само пречката од голот на Донарума. Осум минути подоцна, фудбалската казна пристигна. Џакомо Бонавентура постигна прекрасен гол од околу дваесетина метри.
Во продолжението од мечот, играта беше изедначена. Малку вистински шанси за гол и на моменти здодевен фудбал. Но, играчите на Торино како да влегоа поодморени во финишот на мечот. Тоа вроди со плод во 70-тата минута кога Де Силвестри по асистенција на Љајич го матираше Донарума. Стрелецот на голот во 93-тата минута го доби својот втор жолт картон кој значеше исклучување, но тоа беше предоцна за Росонерите да сторат нешто повеќе.
После натпреварот, Рино Гатузо зборуваше со новинарите:
Се мачевме во последните дваесет минути. Направивме грешка при постигнувањето на голот на Де Силвестри. Зачестија ваквите мечеви. Уморни сме и не играме како што знаеме и умееме. Лесно можевме да го загубиме мечот, но исто така можевме и да го добиеме. Двајца напаѓачи? Доколку бев сигурен дека со двајца во нападот ќе постигнеме гол, секој меч би го играл со таква формација. Не смееме да губиме натпревари, но исто така мораме да имаме разбирање за тоа каква е состојбата на тимот и дали тој има сили за 90 минути.
Мораме да ги поправиме грешките и да продолжиме да растеме. На моменти кога ја имавме топката во посед се плашевме да не направиме грешка. Мора да бидеме похрабри, само така можеме да продолжиме напред. Во моментов, потребни се подобрувања при одредени ситуации во играта, особено при прекините. Мораме да се подобриме ментално. Сусо? Многупати сме биле сведоци како на играчи им биле давани различни задолженија на теренот. Доколку тие не успеат да се адаптираат на новата позиција, не преостанува ништо друго освен да ги вратиш на онаа позиција на која ќе придонесат најмногу.

Лига Европа? Мораме да се обидеме да го одбраниме местото кое води во Лига Европа. Знам каде бевме кога дојдов, внимателно ги бркавме конкурентите на табелата еден по еден и мораме да бидеме внимателни околу нашата позиција. Постигнувањето голови? Јас сум тренерот на овој клуб. Не сум спортски ниту извршен директор. Клубот купува играчи, а тренерот е тука да ги тренира. За мене, овие кои ги имам на располагање во моментов се најсилните на светот. Тоа што не постигнуваме голови можеби е моја грешка, или пак грешка на мојот тренерски тим
Мојата досегашна работа? Неблагодарно е самиот да ја оценувам мојата работа. Тренирам славен клуб кој поминува низ тежок период. Морам да им се заблагодарам на професионалниот однос на момците од тимот. Ова е тим кој игра во Европа и мораме да продолжиме да растеме меч по меч. Мораме да се сконцентрираме на она што не очекува до крајот, пет меча во Серија А и финалето на купот. Потоа ќе извлекуваме заклучоци.
На крајот тренерот даде изјава за состојбата на повредените играчи:
Бонучи има проблеми со мускулот и неговата состојба ќе се следи наредните денови. Се надевам дека со Биглиа се е во најдобар ред. Не го имавме ниту Чалханоглу на располагање за мечот против Торино. Со Калабрија сме многу внимателни. Постојано губиме играчи на 10-15 дена, тоа е нешто кое не смееме да си го дозволиме.