Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По нерешениот резултат на гости кај Торино, кој е трет нерешен резултат во низа, момците на Рино Гатузо го дочекуваат фенерџијата Беневенто. Мечот е од исклучителна важност за Милан, кој е во борба за зацврстување на позицијата која води кон Лига Европа наредната сезона. Традиционално, како и пред секој натпревар, тренерот Рино Гатузо оддржа прес-конференција, на која проговори за нашиот следен меч, за Де Зерби, како и за Лига Европа.

 

Беневенто е тим кој нема што да загуби и игра навистина добар фудбал. Ако ние не одиграме со правилниот ментален склоп, ќе се мачиме во текот на целиот натпревар. Потребно е да играме со желба и решителност, бидејќи ова е натпревар кој мора да го добиеме. Со Де Зерби веќе се имаме сретнато, во Серие Ц. Тој сака да игра напаѓачки фудбал и има навистина одлични идеи. Ми се допаѓа неговиот стил, тој е добро подготвен тренер.

 

Аталанта, Фиорентина и Сампдорија се директни конкуренти за нашата главна цел – пласман во Лига Европа. Но, ние мора да се фокусираме само на нас и да размислуваме како да ја одработиме својата работа и при тоа да не заборавиме каде бевме пред неколку месеци. Скоро месец дена како немаме победено, па мислам дека навистина е време, бидејќи мора да се вратиме на победничките патеки. Монтоливо или Локатели не се виновни за примениот гол против Торино.Тоа не беше проблемот. Проблемот беше тоа што не бевме опасни кога ја имавме топката во наш посед. Ние играме добро при креирање на шансите и креираме многу, со исклучок на последниот натпревар против Торино.

 

Лига Европа е навистина важно натпреварување. Милан мора да игра во европско натпреварување. Дефинитивно е подобро да се биде 6ти отколку 7ми, бидејќи ќе биде добро да се избегнат прелиминарните рунди. Црвено-црниот дрес на Милан со себе носи голема одговорност. Биглиа е важен играч кој ни нуди рамнотежа во тимот и секогаш помага во одбраната. Локатели може да игра на повеќе различни позиции во средниот ред. Кутроне како крило може да биде добра алтернатива. Ќе видиме. Патрик можеби ќе биде стартер утре, но не на крилната позиција. За Калабрија и Чалханоглу, ќе одлучиме утре. Хакан и Давиде би требало да бидат спремни. Во минатото, превземавме одредени ризици со Калабрија и тоа не се заврши добро. Затоа и се одлучивме да не ја направме истата грешка на мечот со Торино.