Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Беше тоа ера на градските ривали. Добија две Калчо титули на зелена маса, а потоа уште три на терен. Теоретски гледано, тоа беа пет сезони во кои Интер владееше со италијанскиот фудбал. Дури успеа да го премине и Милан по бројот на освоени скудета. Сино-црните го достигнаа својот зенит со тројната круна во мај 2010 година. И кога се очекуваше нова, релативно лесна домашна титула, се случи прествртот. Интер не загуби значајни играчи, но го загуби водачот, нивниот вистински лидер и инспиратор на успесите – тренерот Жозе Мурињо.

На другата страна од Милано, Адриано Галијани коваше план за промена на состојбите во Серие А. Иако од самиот старт не ветуваше многу, особено по ангажманот на релативно неискусниот Масимилиано Алегри како тренер на Милан. Трансфер периодот почна скромно, со Марко Амелиа и Марио Јепес, како директни замени за Дида и Фавали. Следуваше трансфер на, во тој момент, непознатиот грк Сократис Папастатопулос од Џенова, па уште на неколку младинци, меѓу кои и Родни Страсер и Намди Одуамади. Но Милан не успеа да победи ниту една од подготвителните натпревар во нивниот регуларен дел. Победите над Панатинаикос и Јувентус на пенали не даваа никаква надеж дека Милан би можел до некаква титула на крајот на сезоната. Но, на неполна недела пред истекот на трансфер периодот, проструи веста дека Ариедо Браида разговарал со Барселона околу ангажман на Златан Ибрахимовиќ. Тоа повеќе делуваше како “пуста желба” на црвено-црните навивачи, отколку како реалност. Ибра имаше проблем со Пеп Гвардиола и тоа го знаеше цела Европа, но делуваше дека швеѓанецот и покрај тоа е решен да освои европски трофеј со каталонците. По неколку дена Галијани потврди дека Златан навистина би можел во Милано, за на 29-ти август трансферот да се официјализира. Самиот потег беше голем меркато потрес, но уште повеќе одекна веста дека Милан го добил Ибра на заем со опција за откуп за смешни 24 милиони евра. На последниот ден од трансфер пазарот, од таа година попознат како “Денот на Кондорот”, се случи уште еден голем трансфер – Робињо од Манчестер Сити во Милан за 18 милиони евра. И уште еден трансфер потег ќе се покаже како клучен, иако за него не се дигна скоро никаква прашина, со оглед на анонимноста на офанзивниот везњак од Гана, Кевин Принс Боатенг. Силвио Берлускони финансираше, а Адриано Галијани формираше напад од соништата: Робињо, Ибра, Пато и Роналдињо или познати како “poker d’assi”. Освен нив четвортица, тренерот Алегри во нападот го имаше и легендарниот Пипо Инзаги. Звучи неверојатно од денешна дистанца, нели?

Милан влезе во Серие А со убава и убедлива победа над Лече со 4-0, но тоа што следуваше сериозно ги олади росонерите. Три натпревари без победа против релативно лесни противници. Но Милан имаше состав за големи дострели и таа лоша серија, едноставно не можеше да трае предолго. Момците на Алегри почнаа да победуваат и од тој момент, па се до крајот на годината имаа скор од 10 победи, 1 реми и 2 порази. Ибра проработе, посигна 9 гола во 13 натпревари, но имаше одлична поддршка од Пато, Боатенг, но пред се од Робињо. Сепак, швеѓанецот беше главна тема на полусезоната. Милан од јавноста беше оквалификуван дури и како премногу зависен од Златан и тимот беше нарекуван “Ibra-dependent”. Тоа до некаде беше вистина, но поточно од тоа беше дека тоа делуваше како вистинска екипа, како вистинска машина. Играчи кои дотогоаш беа само просечни фудбалери или статисти во тимот, добија улоги на носители. Веројатно најзабележлив беше напредокот на Абате. Во тој период, Абате беше еден од најдобрите десни бекови во Европа, а Лука Антонини и Матју Фламини ги играа најдобрите сезони во своите кариери. Ништо помалку добар не беше ни стоперскиот тандем. Неста и Тиаго Силва беа вистински ѕид. Во 38 кола, одбраната прими неверојатни 24 гола.

Згора на се, во јануари на клубот му се приклучија Марк ван Бомел, Урби Емануелсон и Антонио Касано. Милан даде до знаење дека нема да дозволи некој да му ги помеша плановите за долгоочекуваното Скудето. Клубот продолжи во сличен ритам и во пролетниот дел од сезоната. Таканаречената зависност на Милан од Ибра опадна, на сметка на офанзивниот придонес на Касано и Пато. Сидорф и Гатузо исто така одиграа полусезона од соништата, а Абиати беше најконстантниот и играчот со најмногу настапи во целата сезона.

Интер беше единствената екипа што проба да држи приклучок со Милан. Сето тоа траеше до 2 април 2011 и Дербито на Милано. А таму, една од највпечатливите победи во поновата историја на градските дербиа. Пато уште по 30-тина секунди го разби ривалот, за потоа уште еднаш да погоди во второто полувреме. Касано од пенал во последната минута го завери убедливиот триумф, но поважно скоро и да ја осигура титулата. Милан предводен од Алегри делуваше толку можно и слободно, што како од шала ги доби следните четири натпревари после Дербито. Останаа уште три кола, но Милан доби прилика и математички да ја осигура титулата во Рим, на Олимпико, против Рома.

Магична ноќ, една од најубавите за секој еден росонер. Ја немаше тензијата од Истанбул или Атина, ниту пак од Сан Сиро од 2004-тата. Се делуваше некако поизвесно, посмирено и потечно. Милан се потруди, колку да остане непоразен. Емидио Морганти означи крај на мирољубивото реми, а тогаш, емотивна експлозија – Милан е шампион на Италија! По 18-ти пат на врвот! За дел од помладите росонери, единствената жива меморија за освоено Скудето.

Се славеше долго во Рим таа ноќ. Ја славевме и ние преку ТВ, а потоа и со по некоја свирка од кола низ град и шал со црвено-црна боја. Ни остана драго тоа 18-то Скудето, иако веќе седум години сакаме да замениме тој беџ со повисока бројка на него. Ќе имавме таква прилика уште следната сезона, ако не се случеше потегот кој можеби го промени текот на фудбалот во Италија – голот на Мунтари. Но за тоа во друга прилика. Сега ни останува да се надеваме дека оној што ја водеше прославата таа долга мајска ноќ, како предводник од клупата, ќе успее да го разбуди гигантот, да го врати шампионскиот дух и уште веќе следната сезона, Милан да атакува на 19-тата значка со италијанското знаме.

FORZA GRANDE MILAN!