Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Во овој TBT, нема да се навратиме многу далеку, туку ќе се потсетиме на последните неколку сезони од натпреварите помеѓу Милан и Јувентус, попознати како “Вистинското Дерби на Италија”.

Сезоната 2015/16 беше само една од оние нулти години за Милан, каде на почетокот на сезоната требаше да се почне од нула. Иако оние помалкузначајни натпревари успеа да ги добие, сепак тимот ја губеше битката во големите дерби натпревари.

Таков случај беше првото дерби против Јувентус. На голот на “старата дама” стоеше ветеранот Џанлуиџи Буфон, додека пак на другата страна стоеше едно младо момче со истото име, но со многу малку искуство. За жал, Дибала беше фудбалерот кој успеа да го пробие тврдиот бедем на мрежата на Милан. Следното дерби, кое се одвиваше на Сан Сиро, исто така, не успеа да донесе некое преголемо изненадување. Алекс го доведе во водство домашниот тим, но гостите успеаја да направат целосен пресврт преку головите на Манџукиќ и Погба, заминувајќи од Милано со нови три бода на своето конто.

Сезоната ја завршува со болниот пораз во финалето на Купот на Италија. Под водство на Кристијан Броки, Милан беше поеднаков противник во поголемиот дел на финалето, но надежта за пенал-рулет беше скршена од страна на Мората, нанесувајќи му незаслужен и доста болен пораз на Милан. Со седмото место на табелата на Серија А, тие повторно пропуштија шанса за Европско лето, тогаш веќе трета година по ред.

Таквиот развој на настаните значеше дека нешто мора да се смени. Како тренер беше назначен Монтела, а за да му се овозможи полесна работа, беа доведени Џанлука Лападула, Леонел Ванхиони, Густаво Гомез и Хозе Соса. Како нивна поддршка, на позајмица пристигнаа Марио Пашалиќ, Матијас Фернандез, а доста помогна и враќањето на Сусо од позајмицата во Џенова.

Повторно почнување од почеток, од нула. Нов тренер, неколку нови фудбалери, нови тактики, но сепак истите проблеми.  Големите очекувања срушени уште на самиот почеток. Новиот Милан покорен од Наполи на самиот старт, и доколку тоа не беше некое големо изненадување – она што беше, се поразите од тимови како Удинезе (дури во два наврати), Џенова, Сампдорија, па дури и Емполи. И покрај проблемите, вистинскиот тест беше првото дерби против Јувентус.

Во текот на годините, името на фаворитот во Дербито често се менувал. Неколку сезони станувало збор за Јувентус, неколку за Милан, но и покрај тоа, факторот изненадување секогаш бил во игра. Како чист пример за тоа може да се посочи баш оној натпревар на Сан Сиро од 2016 година, каде како голем јунак се прослави младиот Мануел Локатели постигнувајќи еден маестрален победоносен гол. Оваа победа на росонерите беше од големо значење по моралот на тимот, особено поради тоа што беше покорен големиот Јувентус – оној Јувентус, кој е незапирлив во Италија последниве неколку години. Но, тоа не беше се. Кулуминацијата стигна само два месеца потоа, откако се оствари значајната победа во Италијанскиот Супер Куп. Милан конечно освои познајачна титула.

“Милан се враќа?”, “Милан е повторно првак во нешто”, беа наслови го одбележаа овој настан. Сепак, таа сезона беше се, освен “розова”. За жал, во еден доста трауматичен и напорен за гледање натпревар, Јувентус во последен момент ја украде победата, па Милан во случајов, остана со празни раце. Бенатија го постигна водечкиот гол за “црно-белите”, по што после одличната акција на Деулофеу, Милан изедначи преку Бака. Со неколку стативи, пречки, па и одбрани на Донарума, играта остана отворена. Но, сепак притисокот од дербито беше преголем, па една контроверзна одлука на судијата во судиското надокнадување го смени крајот на натпреварот.

Погледнувајќи назад само две сезони и судејќи по текот и развој на настаните, дефинитивно може да се заклучи дека викендов нѐ очекува уште едно ново и возбудливо дерби. Особено поради фактот што сезонава, амбициите на Милан се многу поголеми од оние од изминатите сезони. “Росонерите” не знаат за пораз оваа 2018 година во рамките на Серија А, па така се покажа дека тимот, под водство на новиот стратег и голем борец Џенаро Гатузо, едноставно може сѐ.

Како досега, одиме на сѐ или ништо и овој пат. FORZA MILAN!