Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Повиканите Росонери од своите национални селекции ги одиграа и вторите натпревари предвидени за оваа репрезентративна пауза и сега можат комплетно да се посветат на дербито што следува во сабота против Јувентус во Торино.

Најинтересно беше во Лондон, каде на Вембли, Италија одигра нерешено во мечот со Англија, со резултат од 1-1. Леонардо Бонучи и Џанлуиџи Донарума го одиграа целиот натпревар за Азурите. Нашиот капитен уште еднаш покажа дека е неприкосновен во тој дел од теренот и воедно најдобар штопер кој го има италијанската репрезентација. Донарума се’ повеќе оддава впечаток на голман кој е дораснат на задачата да биде стартер и ги оправдува очекувањата како најдобар и најперспективен млад голман во светот. Впрочем, и тренерот на Азурите, Ди Биаџо, после мечот изјави дека очекува отпочнување на една нова ера за Италија со Донарума на голот. Одбраната функционираше одлично и покрај примениот гол, одбивајќи ги нападите на домаќините во текот на целиот меч. Тоа што Гатузо успеа да го направи во Милан, се преслукува и во репрезентацијата, соработката и синергијата помеѓу нашите играчи од последната линија одлична. Со враќање на Алесио Ромањоли од повредата, одбраната сигурно ќе биде уште посигурна и стабилна. Она што е сигурно е дека долгогодишниот владетел помеѓу стативите на Италија, Џанлуиџи Буфон, може да биде горд дека за наследници ги има овие двајца фудбалери, едниот како лидер и нов капитен на Италија, а другиот како голман за следните две децении.

Од друга страна пак, средниот ред и нападот изгледаа доста стерилно и безидејно. Оттука е нејасно зошто Ди Биаџо повторно се одлучи да го остави Џакомо Бонавентура на клупата и во вториот врзан натпревар на репрезентацијата. Тој го има потребното искуство и во повеќе наврати има покажано дека може да биде креативецот што и фали на Италија во моментов, но и џокерот кој ќе погоди кога е најпотрено. Уште една нејасна одлука е изоставањето и на Патрик Кутроне. Тој досега постигна 15 погодоци за Милан и сигурно е еден од најдобрите млади напаѓачи во светот.

Португалија на нашиот Андре Силва загуби од 3-0 на домашен терен против потценетата Холандија. Генерално, бледо издание на актуелниот европски шампион во овој натпревар на секој дел од теренот, на што укажува и фактот дека Кристијано Роналдо не забележал ниту еден шут на противничкиот гол. Андре Силва го одига второто полувреме, но без некоја посериозна шанса и употреблива топка кон него.

Бледо издание и на еден од најголемите фаворите за освојување на светското првенство во Русија, Аргентина. Тие примија дури 6 гола од црвената фурија, а постигнаа само еден. Лукас Биглиа го одигра целиот натпревар, со што покажува дека е незаменлива алка во средниот ред на Аргентина.

Хакан Чалханоглу одигра 69 минути за Турција во ремито против Црна Гора од 2-2. Тој продолжува со одличните игри и беше креатор на вториот гол, со одлична асистенција упатена кон Јокушлу.

Кристиан Запата го одигра целиот натпревар за Колумбија во ремито без голови против Австралија. Тој сигурно е најдобриот штопер кој го има Колумбија и еден од главните виновници поради кој неговата репрезентација не прими гол. Слично на него, и Густаво Гомез го одигра целиот натпревар за Парагвај во поразот на неговата репрезентација од 1-0 против селекцијата на САД.

Рикардо Родригез и Френк Кеси овој пат останаа на клупата за резерви на своите репрезентации. Швајцарија рутински ја победи Панама со резултат од 6-0, а Брегот на Слоновата Коска ја победи Молдавија со резултат од 2-1. Никола Калиниќ како и што беше најавено, се врати во Милано за да може да се посвети на Дербито против Јувентус во сабота и не беше во составот на хрватската репрезентација.