Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Четврток, ден пред почетокот на викендот и ден наменет за сеќавање. За фановите на Милан, ова е шанса да се потсетат на едно поубаво време, каде нивната екипа беше движечка сила во светот на фудбалот. За денес, се решив да пишувам за еден специјален играч. Денес, ќе се потсетиме на Супер Пипо!

Филипо Инзаги е играч кој можете да го сакате, можете да го мразите, но дефинитивно не можете да останете рамнодушни кон него. За некои, Пипо не беше играчот за кого сите навиваа. Тој беше далеку од “вистинскиот” тип на напаѓач и фактот дека тој успеа сето тоа да го искористи во своја полза, беше иритантно за многумина. Филипо беше далеку од оние екстравагандни напаѓачи кои често ги гледавме на фудбалските терени. Неговата харизма беше навистина чудна, една енигма, спакувана во повеќе слоеви, како руската кукла Матриошка. Оние кои беа на неговата страна, ги гледаа работите малку поинаку. За многумина тој беше вистински мајстор кој секогаш успеваше да ја привлече топката кон себе во шеснаесетникот и успеваше маестрално и со невидена леснотија да маневрира помеѓу најдобрите одбранбени играчи во светот. Да се каже дека Пипо беше само “лисица во шеснаесетникот” е помалку навредба, бидејќи всушност тој беше многу повеќе од тоа.

Но, пред овие дебати да станат навистина жешка тема во светот на фудбалот, Супер Пипо мораше да започне во една од најтешките фудбалски околини во светот. Откако ги помина младинските категории во Пјаченца, тој доби и шанса во првиот тим, со своите 18 години, да му помогне на тимот во борбата за опстанок во Сериа А. По неколку авантури во Албинолефе и Верона, Пипо се врати назад во својот матичен клуб, каде со своите 15 гола му помогна на својот тим да ја освои Сериа Б и да се пласира во најсилното италијанско натпреварување. По ова следеше трансфер во Парма, каде Инзаги не се снајде најдобро, па беше принуден да замине во Аталанта. Таму, Пипо го направи првиот блесок и во сезоната 1996/97, стана најдобриот стрелец во Сериа А со постигнати 24 гола.

Ваквата, до тој момент најдобра сезона на Пипо го привлече вниманието на големите екипи, а најбрз беше Јувентус кој успеа да го доведе Филипо Инзаги во своите редови. Пипо во Торино остана 4 сезони каде на 120 натпревари постигна 57 голови, а со тоа и се стави себеси на светската фудбалска мапа, како еден од најопасните напаѓачи во Европа. Иако зад себе имаше одлични бројки, Инзаги почна да го губи местото во тимот, особено по доаѓањето на Давид Трезеге во Јувентус. Во таа мешаница, најприсебен беше Милан кои веднаш реагираше и успеа да го донесе “отпадокот од Јуве” во своите редови.

Потегот на Милан се покажа како вистински, бидејќи токму “отпадокот од Јувентус” беше дел од тимот на Милан, кој во 2003 година, во финалето на Лигата на Шампионите, успеа да го совлада Јувентус и да ја донесе 6-тата титула на Милан во ова престижно европско натпреварување. Може слободно да се каже дека Лигата на Шампионите беше омиленото натпреварување на Пипо, каде се чувствуваше како дома. Бројките го докажуваат истото – 46 гола (50, вклучувајќи ги и квалификациите) во Лигата на Шампионите, од кои дури 31 во црвено-црниот дрес на Милан. Поимпресивен е фактот дека Супер Пипо е најдобриот италијански стрелец во Лигата на Шампионите на сите времиња.

Покрај Лигата на Шампионите, Супер Пипо покажа и докажа дека може да игра и во други натпреварувања, а доказ за тоа се 7 гола во Интертото Купот, 10 гола во УЕФА Купот, 2 гола во Купот на Победниците на Куповите и еден гол во Европскиот Супер Куп. Па така, иако веќе неколку години како престана да игра фудбал, Супер Пипо се уште го држи 4-тото место во листата на најдобрите стрелци на сите времиња во рамките на УЕФА натпреварувањата, со вкупно постигнати 70 гола! Неговите, можеби најважни голови беа во финалето од Лигата на Шампионите, во сезоната 2006/07, каде Милан успеа да го победи Ливерпул и да се одмазди за поразот во 2005 година, а Филипо Инзаги беше двоен стрелец  во тој натпревар и на својот тим му ја донесе рекордната 7-ма титула во европската елита. Неговиот гол постигнат со грб (!), до ден денес се дискутира во светот на фудбалот, како еден од најбизарните, а воедно најважните голови во историјата на светскиот фудбал.

 

Својата репутација ја заработи најмногу поради својата подготовка пред натпреварите, својот студиозен пристап кон секој противник. Неговиот поранешен соиграч од Милан, Џенаро Гатузо, токму за оваа негова карактеристика, ќе изјави:

Инзаги имаше навика да гледа видеа од противниците и да ги студира нивните движења со денови. Тој знаеше се за нив. Тој беше навистина опседнат со тоа. Многумина мислеа дека Пипо има среќа, но тоа немаше никаква врска со среќа – тоа беше благодарение на неговата вештина и неговата подготовка пред натпреварите. Се сеќавам, тој и на тренинзите се љутеше на своите соиграчи на крилните позиции, кога нема да успеат да испратат добра топка кон него.

Секако, тој не беше само добар гол играч, туку знаеше како да се постави на вистинската позиција, во вистинското време. Покрај тоа што успеваше да ги измачува одбранбените играчи и голманите, тој беше ноќна мора за сите линиски судии. Не беше никаква тајна дека Господин Офсајд уживаше да “живее” опасно на грбот на последниот одбранбен играч, се со цел да ги зголеми своите шанси за гол. Големиот Сер Алекс Фергусон, во една прилика ќе изјави:

Овој човек мора да бил роден во офсајд!

Пипо беше навистина специјален лик, кој внесе боја и живот во овој спорт и го направи интересен за гледање. Да се гледа Пипо беше секогаш авантура, бидејќи никој никогаш не знаеше што следно ќе направи за да постигне гол. Тој во една прилика изјави:

Ако не си роден Роналдо или Кака, се уште имаш шанси да станеш голем играч, преку посветеност, смиреност, упорност и љубов кон она што го правиш.

 

Оваа негова изјава буквално го опишува Пипо Инзаги. Тој го обожаваше фудбалот до самата срж. Секако, тој е антипод на сликата за еден напаѓач од светска класа, но Пипо ја покори Европа со својата упорност, посветеност и љубов кон фудбалот. Неговиот финиш на фудбалската кариера беше подеднакво спектакуларен како и целата негова кариера. Во мечот против Новара, на Сан Сиро, токму Супер Пипо беше стрелец на победничкиот гол за Милан, додека пак публиката, играчите, дури и главниот судија, му дадоа громогласен аплауз и го поздравија за последен пат на зелениот терен. По натпреварот, како еден последен поздрав кон фановите, тој напиша:

Мора да се разделиме сега, бидејќи таков е животот и бидејќи сега е вистинското време за тоа. Вие го знаете истото како и јас.