Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Милан во саботата на Сан Сиро го доживеа најголемиот срам во поновата историја, пораз од последно пласираниот Беневенто на домашен терен од 0-1. Во првиот натпревар, токму против Милан, Беневенто ги освои првите бодови во Серија А, со гол на голманот Брињоли во последните секунди од мечот, а сега и уште две нови достигнувања: Милан е единствениот тим кој нема постигнато гол во еден натпревар против Беневенто, а во исто време, ова беше и првата победа која Беневенто ја забележува на гостински терен. Епа што е многу, многу е.

Без разлика на поседот на топката, стариот проблем на Милан никако да се реши и повторно актуелен, нападот неефикасен, средината и везниот ред неинвентивни, одбраната конфузна. Сето ова придонесе за еден ваков исход во кој ретко кој веруваше, посебно откако изгледаше дека Милан под водство на Гатузо ги консолидираше своите редови. Меѓутоа, борбата на три фронта очигледно беше премногу за Милан оваа сезона. Очигледен е заморот кај повеќе играчи, а кратката клупа си го чини своето. Поради повреда, Чалханоглу не беше достапен за тимот на Гатузо, а тој се одлучи и Сусо да го остави на клупата за резерви, па од почетокот на натпреварот место него стартуваше Борини. Очигледно беше нивното отсуство во креирањето на шансите пред голот на Пуџони.

Милан натпреварот за прв пат сезонава го започна во формација 4-4-2, со двајца напаѓачи, Андре Силва и Кутроне, што ветуваше напаѓачки фудбал. Натпреварот започна добро за Милан, кога Борини со ниска топка го пронаде Андре Силва во шеснаесетникот на Беневенто, но потругалскиот интернационалец при обидот за волеј ја промаши топката. Само 11 минути подоцна, Рикардо Родригез за малку не постигна бизарен автогол. Тој сакајќи да му ја врати топката на Донарума, скоро и да ја затресе сопствената мрежа, но младиот голман со крајни напори успеа да ја извади топката од гол линијата.

Во 29-тата минута, шок и неверување на Сан Сиро: Пјетро Јемело постигнува гол за водство на Беневенто! Тој се проби помеѓу Запата и Родригез, шутираше под Донарума и донесе предност на својот тим. Се чини Леонардо Бонучи дека каснеше со офсајт замката и по прегледаната ВАР снимка, голот беше признат, иако изгледаше како чист офсајд. Само 5 минути подоцна, Френк Кеси го пронајде Кутроне во шеснаесетникот на Беневенто, но и тој не успеа да погоди. До крајот на полувремето се закани Бонавентура од далечина, а Кристиан Пуџони успеа да го скроти и овој удар.

На почетокот на второто полувреме, Сусо го замени Борини по десната страна и се очекуваше Милан да тргне со сите сили кон пресврт, но залудно. Росонерите се заканија прво преку Кеси, а потоа и преку Џек од далечина. Сепак, ова беше ден на голманот на Беневенто кој успеа да ја зачува својата мрежа. Во 62-рата минута, на теренот место Андре Силва влезе Никола Калиниќ, кој буквално беше невидлив до самиот крај на натпреварот. До крајот на натпреварот, Беневенто се закани уште еднаш со удар на Никола Виола од 25 метри кој за среќа беше непрецизен.

Последните 10 минути, Беневенто ги заврши со 10 играчи, откако Диабате направи груб старт над Бонучи, удирајќи го со рака во лицето и заслужено доби втор жолт картон. Меѓутоа, и покрај предноста од еден играч, Милан не успеа да создаде посериозна шанса до крајот на натпреварот и резултатот на семафорот беше засрамувачи Милан 0, а Беневенто 1.

Можеби најмеморабилни слики се токму овие, кога Патрик Кутроне и Лео Бонучи, пред оние најверните навивачи од јужната трибина, со солзи во очите им упатуваат извинување за прикажаната игра и резултатот. На крајот цел стадион упати свирежи кон играчите, а тие свесни што направија не им преостана ништо друго, туку само да ги отпоздрават со главата надолу. Фановите секако не го заслужија ова, Курва Суд е на висина на задачата цела сезона, пружајќи им максимална поддршка на секој натпревар, било дома или гости, Италија или било каде низ Европа.

Можеби наивно беше во првата година од реконструкцијата на тимот да очекуваме некој посериозен успех, но сигурно пораз од последно пласираниот Беневенто на домашен терен не беше дел од агендата на новото раководство. Тие ќе треба напорно да работат и да анализираат што се случи и што тргна узбрдо оваа година и веќе мислите да бидат насочени кон летниот преоден рок, да повлечат вистински потези и Милан да се врати онаму каде му е местото, во елитата на италијанскиот и европскиот фудбал.

Правеќи некоја ретроспектива, од сегашна гледна точка, пласманот на Милан и не е толку изненадувачи. Раководството на црвено-црните направи целосна промена на тимот, со дури 7 нови првотимци, вкупно 11 играчи, од кои некои ги оправдаа очекувањата, а некои не што е за очекување. Потрошените 250 милиони, колку год звучеле многу, во денешно време за таква обемна реконструкција треба доста повеќе. Само Нејмар чинеше 220 милиони, Мбапе 130 милиони, Кутињо, Погба, Игуаин, Беил по 100 милиони, Ван Дијк и Лукаку 85 милиони. Доколку претходното раководство на Милан не запреше со инвестици во 2012 година и редовно колку-толку вложуваше во играчкиот кадар, сега со овие 250 милиони ќе пеевме друга песна. Но, реално тимот на Милан беше таков каде 4-5 играчи беа вредни и достојни за Милан кој атакува на највисоките места во Серија А.

Можеби пласманот во Лига Шампиони беше пресуден што не донесовме повеќе докажани и звучни имиња. Може неискуството на тренерите исто одигра улога во крајниот исход. На овие „можеби“ веројатно никогаш нема да добиеме одговор, но она што е сигурно е дека мрднавме од „мртва точка“ и има изгледи кон подобра иднина. Но, мораме да останеме смирени, трпеливи и да веруваме во проетот Милан, впрочем и самиот Јонгхонг Ли на повеќе наврати не уверуваше во тоа. Па ниту Рим не бил изграден за еден ден.

DOPO ISTANBUL, C’È SEMPRE ATENA! FORZA MILAN!