Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Да постигнеш многу големи работи, а да бидеш запаметен само по една е навистина неблагодарно. Многу фудбалери влегуваат во оваа категорија, во која играчите продуцираат брилијатни работи на теренот, но се запаметени само по еден единствен момент. Денис Беркамп со голот против Аргентина на Светското во 1998, како и голот на Зидан во финалето против Леверкузен се баш такви моменти. Но денес, ќе зборуваме за еден друг играч, кој го искористи таквиот момент за да му покаже на светот за каков гениј станува збор. Денес ќе се присетиме на Дејан Савичевиќ!

Левоногиот фудбалер, кој израсна на бетонските терени во Подгорица, во светот на фудбалот секогаш ќе биде запаметен по неговото издание на олимпискиот стадион во Атина, на 18-ти мај, 1994 година. Таа вечер му обезбеди билет за фудбалска бесмртност. За жал, сите тие брилијантни дриблинзи, фантастични потези и прекрасни голови во изминатите 11 години, отидоа во заборав.

Беше тоа меч против Барселона, европските шампиони од 1992 година, предводени од Јохан Кројф, креаторот на “Дрим Тимот” и човекот кој го смени правецот на фудбалското движење на каталонскиот клуб. Барселона беа огромни фаворити во тоа финале, во кое сите очекуваа да го прегазат веќе отпишаниот состав на Фабио Капело. Дополнително, самиот Кројф пред финалето позираше со копија на трофејот, алудирајќи дека мечот е веќе готов.

Во текот на претходните 2 години, по трансферот на Савичевиќ од Црвена Ѕвезда во Милан, многу работи го успорија прогресот на југословенскиот интернационалец. Првата причина беше клаузулата за странци во Италија. Во тој момент на сила беше правило кои дозволуваше да се има само тројца странци во тимот, а Милан по доаѓањето на Савичевиќ броеше дури шест. Поради ова, Савичевиќ мораше да ја чека својата шанса за да заигра заедно со ѕвездите Ван Бастен, Рајкард и останатите. Но, ако се размисли подобро, терминот “чека” можеби е и неточен. Темпераментен и тврдоглав, Дејо (неговиот прекар уште од времето во Црвена Ѕвезда) не беше познат по своето трпение. Неговата прва посериозна расправија со Капело беше во зимата 1992 пред натпреварот со Андерлехт во Лигата на Шампионите. Савичевиќ дознал дека ќе патува со тимот во Брисел, но како резервен играч.

Дојдов во Милан како оформен играч со освоена титула во Лигата на Шампионите, јас не сум било кој. Ако нема да играм, јас не би патувал во Брисел.”

Првите две сезони на Дејо во Милан беа турбулентни – еден коктел од брилијантност и често отсуство. Медиумите имаа измешан однос кон него, еден ден пофалби а веќе другиот ден критики. Во изјава за српскиот неделен магазин “Време”, години подоцна, Дејо изјави:

Полн стадион, полно навивачи… Тоа е она што ме мотивира. И обратно, веднаш штом видам незаинтересирани навивачи и не добијам реакција од трибините, јас се повлекувам исто така. Таквите ситуации беа негативни за мене.’

Според оваа изјава, луѓето не требало да бидат изненадени од неговиот настап во Атина. Пред полн стадион, пред 70,000 гледачи на трибините, атмосферата беше фантастична. Фановите на Милан дојдоа во Атина во големи бројки, надевајќи се на титула во 5-ти пат во својата историја. Веднаш, по првиот свиреж на судијата, Савичевиќ како да навести дека ова ќе биде негова вечер. Тој прими топка на ивицата од шеснаесетникот, иако го нападнаа двајца играчи на Барселона, Дејо со едноставен допир со петицата, успеа да ги исфрли од игра и да го натера Роналд Куман да го фаулира.

Савичевиќ беше насекаде. Лево, десно и многу често по средина, за да отвори простор за Масаро. Таа вечер, тој трчаше како никогаш до сега. Дури и Капело по натпреварот изјави дека до сега не виде така комплетен настап на црногорецот. Комплетен, бидејќи на многу претходни натпревари, Дејо не сакаше да трча многу. По неколку пристојни напади на Барселона, Бобан освои една топка и веднаш му ја проследи на Савичевиќ, кој со одличен прв допир го совлада Надал и дојде на 5 метри од голот на Зубизарета. Во тој момент, Дејо ги изненади сите, вклучувајќи ги и своите соиграчи и навивачи. Наместо да шутира кон голот, тој се реши за додавање кон Масаро, кој успеа да постигне гол за изненадувачко водство на Милан.

Италијанскиот коментатор беше во делириум. Неколку секунди по соопштувањето на моменталниот резултат, тој започна да извикува “…il genio, il genio Savicevic”, по што Дејо го доби својот нов прекар – Генијот!

Јас живеев за дриблање. Пасијата и радоста во оваа игра се наоѓаат баш во дриблањето.” – изјави Савичевиќ некои 18 години подоцна. Во еден момент, Дејо се најде долу на теренот по судир со Надал, но тој веќе знаеше едно нешто – Барселона буквално полудуваше поради него.

Длабоко во судиското продолжение од првиот дел, скоро секој играч на Милан ја допре топката и беше дел од еден прекрасен потег. После повеќе од 10 додавања, некои прекрасни долги топки и некои кратки додавања, вклучувајќи ја и петицата на Савичевиќ на ивицата од шеснаесетникот, Донадони со прецизно додавање успеа да го пронајде Масаро, кој го постигна својот втор гол за дуплирање на водството и ерупција на трибините.

На почетокот на второто полувреме, во таа 47-ма минута од натпреварот, Савичевиќ ги опиша сите генијалности кои ги поседуваше, појасно од било кој друг потег во неговата кариера. Поради некоја чудна причина, до овој момент, Европа не беше свесна за фантастичниот талент и вештина на Дејан. По долгата топка на Деметрио Албертини, на 30-на метри од косо на голот на Зубизарета, Надал не успеа да се снајде со топката и дозволи да биде блокиран од страна на Савичевиќ, кој успеа да му ја одземе топката. Дејо ја остави топката да топне, чекајќи го вистинскиот момент. Иако пред него немаше противнички играчи освен голманот на Барселона, Савичевиќ шутираше со својата лева нога. Зубизарета направи се што можеше да се направи, но сето тоа беше залудно бидејќи лоб ударот беше совршено изведен.

Кога ја шутнав топката, веднаш се свртев и знаев дека ќе постигнам гол. Имав два или три такви моменти во мојата кариера – ја шутираш топката, гледаш дека оди внатре и знаеш дека голманот не може да ја одбрани.”

Дејо избезумен се упати кон трибината на која беа фановите на Милан. Тие беа шокирани – да водиш 3-0 против толку фаворизираната Барселона беше нешто незамисливо. Од тој момент па натаму, Дејо стана фудбалски бессмртен. Медиумите се натпреваруваа кој ќе го опише Генијот на подобар поетски начин, додека во Југославија тој стана фудбалски бог.

Марсел Десаи стави точка на таа луда вечер во Атина, потврдувајќи ја победата со резултат од 4-0, по што Милан стана Европски Шампион трет пат во последните шест години. Тоа беше вечер која ги избриша сите лоши работи од изминатите години – сите расправии со Капело и сите помирувања организирани од страна на Берлускони. Со еден магичен потег со својата лева нога, Савичевиќ успеа да ја смири сета своја тензија и да ги однесе во заборав сите оние моменти кога чекаше да покаже што знае во дресот на Милан.

 

Неговиот соиграч, Ѕвонимир Бобан, можеби успеа да го најдобро да го опише Дејо, нешто што не му успеа на ниту еден новинар.

Кога требаше да одигра обично додавање наназад, тоа беше како мачењето на Исус. Но, контролирање на топка со петицата на својата послаба нога, исфрлајќи го противнички играч на својот грб со само еден потег, беше многу полесно, поприродно за него.”

Тоа што беше поприродно за Савичевиќ многу често беше несфатливо за обичниот човек. Но Дејо исто така имаше и свои лоши периоди. Во своите 6 години во Милан, тој не играше ни приближно многу колку што требаше да игра. Многу често се случуваше да биде комплетно отсечен за време на натпревар, полудувајќи го Капело. Па така, целиот тој лукзузен талент беше многу помалку присутен него што навистина требаше, но вистинските фудбалски фанови знаеа како да уживаат во неговата генијалност, баш поради фактот дека не беше често видлива.

Од своите детски денови во Подгорица, до големата сцена во Белград и светската слава со Милан, Савичевиќ танцуваше на теренот како уметник во транс. Бобан беше многу често магепсан од фубалските способности на својот пријател, па поради тоа често знаеше да зборува за неговата волшебност. “Дури и во кал, Дејо играше танго”, изјави Бобан. Таа ноќ во Атина, Дејо танцуваше на најголемата сцена на светот. Тој ни го остави неговиот танц, на сите нас, да го запамтиме засекогаш.