Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По фантастичната екскурзија во Рим и победата над Рома и Лацио (по изведувањето на пеналите), момците на Гатузо пред Дербито влегоа во една одлична серија, надополнети со позитивна атмосфера во тимот. Сето тоа падна во вода во неделата, кога во медиумите излезе информацијата за немилиот настан и трагичната смрт на бившиот младински играч на Милан, Давиде Астори. Во негова чест, преостанатите натпревари во италијанското првенство беа одложени, а со тоа и Дербито на Милано. Федерацијата веднаш реагираше, па најде нов термин за одигрување на одложените натпревари, но не и за Дербито, за кое ќе треба дополнително да се одреди новиот термин. По сите овие нефудбалски настани, момците на Гатузо останаа без одигран натпревар и со дополнително време за подготовка за следниот меч – европската пресметка против Арсенал на Сан Сиро!

Топџиите доаѓаат во градот на модата во страшно лоша состојба, откако ги загубија последните четири натпревари во сите конкуренции. За Арсен Венгер и неговите момци, мечот против Милан ќе значи можеби последната шанса да си ја спасат сезоната, откако стана јасно дека преку домашната лига немаат никакви шанси за место во Лигата на Шампионите наредната сезона. Околу составот, Венгер се соочува со криза во нападот, по повредата на Лаказет и неможноста за настап на новото засилување, бившиот играч на Милан, Пјер Емерик Аубамејанг. Па така, за очекување е на голот да застане Оспина, а Колашинац, Белерин, Мустафи и Косчиелни ја сочинувале одбраната. Средниот ред, кој треба да биде клучен за Арсенал, ќе го сочинуваат Џака, Вилшер, Рамзи, Озил и Митхтаријан, а во нападот единствена опција е Дени Велбек.

Од другата страна, Џенаро Гатузо има одличен медицински билтен и сите играчи на располагање. Според сите италијански медиуми, за очекување е Гатузо да излезе со стандардниот тим, кој беше успешен на мини турнеата во Рим. На голот, стандардниот Донарума, кој заедно со Калабрија, Бонучи, Ромањоли и Родригез треба да бидат осигурителна полиса за уште еден меч без примен гол. Средниот ред за очекување е да го сочинуваат веќе стандардните и воиграни Кеси, Биглиа и Бонавентура, а во нападот Сусо и Чалханоглу по крилните позиции, заедно со чудото од дете Кутроне.

За поздравување е потегот на Гатузо со кој одлучи да се бори на сите три фронта, па така после успешно положените испите во Рим, момците на Рино ќе одат со сите сили против раздрманиот Арсенал. Тајмингот на натпреварот оди во прилог на Милан, кој со елиминација на Арсенал би ја зголемил и така веќе големата самодоверба и нормално, зошто да не се оди до крај? Ако можеме против Арсенал, можеме и против било која друга екипа. На крајот на денот, ова е натпреварување кое Милан се уште го нема освоено, па редно е вака голем тим како Милан да ја збогати својата витрина во Каса Милан со еден трофеј од Лига Европа!