Разочарување. После долгото и неизвесно лето, расплет кој само можевме да го посакуваме. Финансиска стабилност на Милан под Елиот, легендите како Малдини, Леонардо, Кака се вратија во управата или земаа функција во клубот, потпишувањето на тој толку посакуван напаѓач од светска класа во Игуаин, потпишувањето на Калдара како еден од најперспективните млади штопери во светот, секако даде доза на оптимизам, надеж дека конечно ќе добиеме еден шампионски Милан. „Тресела се гора, родио се миш“. Но, веќе во првите неколку кола, тимот не успева да дојде до посакуваните резултати. На првиот натпревар прокоцкавме водство од 2-0 во Неапол на Сан Паоли. Добро, тешко гостување, дерби натпревар, се случува. Веќе наредната утакмица со Рома, Милан покажа дека знае да игра добар фудбал и го контролираше речиси целиот натпревар. Сепак грешките во одбраната не изостанаа и само магијата на Игуаин и Кутроне пред самиот крај на натпреварот ни ги донесоа трите бода. Следните утакмици се очекуваше дека црвено-црните ќе ги победат и 6 бода беа императив и приближување кон врвот на табелата. Првиот натпревар Милан играше со Каљари, очајно отворивме и примивме брз гол, да после го бркаме резултатот и едвај, по грешка на противникот, Игуаин постигна израмнувачки гол. Против Аталанта дома поведовме повторно преку Пипита во првите минути од натпреварот и ја контролиравме играта до крајот на првото полувреме. Одбраната несигурна, средината статична и неинвентивна и казната стигна. Џек успеа да го пронајде долниот агол во голот и повторно да го обезбедиме водството. Но, пак како сите досега утакмици, од кога ќе постигнеме гол, настапува збунетост кај цел наш тим и повлекување на сопствената половина. Овој пат тоа резултираше да примиме гол во судиското продолжение и повторно да запишеме само 1 бод. Два бода наместо 6 од натпревари кои требаше лесно да ги добиеме. Гатузо се чини остана на нивото од лани. Промашени или доцни измени, после постигнување на погодок како играчите да не знаат што треба да прават. Уште денес имаме шанса да ја поправиме сликата и од Тоскана против Емполи да донесеме победа и 3 бода во Милано.
Гатузо ќе игра во стандардната постава 4-3-3, но со неколку измени. Одбранбената линија е истата, со исклучок на позицијата лево крило, каде место Рикардо Родригез, ќе започне Лаксалт. Искрено не сум сигурен дека ова е исправен потег, Родригез имаше одлична партија со Аталанта и почна доста фудбалски да расте. Од друга страна пак, полесен противник, ако воопшто постојат такви, и се натпреваруваме на 3 фронта. Меѓутоа, се покажа дека не знаеме да играме и против послабите, а Серија А и 4 место мора да биде императив годинава. Средината идеално иста, Бонавентура лево, Биглиа во средина и десно Кеси. Исто не ми е јасно зошто не се проба нешто ново овде, очигледно најслаба алка ни е средината. Зашто на пример не стартува Чалханоглу на позицијата на Џек, потребен ни е играч кој ќе знае да задржи топка, да исфрли противник, да креира шанса. Додека Џек е далеку поопасен во нападот. Нападот, не знам што да кажам. Игуаин влече стара повреда и не е достапен на Гатузо денеска, затоа стартуваме со, стандардно Сусо по десната страна, Борини како лажна деветка и Чалханоглу по левата страна. Сусо беше можеби еден од најдобрите поединци кај Милан последните утакмици и тоа е во ред. Again, зашто Чалханоглу на оваа позиција кога очигледно е надвор од форма. Зашто не го пробаме како што пишувам погоре на позицијата на Џек или пак да стартува од клупата, а на негово место Кастиљехо? Борини можам да го оправдам само доколку Кутроне се уште не е доволно подготвен после повредата, друго објаснување немам за него како стартер.
Сепак, останува да видиме како ќе заврши и овој меч, каде 3 бода се нешто што мора да освоиме. Позицијата на Гатузо е сериозно разнишана, но ние сме Милан, нема предавање!