Милан повторно киксна, а момците на Рино Гатузо, веќе неколку натпревари по ред успеваат да прокоцкаат водство во првото полувреме. Овој пат, Емполи беше тимот кој успеа да му скрати бодови на Милан, постигнувајќи израмнувачки гол од пенал, по голот на Биглиа за водство на Милан во првото полувреме. По натпреварот, Рино Гатузо и капитенот Алесио Ромањоли дадоа интервју за МиланТВ.
ЏЕНАРО ГАТУЗО
Во второто полувреме игравме онака како што беше потребно. И покрај голот од пенал, ние продолживме да напаѓаме. Од сите голови што ги примивме оваа сезона, повеќето се случија по наши грешки. Ние мора да продолжиме да работиме напорно. Важно е да продолжиме да креираме шанси, но мора да бидеме поопасни во завршницата и да постигнуваме голови.
Јас знам за што е способен секој од моите играчи, од тактички и од лидерски аспект. Потребно е да ги отфрлиме сите тие стравови кои ги имаме. Како и овој денес, така и сите останати натпревари се важни. Во поглед на резултати, за нас ова е далеку од добар период. Она што го правиме на теренот не е доволно и мора да се потрудиме да сториме се што можеме за да излеземе од оваа криза, а тоа може да се постигне само со напорна работа и самодоверба.
АЛЕСИО РОМАЊОЛИ
Одигравме добар натпревар во кој креиравме многу шанси. Ако јас не ја направев грешката, највероватно ќе ги освоевме трите бода денес. Благодарение на мојата грешка противникот доби шанса за да изедначи. Јас ја превземам целата одговорност за ова. Не се согласувам со ставот дека тимот игра со страв, креиравме многу шанси за да извојуваме победа. Мора да работиме напорно за да ги спречиме овие грешки, почнувајќи од натпреварот со Сасуоло во недела.