Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Ново коло и нов натпревар за Милан. Ова пеколно темпо продолжува со меч против Сасуоло, тим кој навистина добро ја започна оваа сезона. Милан веќе три натпревари по ред не знае за победа, успевајќи да освои само три бода во мечевите против Каљари, Аталанта и Емполи.

Момците на Рино Гатузо влегуваат во овој натпревар по киксот во четвртокот со тимот на Емполи, каде Милан го повтори она што го прикажува оваа сезона, немање сили за сите 90 минути. Како и во претходните натпревари, така и во мечот со Емполи, екипата на Милан започна добро и на полувреме отиде со предност од  1-0, благодарение на помалку среќниот гол на Лукас Биглиа.

Второто полувреме ги донесе веќе добро познатите проблеми. Момците на Рино Гатузо почнаа да ја губат енергијата и со тоа му оставија простор на противникот за да може да се ослободи од притисокот и да размислува за напад кон голот на Милан. По ваквото издание, неминовен беше голот на Емполи за    1-1, по кој екипата на Милан се разбуди и почна да напаѓа. За жал, голманот на Емполи, Терачано имаше свој ден и не дозволи промена на резултатот.

 

Вечерашниот противник на Милан, екипата на Сасуоло, има фантаститчен старт во новата сезона. Момците на Де Зерби се наоѓаат на високото трето место, позади екипата на Наполи, бележејќи четири победи, еден нерешен резултат и еден пораз од екипата на Јувентус. Вреди да се напомене дека ‘зелено-црните’ имаат фантастични бројки кога станува збор за мечевите на свој терен, каде од три натпревари имаат забележано три победи и при тоа постигнати девет, а примени само четири гола. Ќе биде интересно да се види реакцијата на двајцата бивши росонери, Мануел Локатели и Кевин Принц Боатенг. Вториот, имаше интересна изјава пред натпреварот, каде посочи дека доколку постигне гол на вечерашниот натпревар, нема да го прослави, поради големата почит кон црвено-црниот дрес.

 

Да се вратиме на составот на Рино Гатузо. Младиот тренер на клупата на Милан е во големи проблеми со формирање на својот состав за натпреварот со Сасуоло. Можеби најголемата грешка во трансфер пазарот на Милан, недонесувањето на уште еден напаѓач, веднаш излезе на виделина. По повредата на Патрик Кутроне, следеше и повреда на главната ѕвезда на Милан, Гонзало Игуаин.

Поради тоа, Рино Гатузо остана без класичен напаѓач за мечот со Емполи и беше приморан да го постави Борини како главен напаѓач. Тој потег не се покажа како најдобро решение, па затоа за овој натпревар, медиумите шпекулираат дека позицијата напаѓач ќе ја завземе новото засилување на Милан, Саму Кастиљехо, кој би требало да делува како ‘лажна деветка’.  Одбраната ќе претрпи само една измена, каде шанса од почетокот ќе добие Игнацио Абате на местото на младиот Калабрија. Средниот ред не би требало да претрпи измени, како и крилните позиции, каде за сега сигурно место имаат Сусо и Хакан Чалханоглу.

 

Во медиумите веќе е присутен притисокот кон тимот на Милан, особено кон тренерот Гатузо. Спортскиот директор на клубот, Леонардо,неодамна изјави дека Милан нема време за чекање, со што суптилно и на мала врата најави дека наредните неколку натпревари ќе ја одлучат судбинатана младиот тренер на клупата на Милан. Медиумите веќе шпекулираат со негова замена, каде најсериозен конкурент е италијанецот Конте, којсе уште е во судски спор со тимот на Челзи. Од вечерашниот натпревар па понатаму, мечевите за Рино Гатузо ќе бидат како финале. Останува да видиме дали вечерашниот натпревар против Сасуоло ќе значи почеток на крајот за Гатузо или сепак Рино и неговата енергија ќе успеат да го вратат Милан назад во борбата за Лигата на Шампионите.