После три последователни нерешени резлултати, екипата на Милан успеа да забележи победа против екипата на Сасуоло со резултат 1-4. Пред натпреварот Рино Гатузо се соочуваше со проблеми во нападот, каде поради повреда не можеа да настапат Гонзало Игуаин и Патрик Кутроне. Поради тоа, Рино се одлучи за новото засилување од Виљареал, Саму Кастиљехо, како ‘лажна деветка’ во нападот. Екс играчот на Аталанта, Франк Кеси, го отвори резултатот со еден фантастичен соло продор кој многу наликуваше на оној легендарен продор на Жорж Веа. Шпанецот Саму Кастиљехо, му возврати на тренерот Гатузо за шансата што ја доби и успеа да го постигне својот гол првенец во црвено-црниот дрес. Неговиот сонародник, Сусо, успеа да го прекине долгиот пост без постигнат гол, постигнувајќи два фантастични гола. По натпреварот, тренерот Гатузо проговори за повеќе медиуми, а во продолжение ќе ви пренесеме дел од неговата изјава.
Во изминатите 5 натпревари, овој тим секогаш играл добар фудбал. Имаме подеми и падови, не сме константни со играта и многу често имавме солидно прво полувреме, за потоа да ‘паднеме‘ во второто полувреме. Доминиравме против Емполи и таму можевме да победиме со истиов резултат, но нивниот голман имаше своја вечер и успеа да направи 5-6 одлични одбрани. Ако сакаме да станеме квалитетен тим, мора да бидеме постојани со нашата форма.
Во овој момент, нашите дефанзивни движења не се доволно добри, но не се само одбранбените играчи во прашање, туку и целиот тој одбранбен штит кој се наоѓа пред одбраната и тоа е нашата слабост. Не го притискаме противникот доволно, само седиме во место и не напаѓаме, па поради тоа имаше 4-5 топки во празно кои ни создадоа многу проблеми, но ние сме свесни за тоа и треба да се подобриме во тој аспект.
Кога го носиш дресот на Милан и работиш за овој голем клуб, кој сака да се врати назад во врвот, притисокот е нормален. Луѓето, фановите, не се заинтересирани толку за играта колку што се заинтересирани за резултатите. Концептот на победнички менталитет? Тоа значи дека кога ја имаш предноста, понекогаш треба да исфрлиш неколку топки надвор од стадионот, тоа значи да притиснеш и да постигнеш повеќе голови, нешто што нас ни недостасува во моментот. Овој тим игра добро, тие знаат што сакаат но кога тимот ќе почне да ја губи својата сигурност, тогаш станува ранлив и многу често противниците го искористуваат тоа.
Сусо? Со цел да се комплетира неговиот процес на ‘растење‘, Сусо треба да го познава Игуаин подобро, тој мора често да го проигрува напаѓачот како што го направи тоа на мечот со Аталанта. Сусо може да постигнува голови, но пред се, тој може да креира многу голови за Игуаин. Игуаин? Се надевам ќе го имам на располагање оваа недела. Не би сакал да притискам со неговото опоравување. Јас не сум учел медицина, имав потешкотии да завршам со школувањето, па од таму ништо не разбирам поврзано со медицина. Тој ќе има повеќе тестови утре па по тоа ќе знаеме каква е состојбата.
Кастиљехо? Тој одигра навистина добро, го искористи просторот позади одбранбените играчи и ни овозможи шанси кон противничкиот гол. Освен голот, јас мислам дека тој ги имаше вистинските движења на теренот. На почетокот од мечот пробавме со смена на позициите со Чалханоглу, но Хакан подобро се чувствува на левата страна отколку во средината од теренот.
Андре Силва? Тој не сакаше да остане. Во тимот ги имавме Игуаин и Кутроне, а јас знаев дека не може да го убедиме да остане бидејќи не можев да му гарантирам 25-30 натпревари во сезоната. Немам дилема дека станува збор за фантастичен напаѓач. Ние направивме се што е во наша моќ да го задржиме, но тој ја донесе својата одлука. Да биде се јасно, никој не го избрка Андре Силва, тој сам сакаше да замине.
Играме во три натпреварувања и мене ми се потребни сите играчи. Ако ги имам сите играчи на располагање, за мене ќе биде многу потешко да ја донесам мојата одлука. Ако продолжиме вака, мислам дека може да имаме добра сезона.