Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Sep 12, 2017

На точно 48 часа пред дебито во групната фаза од Лига Европа, класиката на Hopkins и Jodie Foster носат своја симболика во пресрет на гостувањето во Виена. Лавовите (според претходните резултати) после колежот во кланицата ДООЕЛ Olimpico се претворија во јагниња и сега многу помирни и потивки патуваат во Австрија. Пред да се префрлиме на она што би можело да нè очекува во Виена, краток осврт на тоа што тргна наопаку во неделата:

  • Трансфер на самодоверба:

Момците почнаа одлично, да не се залажуваме. Првите 15 минути ја диктиравме играта и домаќините беа притиснати на сопствената половина. Имавме неколку добри напади, имавме притисок и сето тоа кулминираше со прекрасната прилика на Kessiè кој во полуконтра имаше една одлична прилика каде наместо да додаде до осамениот Suso на десната страна, се реши да шутира од 17 метри. И таму некаде застанавме. Домаќините почувствуваа дека застанавме, се разбудија и почнаа да нè напаѓаат, претежно вршејќи притисок на нашите бекови. Тогаш се случи непотребниот старт на Kessiè кој им донесе пенал и оттогаш самодовербата обратнопропорционално се префрлаше од нашата, на нивната страна од вагата. Натаму боли и излишно е да се коментира.

  • Најсилни, а најслаби карики:

Баш така, колку и да се фрла со камења по Borini (нормално, најлесна мета) сепак затаија оние од кои се очекуваше најмногу. Фер е да се каже дека Il Capitano Bonucci и Kessiè (втор меч во серија) одиграа под своето ниво и под сумите кои беа одвоени за нив. Bonucci е стар ков и тоа не верувам дека кај него ќе претставува долгорочен проблем но искрено сум загрижен за состојбата на Kessiè кој покажа дека лошиот меч против Cagliari влијае на неговата самодоверба и против Lazio продолжи во исто темпо што кулминираше со пенал. Можеби преопасно да се каже ама би се осудил да кажам дека доколку одигра под нивото и против Austria Wien најпаметно е да преседи малку на клупа и да се консолидира. Подобро малку да поседи на клупа отколку да го загубиме долгорочно (не во однос на повреда туку во однос на уништена самодоверба).

  • Mister Montella:

Продолжи со својата 4-3-3. Стартуваше со Calabria, Borini и Cutrone и реши да ги остави на клупата Jack, Calhanoglu и двајцата напаѓачи. Кај Jack и Calhanoglu ситуацијата е чувствителна, не се физички доволно спремни и веројатно не сакаше да ризикува со старт. На крајот на краиштата Borini не беше најслабиот играч на теренот. Прашање е дали Abate ќе беше подобар избор од Calabria. Не знам што ќе беше подобро но знам дека Calabria веќе по којзнае кој пат докажува дека не е (или барем не сè уште) калибар за Milan. Сосема солидно ја започна својата авантура во сениорскиот состав но веќе врзува многу мечеви во серија со лоши игри (таа серија започна уште минатата сезона) а тоа влијае на неговата самодоверба (дискусијата за Kessiè погоре). Верувам дека Calabria никогаш повеќе сезонава не треба да добие шанса во Milan освен ако се повредени и Conti и Abate или играме Coppa Italia меч против некој второлигаш.

На крајот на краиштата веројатно Montella повеќе навлече гнев со времето кое му требаше да повлече потези од клупата отколку со стартниот состав. По 2-0 на полувреме не смееше да излезе со исти 11 во вториот дел и мораше да повлече некој потег уште на полувремето (Calhanoglu и Kalinic или Silva, на пример). Тоа можеби немаше да смени во конечниот резултат но немаше да биде на мета поради тоа. Вака факт е дека касно ги повлече првите потези од клупата.

Што од сето ова би можело да се рефлектира на мечот во Виена. Веројатно момците ќе тргнат многу мотивирано. Веројатно ќе сакаат да им се оддолжат на фановите со добра партија која барем делумно ќе ја амортизира шлаканицата од Рим. Веројатно сето ова би се отсликало и на потезите на Mister Montella.

Првото нешто што паѓа во очи е најверојатна промена на формацијата во 3-5-2 или 3-4-3. За некои избрзано и испровоцирано од резултатот во неделата, за други очекувано уште од моментот кога Bonucci беше потпишан. Да расчистиме една работа, Bonucci не беше планиран трансфер летово. Планиран беше Mussachio да му биде партнер во одбраната на Romagnoli во стандардна дефанзивна формација од 4 играчи во поле. И толку. Bonucci дојде како непредвидена можност кога Lucci (заеднички агент на Montella и на Bonucci) при состаноците со Montella за продолжување на неговиот договор му истакнал за проблемите на релација Bonucci – Allegri и дека неговиот агент е достапен. И да не се лажеме, играчи како Bonucci се наоѓаат многу ретко особено за ваква сума во ова лудо трансфер лето и особено од директен конкурент во иста лига. И е вистински STATEMENT трансфер! Неговата аквизиција е оправдана од сите можни параметри. И од моментот кога тој дојде во Milan а веќе беа тука Romagnoli и Mussachio сè алудираше на 3-5-2. Сега некој ќе се повика на мечот во Скопје каде против Шкендија неуспешно функционираше сето тоа. Сепак, фер е да се напомене дека во Скопје се играше без резултатски притисок и со шарен состав. Мислам дека со тројцата наши најдобри дефанзивци во тимот + Conti и Rodriguez сето тоа ќе изгледа далеку постабилно. Во ваква 3-5-2 или 3-4-3 многу повеќе ќе дојде до израз пас играта на Bonucci кој во напад би одел повисоко (а со тоа и Biglia би одел понапред) и би ја диригирал играта оттаму знаејќи дека зад себе има 2 централни дефанзивци кои му го чуваат грбот. А Bonucci е најдобриот централен дефанзивец во Европа во pass range. Ако оваа формација дефанзивно ни дава поголема стабилност и дава поголема слобода за Bonucci, која е лошата страна? Лошата страна е во тоа што нема место за поголем број од креативците во тимот, особено ако играме со 2 класични напаѓачи. Да расчистиме, разликата во варијациите на 3-5-2 и 3-4-3 е во тоа што во првата формација се игра со 2 класични напаѓачи (на пример Kalinic и Andre Silva) а за сметка на тоа немаме класични крила односно Rodriguez и Conti офанзивно го покриваат тој дел од теренот. Во 3-4-3 офанзивно играчите се поставени многу слично како во 4-3-3 односно имаме еден класичен сидраш напаѓач и зад него крилно функционираат Suso и еден од Jack или Calhanoglu. Тука е проблемот. Ако се игра 3-5-2 најлогично во средината е да играат Biglia и Kessiè и тоа значи дека максимум може двајца од тројцата погоре да играат и тоа Jack/Calhanoglu како AMC и Suso како Second Striker. Во 3-4-3 има можност за 2 крила односно за Suso и еден од Bonaventura односно Calhanoglu. Овде има варијации и со Suso како AMC зад 2 класични напаѓачи но тука ќе престанам оти чувствувам дека веќе почнавме да се губиме 🙂

Кој би профитирал најмногу од 3-5-2? Според мене Gigio, Bonucci и Kalinic. Голманот би требало да има помалку работа, Bonucci веќе го апсолвиравме погоре а Kalinic е тип на играч кој е одличен со глава и знае како да загради топка и да проигра со некој кој доаѓа од втор план. Вреди да се спомене дека и Rodriguez и особено Conti се повеќе wing backs отколку класични бекови па со ова ќе имаат повеќе слободна во офанзивната фаза од теренот.

Иако станува збор за прв меч од групната фаза и во „регуларни услови“ би можеле да си дозволиме резултат кој не е победа, сепак поради природата на последниот натпревар се наметнува императив. Императив победа преку добра игра! Тоа им треба на навивачите, тоа му треба на тренерот и тоа им треба на овие момчиња кои во најголем дел се тинејџери или блиску до тоа и самодовербата ја креираат на грб на добрите резултати.

Forza Milan per sempre!!!