Проверка. Веројатно така со еден збор би можел да се долови неделниот натпревар на Olimpico во Рим. Секоја чест на Craiova, Шкендија, Crotone и Cagliari но ова е веќе нешто друго. Simone Inzaghi успеа да ги направи Лацијалите стабилна и незгодна екипа која може да се надигрува со секого и без секого во својот ростер. Момчињата на Mister Montella (најмлади стартни 11 во цела лига со 24 години и 13 дена) ќе имаат одлична можност да видат до каде се со зрелоста, уиграноста и темпото во овој почетен дел од сезоната. Овој меч на Olimpico нема драстично да смени во моментот но може многу да промени во мајндсетот на момците и да им помогне да земат залет па со уште 2 меча на домашен терен во серија (Udinese и SPAL) да имаат перфектен старт пред тешките мечеви кои нè очекуваат при крајот на овој и во текот на следниот месец.
Збор, два околу играчите кои би го започнале тешкото гостување на Olimpico. Има неколку дилеми. Andrea Conti имаше незгодно свиткување на зглобот при репрезентативните обврски за Италија и нема да може да биде во стартните 11 во Недела. Среќа во несреќа е тоа што веќе може да оди без да чувствува болка и веројатно оваа пауза е повеќе од внимателност отколку од класична повреда. На негово место ќе стартува или ветеранот Начо Abate или младичот Davide Calabria. Има неколку дилеми но најголемите копја во црвено-црната фан база (и во главата на Montella) се кршат за две чувствителни места, централен дефанзивец и централен напаѓач. Romagnoli се враќа од повреда, спремен е за игра и тука веќе доаѓаат првите главоболки. Дали тој треба да го заземе местото на Musacchio кој досега е одличен? Дали тој треба да чека шанса од клупа? Дали треба да се најде место и за двајцата со тоа што ќе се промени формацијата во 3-5-2? Тогаш веќе се губи место за некој од главните креативци во тимот и муабетот оди во насока од која нема да бидеме начисто дури и после 10 часа објаснувања.
Лично сметам дека најбезбедна варијанта и за играчите и за тренерот и за тимот во целина е да се започне повторно со Musacchio. Од една страна аргентинецот со ништо досега не заслужил да оди на клупа а од друга страна побезбедно и за Romagnoli и за одбраната во целина е после тешка повреда да не се брза во стартни 11.
Ако веќе расчистивме дека во одбрана остануваат 4 играчи во линија во средината има 2 варијанти, формација со двоен пивот (4-2-3-1) и класична 4-3-3 формација која му е прва опција на Montella. Што значи ова? Ова значи дека во формација со double pivot тие двајца во средината се неприкосновено Biglia + Kessie. Тоа истотака значи дека во таа формација во истовреме би се нашло место за тројцата наши најголеми креативци во тимот, Jack, Calhanoglu и Suso. Лудило од формација ако ме прашувате мене но и формација за „помали“ тимови. Сметам дека не е ниту време ниту место да се започне со 4-2-3-1 со недоволни фит Џек и Турчето (многу е полесно така отколку Calhanoglu нели?) на Olimpico. Би се согласил со Montella и би тргнал со 4-3-3.
Знам, знам, Montolivo 🙂 Сепак, пред да почнеме со дрва и камења да се согласиме дека бившиот капитен игра подобро откако ја предаде капитенската лента. Да се согласиме и дека ситуацијата во средината ни е таква каква што е и немаме некој преголем избор. Верувам дека кај него сезонава поголем предизвик е кондицијата отколку квалитетот. Тоа најдобро се забележа на мечот против Cagliari каде беше веројатно најдобриот играч на теренот во првите 60 минути и потоа наеднаш стана најужасниот играч со неколку страшно лоши потези во финишот, веројатно поради недостиг на сила. Значи од една страна зголемување на кондицијата и од друга страна правилно дозирање од страна на Mister Montella и Монтолидер може да стане сосема валидна опција сезонава. Веројатно некој ќе рече дека е подобро да игра Locatelli но Loca е повеќе regista што значи негова позиција на теренот е она што го игра Biglia. Во оваа формација Montolivo би играл како mezalla а не како regista. Времето е пред Loca!
Горе на AML има дилема, Џек, Турчето или Borini. Џек дифолтно е број 1 избор и на mezalla (позицијата каде е позициониран Montolivo) и на позиција AML. Но дилемата доаѓа од друг аспект, Bonaventura доаѓа како рековалесцент од повреда и затоа не е сигурно дали ќе добие директен старт. Доколку не е во можност или Mister не сака да се ризикува со него, на таа позиција ќе почне еден од Турчето или Borini. На страна на турчето е квалитетот, на страна на Borini оди кондицијата и меч фитнесот. Cutrone зошто, Cutrone затоа 🙂 Лично можеби би одел со Andre Silva но не можеме да одиме против логиката која вели дека Курето 🙂 е најдобар стрелец во тимот и е во ритам. Независно кој ќе го одбере во напад, Montella ќе биде или мајстор или маченик. Секогаш ќе има некои кои ќе велат зошто (не) Cutrone, Silva или Kalinic. Во зависност од резултатот на крајот ќе го величат или плукаат тренерот.
Според мене можеби клучен дуел на овој меч ќе биде Sergej Milinkovic – Savic и Kessie. Србинот е алфа и омега на Lazio, моторот кој го движи тимот. Сезонава очекувам тоа уште повеќе да дојде до израз откако ги нема Biglia и Balde Keita. Вистински горостас, вистински Kevin Prince Boateng од онаа, шампионската сезона. Знае да игра деструктивно, доминантен е со глава, дрибла, шутира, дава голови… накратко играч кој најверојатно ќе биде продаден за близу трицифрена бројка во милиони евра следното лето. Ако бидат запрени Savic и Imobile, мислам дека можеме да ги добиеме. Felipe Anderson е повреден, Nani e истотака играч кој може да смени меч со еден потег но тој дојде пред неколку дена и прашање е колку е уигран со своите нови соиграчи. Значи Savic-Imobile е тандемот кој треба да биде запрен. Објективно сметам дека имаме за нијанса подобар состав од нив но состав кој ќе повторам е најмлад во цела лига. Тоа значи дека ќе мора да изиграме смирено и со челични нерви на преполниот Olimpico кој нема да биде на наша страна. Доколку успееме да одиграме смирено и да играме повеќе по страните, сметам дека тимот има реални шанси за победа. Тесна но важна победа!
Andiamo Ragazzi!!!