Сигурно некој од Вас има пробано кинеска храна, особено она што е најприсутно на нашите простори а наједноставно кај нас се дефинира како „луто, благо, кисело“. Пробувате еден залак и имате експлозија од вкусови и микс од емоции. Не знаете дали она што го консумирате е луто, благо или кисело. Вака некако се чувствувам после перфектниот натпревар во Виена. Очекуван натпревар во секоја смисла: Променивме формација во 3-5-2 (3-4-1-2), Andre Silva и Calhanoglu перфектни, Suso со wonder goal, Zapata повторно со кикс…
Отприлика се функционираше како што се надевавме и очекувавме а веројатно и малку подобро од тоа. Но…
Се случи гром од ведро небо! Се случи многу многу тешка повреда на еден од најскапите (и најтешко донесените) засилувања летово! Да биде горчливиот вкус во устата уште поголем, Conti не се повреди од повредата поради која паузираше претходно (напротив, веќе беше во полн натпреварувачки ритам и беше пред враќање во тимот) туку се повреди на тренинг. Веќе е опериран и добро е што барем од сликите се гледа дека го задржал позитивниот дух. Лошата страна е што му се предвидува пауза од 6 месеци. Друг муабет е каков играч ќе ни се врати после тоа во тимот.
Веста со тешката повреда на Conti го засени мечот со Udinese и Mister Montella повеќе време издвои околу тоа кој би можел да го замени Conti. Освен веќе познатите (и логични) варијанти со Abate и Calabria, можни се и варијанти со Bonaventura и Borini на Right Wing Back во формација со тројца централни дефанзивци и 2 офанзивни бекови. Ќе видиме што ќе излезе од сето тоа. Покрај повредата на Conti ќе го нема и Antonelli.
Ако може да се шпекулира со стартните 11 утре, може со голема сигурност да се каже дека формацијата ќе биде слична (да не кажам идентична) со она што го гледавме во Виена. Ќе се игра со 3 централни дефанзивци + Rodriguez лево и веројатно Calabria десно. Во средината е сигурен Biglia и веројатно Kessiè. Во офанзива може да има некои ротации. Andre Silva одигра цел меч пред 2 дена па нема да ме изненади ако мечот го почне на клупа а неговото место во стартните 11 го заземе Калиниќ. Очекувам во првите 11 да стартува и Suso (кој беше на клупа против Австрија Виена) и кој веројатно би играл нешто како Second Striker односно како играчот кој ќе игра зад Kalinic/Silva во 3-5-1-1. Исто така е можно да стартува и Bonaventura и во таа ситуација таа 3-5-1-1 може лесно да се трансформира во 3-4-2-1 со Jack и Шпанецот по страните зад класичниот центарфор.
Udinese не е екипа за потценување но и не е екипа од која треба да се стравува. Момците должат „домашно“ извинување пред Curva Sud и верувам дека тоа ќе го испорачаат преку добар резултат утре, некаде пред 17:00. Дополнително, веќе за 3 дена ќе имаме уште еден домашен натпревар овојпат против новајлиите SPAL и тоа е одлична можност да врзиме една мини серија со победи.
Напред момци!