По тешката победа против Џенова со првенецот на Андре Силва во судиското надополнување овој викенд на домашен терен го пречекуваме Киево во меч каде немаме право на кикс и мораме пред паузата за репрезентации да го продолжиме притисокот за топ 4.
Со Киево на Сан Сиро имаме одлична статистика, која говори дека на последните 15 натпревари имаме 13 победи и 2 нерешени, па според ова би требало денес да имаме лесна задача и рутинирано да ги освоиме 3-те бода.
Во овој меч Гатузо ќе влезе со низа проблеми на десната бековска позиција каде Абате и Калабрија не се повикани поради повреда па единствената опција за таа позиција ќе биде Борини. Иако не веруваме дека ќе добие некоја минута, мора да потенцираме дека Андреа Конти е повикан за прв пат по повредата на коленото која го оддалечи од терените повеќе од 6 месеци.
Друг играч кој е доста важен за тимот и поради ситна повреда нема да игра денес е Ромањоли. Гатузо не сака да ризикува со него пред важните натпревари со Интер и Јуве, па затоа денес се очекува со Бонучи да стартува и Запата.
Исто така за овој натпревар нема да биде повикан Никола Калиниќ, но неговото отсуство не е поради повреда, туку е одлука на Гатузо базирана врз залагањето на тренинг. Денес многу медиуми потврдија дека Никола на тренинзите делувал незаинтересирано, не се трудел, а тоа кај Џенаро нема да може да помине и за овој меч остануваме само со Кутроне и Силва. Така, сите планови за да се стартува со 4-4-2 како против Арсенал моментално паѓаат во вода.

На овој натпревар за очекување е да се вратиме на 4-3-3, така што нападот и средината ќе бидат идентични како и до сега, нема некои огромни изненадувања и очекувам мечот да го добиеме поприлично лесно и без никакви ризици, за по завршувањето на репрезентативната пауза да бидеме спремни за пеколот кој не очекува против Јуве и Интер.
Денес под закана за суспензија и неиграње против Јуве е Леонардо Бонучи, кој мора да биде многу претпазлив и не смее да добие жолт картон бидејќи тоа би значело огромен проблем за Гатузо и по втор пат сезонава Лео би го пропуштил мечот со неговиот поранешен тим.
Forza Milan! Andiamo ragazziiii!