Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По тешката победа против Џенова со првенецот на Андре Силва во судиското надополнување овој викенд на домашен терен го пречекуваме Киево во меч каде немаме право на кикс и мораме пред паузата за репрезентации да го продолжиме притисокот за топ 4.

Со Киево на Сан Сиро имаме одлична статистика, која говори дека на последните 15 натпревари имаме 13 победи и 2 нерешени, па според ова би требало денес да имаме лесна задача и рутинирано да ги освоиме 3-те бода.

Во овој меч Гатузо ќе влезе со низа проблеми на десната бековска позиција каде Абате и Калабрија не се повикани поради повреда па единствената опција за таа позиција ќе биде Борини. Иако не веруваме дека ќе добие некоја минута, мора да потенцираме дека Андреа Конти е повикан за прв пат по повредата на коленото која го оддалечи од терените повеќе од 6 месеци.

Друг играч кој е доста важен за тимот и поради ситна повреда нема да игра денес е Ромањоли. Гатузо не сака да ризикува со него пред важните натпревари со Интер и Јуве, па затоа денес се очекува со Бонучи да стартува и Запата.

Исто така за овој натпревар нема да биде повикан Никола Калиниќ, но неговото отсуство не е поради повреда, туку е одлука на Гатузо базирана врз залагањето на тренинг. Денес многу медиуми потврдија дека Никола на тренинзите делувал незаинтересирано, не се трудел, а тоа кај Џенаро нема да може да помине и за овој меч остануваме само со Кутроне и Силва. Така, сите планови за да се стартува со 4-4-2 како против Арсенал моментално паѓаат во вода.

На овој натпревар за очекување е да се вратиме на 4-3-3, така што нападот и средината ќе бидат идентични како и до сега, нема некои огромни изненадувања и очекувам мечот да го добиеме поприлично лесно и без никакви ризици, за по завршувањето на репрезентативната пауза да бидеме спремни за пеколот кој не очекува против Јуве и Интер.

Денес под закана за суспензија и неиграње против Јуве е Леонардо Бонучи, кој мора да биде многу претпазлив и не смее да добие жолт картон бидејќи тоа би значело огромен проблем за Гатузо и по втор пат сезонава Лео би го пропуштил мечот со неговиот поранешен тим.

Forza Milan! Andiamo ragazziiii!