Требаше да биде ултимативниот тест на Рино и неговите момци во една фаза од првенството кога Милан играше во луд ритам со недели и кога војуваше на три фронта. Тогаш серијата без пораз беше пократка, но се уште активна. За жал, Дербито го одложи најцрниот и најтажниот момент во италијанскиот фудбал во последните години – смртта на Давиде Астори. Тој ден никој не размислуваше на фудбал, апсолутно. Дури и ние фановите кои направивме сопствени жртви и многу километри за да присуствуваме на Дербито. Едноставно, Давиде беше поголем од Дербито и од фудбалот.
Во меѓувреме, малку натегање и неизвесност околу новиот датум. Милан испадна од Лига Европа и им ја олесни задачата на луѓето од федерацијата. Инаку, ќе беше скоро невозможно, под целосно регуларни услови да се одигра Дербито до крајот на сезоната. За среќа на ФИГЦ, а богами и на Интер, најдобриот можен датум беше 4 април. Постоеше уште една можност на почетокот на мај, но тоа не му одговараше на комшиите. Така, Милан доби распоред со натпревари со двата најголеми ривала во Италија во само 4 дена. Или малку пошироко гледано, 3 дерби натпревари за 16 дена. Тоа е проблем сам по себе, а уште повеќе откако Милан беше поразен во Торино во саботата. Со тоа заврши серијата без пораз во Серие А која траеше од пред нова година.
Прекинувањето на серијата не мора значајно да се одрази врз моралот на екипата. Особено затоа што во тој период Милан веќе беше поразен двапати во ЛЕ и доживеа елиминација. Сепак, она што заплашува е зголемениот притисок во борбата за четвртото место. Сега разликата е одново на 8 бода, што го прави Дербито одлучувачко за понатамошниот тек на првенството. Дури и да победи Милан вечерва, ќе биде на 5 бода заостанување, со само 8 кола до крајот. За тоа сигурно се свесни во таборот на Интер и порелаксирано би влегле во натпреварот денес.

Дербито не го добива екипата која е во подобра форма, која има подобар состав или помалку повредени играчи. Не треба да се биде премногу мудар за да се заклучи тоа. Дербито го одлучува момент на инспирација, мотивот и емоцијата. Освен тоа, Интер повторно игра солиден фудбал и не е онаа екипа за потсмев од последните 2-3 месеца. Спалети се врати на формација 4-2-3-1, која делува многу опасно со Икарди во форма. Крилата се стандардна закана, а со Рафиња позади Икарди, ќе има многу работа за дефанзивниот дел од нашата средна линија. Гатузо на пресот вчера предупреди дека екипата не смее да влезе со бес и фурија во натпреварот, туку напротив, да почне сталожено и компактно, со малку простор меѓу трите линии, што ќе им го скрати маневарот на брзите офанзивци на противникот.
Рино е лимитиран со оваа екипа и тоа е јасно. Со само едно отсуство помеѓу стартерите, веќе се наѕираат проблеми. Биглиа е дисквалификуван заради кумулација на жолти картони и тоа значи сигурен старт на Монтоливо. Остатокот од почетниот состав е помалку или повеќе очекуван, особено во одбраната. Таму ќе бидат истите оние од Торино и повеќето натпревари полусезонава: Калабрија, Бонучи, Ромањоли и Родригез. Покрај Монтоливо, во средината се стандардните Кеси и Бонавентура. Во нападот ќе играат Сусо и Хакан, а веројатно единствената преостаната дилема ќе биде дали човекот што го реши последниот меѓусебен натпервар да добиеш шанса од почеток. Како во моментот стојат работите, Кутроне има предност пред Андре Силва и Калиниќ.

Заради административни причини и правила, почетокот на Дербито ќе биде во 18:30. Нестандарден термин, но тоа нема да смени ништо за нас како навивачи. Ние сме секогаш со Милан, особено во вакви предизвикувачки моменти. Одиме до крај, до 4-тото место и Лига на Шампиони догодина, затоа што овие момци, на чело со Рино, го заслужуваат тоа!
Milano siamo noi, solo noi! Forza Milan!!!