#TBT | Деметрио Албертини – еден од најдобрите плејмејкери на Милан!

by Filip

Четврток како ден за потсетување и враќање назад во минатото денес не враќа во времето на Деметрио Албертини, кој е еден од двигателите на оној славен Милан од 90-тите.
Многу од нас како фанови на Милан од онаа ера на Неста, Пипо, Гатузо па и Кака сме имале многу прилики од доста постари фанови да слушаме за оној Милан кој бил страв и трепет во 90-тите, нижел финале по финале, титула по титула и како таков и еден од мозоците на тој тим секогаш бил спомнуван – Деметрио Албертини.

Нормално во тие времиња главни звезди биле играчи како Ван Бастен, Рајкард, Барези, Малдини, Гулит и низа други славни имиња но не треба да се заборави и на човекот кој ги пресекуваше сите топки пред одбраната и совршено ја организираше играта на Милан 14 сезони, 14 сезони во кои клубот константно е во врвот на Европа и Италија.

Албертини е роден во мало место близу Милано кое се вика Briena e Brianza, и потекнува од младинската школа на Милан каде за првиот тим дебитира во сезоната 88/89 кога тренер на тој Милан е славниот Ариго Саки.
Веднаш потоа е пратен во Падова за да созрее како играч и по маестралната сезона таму тој се враќа во Милан со наградата за најдобар млад фудбалер во Италија.

По успешната сезона во Падова тој веднаш се наметнува во првиот тим на Милан и во сезоната 91-92, под водство на Фабио Капело, има огромен удел во освојувањето на тоа Скудето без пораз.

Додека во модерниот фудбал пример за плејмејкер е Андреа Пирло многумина го забораваат Албертини кој скоро 2 децении танцувал на фудбалските терени и имал исто толку импресивни настапи како споменатиот играч погоре.
Иако потценет и секогаш ставен во сенка на други играчи низ годините во Милан, тој е една од клучните алки за сиот тој успех и неговиот легендарен статус во клубот говори за тоа колку бил битен како играч и за тоа каква доверба имале тренерите во него.

Визијата на Албертини како плејмејкер e подеднакво импресивна како и неговата умешност со долги и прецизни топки од својата половина да започне опасен напад, напад кој доста често резултирал со погодоци и опасни ситуации пред противничкиот гол.
Малкумина од неговата генерација плејмејкери можеле да го понудат тоа што тој го правел на теренот и леснотијата со која се справувал со ситуациите и асистирал го прават уште посовршен и подобар пример за сите кои го учеле “занаетот” од него.

Албертини во својата богата кариера со Милан има освоено 5 скудета, 3 Лига на Шампиони, 3 Супер Купа на Италија и уште неколку други титули со Лацио и Барселона, тимови за кој ќе настапува по завршување на неговата авантура со Милан.

По 406 настапи и 28 голови во сите конкуренции доаѓа времето за разделба и така Деметрио Албертини во 2002-ра година го напушта клубот во кој освои скоро се, клубот во кој се естаблираше како еден од најдобрите плејмејкери, клубот кој заедно со него растеше и ја покоруваше Европа.
Кариерата ја продолжува во Атлетико Мадрид но во текот на тие 3 години додека не ја заврши својата кариера тој ќе настапи уште и за Лацио, Аталанта и Барселона.

За крај едно видео од блескавите моменти на Албертини во дресот на Милан, пример за плејмејкер, пример за сите фудбалски генерации! Grazie Albertini!

https://www.youtube.com/watch?v=AyhhNZxFEHQ

You may also like

Leave a Comment