Светското Првенство во Русија зема замав. Се доближуваме до половина од првенството, односно крајот на групната фаза, по што ќе следат елиминациските натпревари. Иако нашите Росонери во Русија немаа баш забележителни настапи, правиме мини-анализа на нивните мечеви, како продолжение на пресекот по првото коло.
Второто коло го отвори Португалија на Андре Силва во меч против репрезентацијата на Мароко. Португалците обезбедија значајна победа (1-0), благодарение на голот на Роналдо во 4-тата минута од натпреварот. Нашиот Силва остана на клупата и не доби шанса за настап на овој натпревар.
По ова, следеше црвено-црно дерби, односно дуел помеѓу Хрватска на Иван Стриниќ и Аргентина на Лукас Биглиа. Хрватите забележаа огромна и доминантна победа со резултат 3-0 со головите на Ребиќ, Модриќ и Ракитиќ. Репрезентацијата на Хрватска со оваа победа обезбеди пласман во елиминационата фаза по само два одиграни натпревари. Лукас Биглиа не доби шанса за настап на овој натпревар, додека пак новото засилување на Милан, левиот бек Иван Стриниќ, имаше солиден настап и успеа да ја зачува својата мрежа и да забележи уште еден натпревар без примен гол.
Рикардо Родригез и неговата Швајцарија во второто коло ја имаа за противник репрезентацијата на Србија, која во овој натпревар влезе со три освоени бода, по победата на Коста Рика. Швајцарија оствари победа со резултат 2-1, а нашиот лев бек ги одигра сите 90 минути и прикажа солидна игра, успевајќи да се справи со незгодниот Тадиќ. Бројките говорат за добрата игра на Родригез, кој три пати успеа да креира шанси за неговите соиграчи и упати повеќе центаршутеви од било кој друг швајцарски репрезентативец. Нашиот лев бек има добра серија со репрезентацијата, каде во последните 7 натпревари, има забележано 4 победи и 3 нерешени мечеви.
Второто коло го комплетираме со репрезентацијата на Колумбија, која по поразот во првото коло, беше пред натпревар ‘да се биде или не’ против селекцијата на Полска. Носителот во групата, Полска, потфрли на ова првенство и забележа пораз од колумбијците (3-0), каде стрелци на головите беа Мина, Фалкао и Куадрадо. Кристијан Запата остана на клупата за резерви и не доби шанса од страна на селекторот на Колумбија, додека пак Карлос Бака доби шанса од клупата, но без некој значителен ефект на играта и резултатот на Колумбија.
Третото и последно коло во оваа групна фаза, за црвено-црните претставници во Русија, започна со мечот на Португалија против Иран. Нашиот Силва конечно доби вистинска шанса и го започна натпреварот како стартер. Сепак, неговата селекција не успеа да забележи победа и одигра нерешен резултат 1-1, резултат кој значеше второ место за репрезентацијата на Португалија и пласман во елиминационата фаза, каде ќе се сретнат со победникот од групата А, репрезентацијата на Уругвај (30 јуни, 20:00). Андре Силва одигра еден тивок натпревар, како тандем во нападот заедно со Кристијано Роналдо. Сепак, Силва прикажа желба и борба на теренот, каде работеше напорно за тимот. Вреди да се напомене дека во составот на Шпанија е и новото засилување на голот на Милан, Пепе Реина, кој до сега на ова првенство не доби шанса да ги покаже своите одлични голмански способности.
ГРУПА Б | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Тимови | Натпревари | Победи | Нерешени | Порази | Дад.Голови | При.Голови | Гол Раз. | Поени |
Шпанија | 3 | 1 | 2 | 0 | 6 | 5 | 1 | 5 |
Португалија | 3 | 1 | 2 | 0 | 5 | 4 | 1 | 5 |
Иран | 3 | 1 | 1 | 0 | 2 | 2 | 1 | 4 |
Мароко | 3 | 0 | 1 | 2 | 2 | 4 | -2 | 1 |
Лукас Биглиа и неговата Аргентина имаа одлучувачки меч за пласман во елиминационата фаза, против селекцијата на Нигерија. Нашиот играч повторно не доби шанса за настап, а неговата Аргентина со победа од 2-1 успеа да обезбеди пласман во осмина-финалето, каде ќе се сретне со моќната репрезентација на Франција. Во истата група, репрезентацијата на Хрватска забележа победа над селекцијата на Исланд и е единствената репрезентација со максимален учинок во групната фаза. Нашиот нов лев бек, Иван Стриниќ доби заслужен одмор на овој натпревар и ќе ги насочи своите сили на натпреварот во осмина-финалето, каде неговата репрезентација се среќава со селекцијата на Данска (1 јули, 20:00).
ГРУПА Д | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Тимови | Натпревари | Победи | Нерешени | Порази | Дад.Голови | При.Голови | Гол Раз. | Поени |
Хрватска | 3 | 3 | 0 | 0 | 7 | 1 | 6 | 9 |
Аргентина | 3 | 1 | 1 | 1 | 3 | 5 | -2 | 4 |
Нигерија | 3 | 1 | 0 | 2 | 3 | 4 | -1 | 3 |
Исланд | 3 | 0 | 1 | 2 | 2 | 5 | -3 | 1 |
Со победата над Србија, репрезентацијата на Швајцарија веќе беше пред портите на елиминационата фаза, па нерешениот резултат 2-2 против репрезентацијата на Коста Рика само го официјализираше пласманот. Нашиот Родригез повторно ги одигра сите 90 минути, прикажувајќи дека се наоѓа во одлична физичка подготвеност. Тој на овој натпревар одигра солидно во одбраната и даде свој придонес во нападот, со 8 нафрлувања во шестнаесетникот на Коста Рика, три повеќе од било кој играч на теренот. Следен противник на Швајцарија е репрезентацијата на Шведска (3 јули, 16:00).
ГРУПА E | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Тимови | Натпревари | Победи | Нерешени | Порази | Дад.Голови | При.Голови | Гол Раз. | Поени |
Бразил | 3 | 2 | 1 | 0 | 5 | 1 | 4 | 7 |
Швајцарија | 3 | 1 | 2 | 0 | 5 | 4 | 1 | 5 |
Србија | 3 | 1 | 0 | 2 | 2 | 4 | -2 | 3 |
Коста Рика | 3 | 0 | 1 | 2 | 2 | 5 | -3 | 1 |
Репрезентацијата на Колумбија имаше фантастичен финиш на групната фаза на Светското Првенство во Русија. Тие со победа од 0-1 на репрезентацијата на Сенегал успеаа да го освојат првото место во групата и да се пласираат во елиминационата фаза. Кристијан Запата, како и на претходните два натпревари така и на овој, не доби шанса за игра и мечот го помина на клупата за резерви. Карлос Бака, играчот на Милан кој минатата сезона ја помина во Виљареал како позајмен играч, исто така не доби шанса за настап на овој натпревар, па заедно со неговиот колега Запата, ќе се надеваат на шанса за настап во осмина-финалниот дуел против репрезентацијата на Англија (3 јули, 20:00).
ГРУПА Х | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Тимови | Натпревари | Победи | Нерешени | Порази | Дад.Голови | При.Голови | Гол Раз. | Поени |
Колумбија | 3 | 2 | 0 | 1 | 5 | 2 | 3 | 6 |
Јапонија | 3 | 1 | 1 | 1 | 4 | 4 | 0 | 4 |
Сенегал | 3 | 1 | 1 | 1 | 4 | 4 | 0 | 4 |
Полска | 3 | 1 | 0 | 2 | 2 | 5 | -3 | 3 |