Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Долго очекуваниот настан, за кој целиот свет говори, конечно пристигна. Започна Светското Првенство во Русија! Како што најавивме претходно, Милан има свои претставници во Русија, кои ќе се обидат со својата репрезентацијa да стигнат до најголемото фудбалско достигнување. Во продолжение, ќе се обидеме да направиме еден фудбалски пресек, каде ќе понудиме мала анализа на мечевите на Росонерите во рамките на првото коло.

Андре Силва со играчот на натпреварот, Кристијано Роналдо

Прв од групата росонери кои настапи на Светското Првенство во Русија беше Андре Силва, во првото дерби во Русија, мечот помеѓу Португалија и Шпанија. Бевме сведоци на прекрасен европски фудбал, каде ја видовме моќта на тимската игра и препознатливите додавања на Шпанија и исто така, ја видовме моќта на Кристијано Роналдо, кој буквално сам придонесе за конечниот резултат. Иако многумина очекуваа дека ќе стартува, Андре Силва сепак доби шанса од клупата, влегувајќи во 80та минута на местото на Гонсало Гуедес. Во тој момент, Португалија губеше со 3-2, по водечкиот гол на Диего Коста. Андре понуди жестина и енергија, борејќи се за секоја топка. Иако младиот напаѓач одигра само 10на минути, сепак тој придонесе за драгоцениот нерешен резултат (голот за конечни 3-3 го постигна Роналдо од слободен удар, во 88та минута), во пресрет на мечевите против Мароко (20 јуни, 14:00) и Иран (25 јуни, 20:00).

По настапот на Андре Силва, Мундијалот започна и за Лукас Биглиа, Никола Калиниќ и новото засилување на Милан, Иван Стриниќ. Росонерите во групата Д имаа различни резултати во првото коло: Аргентина не успеа да го победи Исланд и одигра нерешено со резултат 1-1, а Хрватска ги освои трите бода во победата над Нигерија со резултат 2-0.

Лукас Биглиа во акција на мечот против Исланд

Лукас Биглиа го одигра својот 58 настап за репрезентацијата на Аргентина, стартувајќи во последните 14 натпревари за својата репрезентација. Во мечот против Исланд, тој имаше солидни бројки: 53 додавања со 91% на успешност при додавањата. Заедно со Маскерано во формација 4-2-3-1, тие ја сочинуваа средината на Аргентина.  Лукас беше заменет во 54та минута од страна на Евер Банега, при резултат од 1-1 (Агуеро во 11та и Финбогсон во 23та минута), неколку минути пред промашениот пенал на Лео Меси, кој можеше да им донесе три бода на аргентинците.

Стриниќ и соиграчите во прослава по автоголот на Етебо во 32та минута

Новото засилување на Милан, левиот бек Иван Стриниќ, беше најдобриот и најзафатениот играч во одбранбената четворка на Коцкестите. Бившиот играч на Сампдорија одлично се снаоѓаше во физичките дуели и го положи првиот тест во Русија. Два успешни стартови, една пресечена топка, еден блокиран удар и девет воздушни дуели беа дел од бројките зад името на Иван Стриниќ, кои му го донесоа признанието за најдобар играч на натпреварот според реномираниот вебсајт WhoScored.com.

Мапа на движењето на Иван Стриниќ

Калиниќ, од друга страна, не учествуваше во натпреварот. Тренерот Далиќ се одлучи за Манџукич како осамен напаѓач, со Ребиќ, Крамариќ и Перишиќ како поддршка во 4-2-3-1 формацијата. Напаѓачот на Јуве имаше улога во првиот гол, кој дојде како автогол до страна на Етебо во 32 минута. За конечниот резултат, се погрижи Лука Модриќ кој го постигна одлучувачкиот гол и и донесе на три бода на својата репрезентација. Како комплетирање на настапот на Хрватска во првото коло, вреди да се напомене и скандалот поврзан со играчот на Милан, Никола Калиниќ. На прес конференција по мечот со Нигерија, тренерот на Хрватска објави дека Калиниќ ќе го напушти тимот и ќе се врати во својата земја, поради наводна недоволна физичка подготвеност. Шпекулациите во медиумите говорат нешто спротивно, дека играчот на Милан одбил да влезе во последните пет минути на мечот со Нигерија, по што тренерот Далиќ се одлучил за овој потег.

Рикардо Родригез во дуел со бразилскиот напаѓач, Габриел Жезус

Стартниот лев бек на Милан и стандарден репрезентативец на Швајцарија, Рикардо Родригез, имаше навистина тежок прв меч на Светското Првенство во Русија, каде за противник го имаше моќниот Бразил. Репрезентацијата на Швајцарија успеа да освои бод и одигра нерешено со резултат од 1-1, а левиот бек на Милан ги одигра сите 90 минути. Родригез одигра солиден натпревар, каде успеа да го сопре опасниот Вилиан. Покрај солидната дефанзивна игра, швајцарецот придонесе и во нападот, каде имаше 5 нафрлувања во шеснаесетникот, 29 додавања со успешност од 90.6% што претставува највисок процент во репрезентацијата на Швајцарија. Навистина вреден бод за селекцијата на Швајцарија, која сега се подготвува за дуелот во второто коло, против лидерот во групата, репрезентацијата на Србија (22 јуни, 20:00).

Мапа на движењето на Рикардо Родригез

Пресекот на првото коло за играчите на Милан го завршуваме со групата Х и репрезентацијата на Колумбија, за која настапуваат Кристијан Запата и Карлос Бака (кој изминатата сезона ја помина како позајмен играч на Виљареал). Колумбијците немаа баш среќа во мечот со Јапонија, бидејќи веќе во 3та минута имаа играч помалку (поради црвениот картон на Санчез) и губеа со 0-1, со пеналот на Шинџи Кагава. До крајот на полувремето, Кинтеро го изедначи резултатот на 1-1. Во второто полувреме, шанса доби Карлос Бака, влегувајќи на местото на Изкердо, со што тренерот на Колумбија се одлучи да атакува на трите бода. За жал, немаа многу успех во тоа бидејќи Осако стрелаше за победа и конечни 1-2. Одбранбениот играч на Милан, Кристијан Запата, не доби можност за игра на овој натпревар, па ќе се надева на шанса за настап во престојните натпревари на Колумбија, против Полска (24 јуни, 20:00) и Сенегал (28 јуни, 16:00).

Карлос Бака во дуел со јапонската одбрана