Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Денес, најголемата легенда на Милан и најдобриот одбранбен играч во историјата на фудбалот, Паоло Малдини, полни 50 години. По овој повод, за еден од најпознатите италијански медиуми, Газета дело Спорт, Малдини даде едно несекојдневно интервју, каде одговори 50 прашања поврзани со минатото, сегашноста и иднината на Ил Капитано и неговиот Милан. Милан Фанс Македонија ви го пренесува целосното интервју, поделено во 2 дела со по 25 прашања.

 

  1. Кој е Паоло Малдини?

Поранешен спортист, сопруг, татко и среќен човек.

 

  1. Одберете 5 сеќавања, по едно од секоја декада?

Спортски моменти и моменти неповрзани со спортот: 1-10 – старт во училиште и првите контакти со топката; 11-20 – среќавање на Адријана (жената на Паоло) и деби во Сериа А; 21-30 – раѓањето на Кристијан и Светското Првенство 1990, заедно со мојот прв трофеј во Лигата на Шампионите; 31-40 – раѓањето на Даниел и финалето во Манчестер; 41-50 – смртта на моите родители и денот кога се простив од фудбалот.

 

  1. Најубава година?

Тоа се две години – 1996 и 2001, поради раѓањето на моите деца, како и сезоната 2002/2003 – најдобрата сезона од аспект на силина и техника.

 

  1. Што би те посоветувале денес, твоите родители Чезаре и Мариса?

Не беа пресудни работите кои ми ги кажуваа, туку она што го чувствував кога ќе ми се насмевнеа, бидејќи е огромно задоволство кога ќе ги направиш горди своите родители.

 

  1. Дали некогаш сте се запрашале каков би ви бил животот на 50 години?

Не, никогаш не се замислував себеси во иднината и тогаш не можев да сфатам што значи моментот кога татко ми наполни 50 години. Јас ја следев неговата работа, но дури сега, како возрасен човек, јас навистина сфатив што тој направил за фудбалот.

 

 

  1. Кога времето поминува побрзо, сега на 50 години или тогаш, додека игравте фудбал?

Сега времето не поминува брзо, сега времето лета. Претходно, не толку многу, и покрај сите обврски, тренинзи и натпревари.

  1. Каков е вашиот однос со Кристијан и Даниел?

Сакам да се зезам и играм со нив, иако пред се, сакам тие да бидат сериозни личности. Јас и мојата жена секогаш ги прекоруваме кога тоа е потребно, тие се навистина добри дечки и јас сум задоволен од нив.

 

  1. Каква беше улогата на семејството во вашата професионална кариера?

Тие беа мојата ѕвезда водилка. Вредностите на моите родители ги пронајдов во мојата жена, Адријана.

 

  1. Во последните 50 години се сменија 5 Папи, многу личности во италијанската политика, 9 американски претседатели; која личност остави навистина длабок печат кај вас?

Јас лично не сум баш религиозен, но беше навистина емотивно запознавањето со папата Војтла и папата Францис, тие средби беа едно навистина уникатно чувство.

 

  1. Колку пати во првите месеци од ерата на Берлускони и Саки, си помисливте “овие мора да се луди”?

За Берлускони си помислив “се надевам дека е во право”, додека пак Саки… често мислев дека е луд и по малку го имам истото мислење и денес, но без него немаше да постои тој легендарен Милан, бидејќи за да креираш такво нешто, потребно е малку лудост.

 

 

  1. Дали онаа изрека “дресот е како втора кожа” е навистина точна?

За мене беше вака: во мојата кариера, јас имав само два дреса – дресот на Росонерите и синиот дрес на репрезентацијата на Италија. Никогаш не размислував да го напуштам Милан и клубот никогаш не сакаше да ме продаде.

 

  1. Кој беше најдобриот Малдини?

На физички план, тоа беше оној од сезоната 1991/1992 и 1993/1994, но како одговор на ова прашање ќе речам – Малдини од сезоната 2002/2003. Јас сум перфекционист поради татко ми, секогаш се обидував да одиграм перфектен натпревар, иако тоа е невозможно. Дојдов навистина блиску до таа “перфекција” во сезоната 02/03. Таа сезона, ги одиграв сите 19 мечеви во Лигата на Шампионите и во многу од нив, одиграв навистина добро.

 

  1. Што значи да бидеш “bandiera” (италијански за знаме/симбол)?

Тоа значи дека имаш многу голема одговорност и доаѓа време кога мора да го понесеш тимот со себе, иако не си ни планирал да станеш симбол. Како младо момче, се обидував да гледам што е можно повеќе, а да зборам што е можно помалце. Сепак, во одреден период, сфатив дека е време да се превземе одговорност. После тој момент, се менуваш во очите на сите останати околу тебе.

 

  1. Кој беше најдобриот Милан?

Легендарниот тим на Саки, оној на Капело од 1992/1993 и тимот на Анчелоти од сезоната 2002/2003. Тогаш имаше огромен квалитет, како во стартниот тим, така и на клупата.

 

  1. Која беше најголемата радост?

Дебито во Сериа А. Во автобусот, патувајќи кон стадионот, се прашував “како може да останам тука?”, не мислев дека ќе успеам, но тогаш се случи тоа. Теренот беше во лоша состојба, првиот допир со топката беше додавање назад кон голманот Теранео. Отсекогаш се прашував како ќе се одвиваа работите ако таа повратна топка завршеше лошо.

 

  1. Дали, внатре длабоко во себе, ја почувстувавте револуцијата на Ариго Саки?

Да. Претходно, тренинзите беа дури и потешки, но се уште кружеа фудбалски идеи од 60-тите, како на пример моментот дека за време на тренинзите не можевме да пиеме вода. Тие велеа дека вода за време на тренинг е штетна за организмот. Тогаш, се движевме многу побрзо од сега, игравме брз фудбал без многу голем посед на топката. Сега, претеруваме со поседот, па така помалку се заморуваш. Микс помеѓу овие две работи би било перфектно. Со Саки освоивме само едно Скудето бидејќи не успевавме да се справиме со самите себе за време на натпреварите.

 

  1. Од кого научивте најмногу?

Имав среќа да бидам трениран од навистина квалитетни тренери, Капело во Примавера, Лиедхолм, па потоа Саки, кој испреврте све наопаку. Исто така, уживав под водство на Закерони и неговата формација со тројца играчи во одбраната. Јас бев против тоа, но тој беше навистина добар во објаснувањето што точно сака да постигне.

 

  1. Што за вас претставува Сан Сиро?

Театар, свето место и мој втор дом, многу блиску до првиот…

 

 

  1. Кој ви беше најсилниот соиграч?

Тешко прашање… ќе го одберам Барези, поради неговата агресивност, жестината, желбата за преживување и техниката.

 

  1. Соиграч со кој ви било најзабавно?

На теренот, тоа беше Веа. Надвор од него, Фернандо Де Наполи, Анџело Карбоне, Рино Гатузо и многу други.

 

  1. Како фан, дали сте загрижени за Милан во моментов?

Апсолутно да. Јас не мислам дека УЕФА има нешто против Милан, баш спротивно на тоа, мислам дека они сакаат еден силен Милан. По нивната одлука, ќе видиме што ќе се случува.

 

  1. Како се справувавте со победите и поразите?

Ги прифаќав како дел од играта. Поразот навистина боли, но се справував многу подобро него со победите, во кои се чувствуваш добро бидејќи можеш да ја споделиш таа енергија со соиграчите. Наспроти тоа, во поразите се чувствуваш осамено, иако станува збор за тимски спорт.

 

  1. Кој натпревар би го одиграле пак: Италија-Аргентина (1990), Италија-Бразил (1994) или Милан-Ливерпул (2005)?

Дефинитивно мечот против Аргентина. Ќе беше тоа идеално финале помеѓу нас и Германија и во таква ситуација… убеден сум дека ќе победевме во Рим. Бразил беше подобар во 1994 година, додека пак за Ливерпул… јас тој натпревар го одиграв повторно, две години подоцна.

 

 

  1. На финалето во Манчестер, влеговте на теренот смеејќи се со Дел Пиеро и Буфон. Дали таа ваша леснотија беше всушност вашата силина?

Секако, но Саки и Капело не ја сакаа таа моја леснотија и баш поради тоа можам да кажам дека најубавите години од мојата кариера беа оние со Анчелоти. Јас мислам дека ако си спремен, можеш и да се шегуваш и смееш бидејќи концентрацијата останува.

 

  1. Кога беше покритичен притисокот од фановите, по Светското Првенство во 2002 или по третманот од фановите на вашиот последен меч во црвено-црниот дрес?

По Светското Првенство, секако. Имаше работи кои излегоа надвор од теренот, имаше многу игнорирање.

 (продолжува)