Можеш да ја имаш техниката на Роналдињо, фудбалската интелегенција на Пирло, главата на Бироф, експлозивноста на Кака, физикусот на Ибрахимовиќ, егзекуцијата на Шевченко, прегледот над противничките играчи на Малдини и Барези, да знаеш подеднакво добро да играш со левата и десната нога како Донадони, чувството за гол на Инзаги и уште многу други, но се би било залудно ако го немаш срцето на Гатузо! Да, најважната фудбалска карактеристика е срцето на еден играч!
Денес, е ден посветен на Рино Гатузо, денес тој полни 40 години. Џенаро 13 години ги бранеше боите на Милан како играч, се бореше до последната капка пот, гинеше до последна капка крв на теренот. Денес тој е тренер на Милан, и со истата таа страст и љубов како и кога беше играч ги доживува сите натпревари. Секој натпревар како да е последен, како да е финале на Лига на Шампиони. Џенаро Иван Гатузо го даде своето срце на Милан! Легенда како ретко кој друг, миленик на секој еден Росонер, емоција на која ретко кој останува рамнодушен.
Не знам дали има поубави зборови за да се опише фудбалска величина како Рино, од оние кои ги напиша поранешниот тренер на Милан Карло Анчелоти по повод неговиот роденден:
Четириесет години драг Рино! Таа пригода заслужува серозна честитка, а не само телефонски повик, стандарден разговор и некоја шега измеѓу. Четириесет години се момент за да подразмислиш, имаш доволно поминато до сега и доволно време пред тебе за да изградиш нови подвизи.
Сега те гледам на клупата на Милан, а ти си уште оној луд Гатузо. Викаш, се дереш, ги мотивираш твоите играчи. Мислам дека си вистинската личност на вистинското место. Постои потреба за страст, за твојот карактер, твојот дух, жртва за надминување на пречките. Исто така има потреба од твојата радост, да смириш одредени тензии, а некогаш и од твојот гнев да се разбудиш некој што спие. Во тим, во група, секогаш има некој кој спие.
На теренот беше мој воин. Никогаш не сум те видел да се откажеш, никогаш не сум те видел како го напушташ теренот со чист дрес, никогаш не сум те видел како прекинуваш и одбиваш да се бориш. Тоа е она што секогаш ме восхитуваше кај тебе, способноста да ги достигнеш своите цели и покрај фактот што природата не те благословила со големи технички предиспозиции. Бидејќи, ова можам да ти го кажам, твоите нозе не се меѓу најдобрите! Но, ти имаше нешто што никој друг го немаше, ти имаше нешто необично и знаеше да го пренесеш на другите.
Колку пати те гледав да разговараш со соиграчите, да им помагаш, да ги охрабриш, да ги поддржуваш во тешки времиња… Е тоа е фудбалот. Надвор од сите шеми, формации, дијагонали, пресинг и контра-напади, има луѓе. И тие луѓе ја прават разликата. Ти драг Рино, за мене и нашиот Милан, беше тој човек што го правеше тоа. Те тренирав безмалку 8 години, те израснав. Пред натпреварите ти беше непристапен: лут, пргав, но тоа ти беше начин да се подготвиш, а само јас знаев како да ти пријдам. Со шала, само за да се смириш и да ти се намали вознемиреноста. Следува насмевка и излегуваме од соблекувалната.
Се сеќаваш ли кога бевме на Малта во карантин во јануари 2007? Каладзе многу те вознемири, бидејќи се шалеше на твоја сметка, баш на твојот роденден. А и другите соиграчи го поддржаа. Беше навистина смешно, но јас не се мешав затоа што бев свесен дека ако претераме, знаеш да се “простиш со разумот”. Всушност, една вечер отиде да го бараш Каладзе во ресторанот, но не ни сакам да знам што се случи таму. Добро, да бидам искрен, дознав што се случи, но со неколку месеци задоцнување.
На Малта и ти ветив нешто: Ќе те однесам до финалето на Лигата на Шампионите. Ти мислеше дека сум луд. Јас го исполнив ветувањето и не само што стигнавме до финалето, туку и победивме! Ти Рино, беше душата на тој Милан. Се надевам дека ќе останеш на клупата на Милан, заслужуваш!
Легендо, најсреќен ти роденден. Уште многу години да се радуваме на твоите успеси со Милан, но овојпат како тренер.
FORZA MILAN FINO ALLA MORTE!