Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По само 2 дена од официјалното превземање на Милан од новите сопственици на чело со Јонгхонг Ли, на распоредот во Калчото беше Дербито на Милано. Милан и Интер требаше да се сретнат по вторпат во сезоната, но првпат во т.н. кинеска ера. Со самото тоа, Дербито доби нов момент и, помалку во смисла на исмевање, од италијанската и светската фудбалска јавност го доби називот “Кинеското Дерби”.

Милан во тој момент имаше одлична серија. Во периодот од февруари па се до Дербито, во 9 натпревари имаше 6 победи, 2 нерешени натпервари и еден пораз од Јувентус. Сепак, заради големото заостанување во однос на првите 5 екипи до јануари, добрата серија значеше искачување на само едно место за росонерите – на 6-тата позиција. Од друга страна, Интер во нешто полоша форма. Во истиот период, почнувајќи од февруари, Интер имаше скор од 4 победи, 4 порази и едно реми. Но поважно, во пресрет на Дербито, Интер врза 2 порази од релативно слаби противници, Кротоне и Сампдорија, со што атмосферата кај комшиите беше далеку полоша. Априлското Дерби беше и своевидна борба за 6-тото место, последно кое носеше излез во еврокуповите.

Монтела, слично како и Пиоли на другата страна, го имаше на располагање скоро најдобриот состав, особено во нападот. Во одбраната се најдоа Калабрија, Запата, Ромањоли и Де Шиљо, во средината Куцка, Соса и Мати Фернандез, додека тројката во нападот ја сочинуваа Деулофеу, Бака и Сусо. Натпреварот, за првпат во историјата, беше закажан на пладне, јасно, заради кинеската публика.

Милан делуваше “порасонето” и ја имаше првата голема прилика. Деулофеу не прими најдобро, но сепак излезе очи во очи со Хандановиќ. Не успеа, но по неколку блокирани шута, топката стигна до Бака, а овој во паѓање на ја закачи најдобро за рано водство на Милан. До средината на првото полувреме уште една одлична шанса за Деу, шутираше од лош агол, на поблиската страна, но само во стативата. Интер, набрзо после тоа ги казни пропуштените шанси. Најпрво Кандрева во 36-тата минута, по збунетата реакција на Де Шиљо и Џиџо, а потоа удвои Икарди по асистенцијата на Перишиќ. Со тој резултат се отиде на полувреме и делуваше како да Интер ќе успее да го добие вториот натпревар во сезоната, по ремито во ноември.

Лизгањето на натпреварот низ раце делуваше се поизвесно откако Милан не успеа да создаде квалитетни шанси во првата половина на второто полувреме. Иницијатива постоеше, но тоа го дозволуваше и Интер. Домаќините пробуваа да го решат натпреварот преку контри и полуконтри, а Милан јалово кружеше околу шеснаесетникот на Хандановиќ. Сепак, на 7 минути до крајот, Сусо направи мал пробив по десната страна, а Ромањоли, кој почесто беше на туѓата отколку на својата половина, со долниот дел на копачката ја зафати топката и ефектно реализирише. Водата влезе во ушите на домаќините, а росонерите се понадеваа дека ќе се случи реприза на првиот натпревар кога Перишиќ во судиското продолжение успеа да израмни и за откине два бода од Милан.

 

И токму тоа се случи. На првични 5 минути продолжние беа додадени уште 2. Последен обид за Милан. Целиот стадион е на нозе. Корнер за Сусо, добро нафрлување, Бака ја зафаќа топката на 5 метри, но шутот не оди во рамките на голот. Ударот беше доволно млак за Запата да стигне и да упати удар пред топката да излезе во гол аут. Акробатски шут на колумбиецот, топката удира во пречката и ја преминува гол линијата. Медел се обидува да ја избие, но веќе е доцна. Милан израмнува со буквално последниот допир на натпреварот. Стадионот онемува, освен јужната трибина. Таму Курва Суд лудува. Милан израмни на уште побрутален начин отколку Интер во ноември. Одмаздата е повеќе од слатка!

“Запата 97’” стана еден од хајлајтите на сезоната и се разви во уште една убава црвено-црна анегдота. Уште еден аргумент повеќе на наша страна во вечната дебата за тоа чиј е Милано.

Milano siamo noi, solo noi!