Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Nov 24, 2017

Милан синоќа го направи првиот чекор кон пресвртот на сезоната. Ја победи Австрија Виена на Сан Сиро и го повтори резултатот од првиот натпревар. Со тоа, Милан го осигура првото место во групата и ќе биде носител во ждребот за елиминационата фаза на ЛЕ.

Натпреварот дефинитивно не започна како што очекувавме. Милан ја контролираше играта, но не беше конкретен. Освен еден удар со глава на Кутроне, не видовме друга посериозна шанса. Се до голот на Австрија. Додавање во празно за Моншајн, Донарума истрча, но беше лесно исфрлен од игра, за да следи релативно млак шут на напаѓачот на Австрија кој Бонучи успеа да го стигне, но не и да го спречи голот заради несмасниот лизгачки старт. Со оглед на формата во која беше Милан, веројатно само мал дел од фановите овој гол го доживеаа како шок. Сепак, следуваше брза реакција на момците. Родригез беше присебен по нафрлувањето на Борини и го искористи фокусот на одбраната на Австрија кон Кутроне и Силва, па непречен од никого, успеа да ја протне топката низ нозете на Пенц. Милан изедначи по само 6 минути во негатива, за веќе во 37-мата минута да направи пресврт. Родригез имаше слободен удар од добра позиција на 25 метри од голот, но шутираше доволно млако за Андре Силва да успее да ја смири таа топка и комплетно осамен да шутира за негов нов гол во ЛЕ. Уште се играше првото полувреме кога Борини успеа да стигне неверојатна топка и наместо да биде гол аут, Фабио одлично асистираше за Кутроне, кој со гол со глава ја најави ефикасната вечер на росонерите.

Второто полувреме беше комплетно во знакот на Милан. Момците играа видливо поопуштено, а комотната предност им дозволи да демонстрираат креативна и офанзивна игра. Факт е дека Австрија Виена не е соодветен противник за мерење на формата на Милан, но тимот покажа карактер и демонстрираше доминантност. Бонучи го отвори второто полувреме со шут на нафрлување од корнер кој помина на неколку сантиметри над пречката. Следуваше уште една акција во која беше вклучен Бонучи, но неговата асистенција во полуконтра не ја искористи Андре Силва. Португалецот се поправи по само неколку минути. Повторно полуконтра, Хакан со нафрлување кон Силва, а овој од свртување со многу прецизен удар успеа да го постигне својот втор гол, осми во ЛЕ. До крајот, Кутроне исто така стигна до doppietta со гол во последната минута од продолжението.

Бонус беше шоуто на Кака на полувремето. Рики се врати на Сан Сиро, доби дрес, го облече и сеуште му стои најубаво. Курва Суд го поздрави со: Siam venuti fin qua, per vedere segnare Kaka… Да се наежиш!

Австрија Виена одново прима 5 гола од Милан и тоа е одлична најава за пресвртот на сезоната кој сите го очекуваме. На Милан му требаше оваа победа и е предуслов, па и морален бустер за многу важниот натпревар во првенството против Торино на Сан Сиро во недела. Во оваа убедлива и уверлива победа синоќа, сепак тројца играчи се издвоија со својот перформанс. Андре Силва и Кутроне имаа ефиксна вечер и се наметнуваат како најлогично напаѓачко дуо во стартниот состав. Третиот играч на натпреварот дефинитивно беше Борини. Фабио игра далеку над очекувањата и тоа во континуитет. Ако Сусо е најнадарениот и моментално најдобар играч во ростерот, Борини дефинитивно е најборбениот. Родригез со гол и асистенција, исто така имаше одлична вечер, откако Монтела се реши да го врати на позицијата која најмногу му лежи – лев бек.

Процесот е отпочнат, но мора да продолжи со втора победа во низа. Торино треба да сфати дека нема што да бара во Милано во недела, а Серие А нека знае дека Милан се враќа!

FORZA MILAN!