Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Заврши репрезентативната пауза. Единаесте играчи на Милан ги завршија своите репрезентативни активности и се вратија во составот на Гатузо, каде започнаа последните подготовки пред гостувањето кај тимот на Каљари. Најголемо разочарување во овој период за репрезентативни активности беше селекцијата на Италија. Составот на селекторот Роберто Манчини се сретна со репрезентациите на Полска и Португалија во рамките на новоформираната Лига на Нации на УЕФА, каде забележаа реми (1-1) во мечот со Полска и пораз (1-0) од репрезентацијата на Италија.

Џиџо Донарума беше стартер во двата натпревари, додека пак Бонавентура влезе од клупата за резерви во мечот со Полска. На натпреварот со Португалија, селекторот Манчини се реши да им даде шанса на тандемот Ромањоли-Калдара во одбраната, како и на Бонавентура, кој беше дел од стартниот среден ред на Италија.
Донарума имаше неколку добри одбрани и беше еден од ретките играчи со позитивна оцена. Она што радува е дека се чини дека младиот голман конечно успева да се ослободи од притисокот на наследник на Буфон и еден од најдобрите млади голмани во светот и почнува повторно да танцува меѓу стативите. Капитенот на Милан, Алесио Ромањоли, имаше солидна партија, каде успеа и да спаси чист гол од самата гол линија.

За разлика од Италија, репрезентацијата на Швајцарија имаше фантастично отварање на Лигата на Нации на УЕФА, каде успеаа да ја совладаат репрезентацијата на Исланд со огромни 6-0, а нашиот Родригез се запиша во листата на асистенти, помагајќи му на Зубер да постигне гол. Во вториот натпревар, Швајцарија загуби од Англија со 1-0,  каде Родригез одигра само 45 минути.

Интересно и динамично беше во Шведска, каде истоимената репрезентација ја пречека селекцијата на Чалханоглу, репрезентацијата на Турција. Иако швеѓаните водеа со 2-0, на крајот го загубија натпреварот со конечен резултат 2-3, а нашиот Чалханоглу беше инспираторот на овој пресврт, постигнувајќи го првиот гол и најавувајќи го пресвртот. Во вториот натпревар за Турција, Хакан ги одигра сите 90 минути на мечот против Русија, каде неговата репрезентација забележа пораз од 2-1.

Од останатите играчи на Милан кои беа со своите репрезентации, вреди да се напомене дека Франк Кеси и Брегот на Слоновата Коска успеаа да стигнат до победа со резултат 2-1 против селекцијата на Руанда, во рамките на квалификациите за Африканскиот Куп на Нации. За жал Сусо не доби шанса за настап на мечевите на Шпанија, која успеа да победи на гости против Англија со резултат 2-1 и ја декласираше селекцијата на Хрватска со фантастични 6-0.