Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По цели 3 сезони без учество во европските купови, Милан минатата сезона конечно успеа да избори место што води во Европа. И повторно тоа не беше Лигата на шампионите, туку Лига Европа. И тоа од фазата на квалификации. Конечно зад нас беше најнеуспешниот период во поновата историја во поглед на меѓународните натпреварувања. Иако росонерите не се научени да не учествуваат во елитното европско клупско натпреварување, ЛЕ се сметаше како добар старт на новиот Милан, по промената на сопственоста на клубот.

Но, патот до шестото место, кое всушност претставуваше последен воз за Европа, не беше лесна цел за Милан. Во исклучиво турбулента сезона, во која фокусот некако беше поставен на иднината на клубот, заедно со сите шпекулации, а потоа и реализацијата на продажбата, Милан успеа за еден бод да го остави градскиот ривал Интер надвор од ЛЕ и да ја зграби можноста преку квалификации да стигне до групната фаза на Лига Европа. Во текот на целата сезона Милан беше позициониран на или околу местата кои носат евро-пласман. На 8 кола до крајот, момците на Монтела го запоседнаа 6-тото место и не го испуштија до крај, иако во тој период победија само двапати, а ремизираа и загубија по трипати. Интер и Фиорентина, кои истотака имаа европски амбиции, ја финишираа сезоната со уште полоша форма од Милан, заостанувајќи на крајот за 1, односно 3 бода. Во последните 2 месеца од сезоната, со оглед на неочекуваните киксови, новинарите и навивачите често шпекулираа со наводна незаинтересираност на клубовите од Милано за второто по ранг европско натпреварување. Сепак, на коло пред крајот, Милан ја победи Болоња на Сан Сиро со 3-0 и го обезбеди 6-тото место, далеку позади Лацио, кој го заврши шампионатот со 7 бода повеќе од росонерите.

Пласманот во квалификациската фаза од ЛЕ го промени изгледот на стандардното лето во Миланело. Припремите започнаа многу порано од вообичаено, а голем дел од трансферите на клубот се реализираа уште во мај и јуни. Самиот факт дека Милан требаше да го одигра првиот официјален натпревар на крајот на јули, постави императив пред новото раководство да му обезбеди на Монтела доволно време за воигрување на драстично изменетиот тим.

Во ждребот за 3-тото квалификациско коло од ЛЕ, Милан ја доби романска Крајова. На гостувањето во Северин, Милан победи до 0-1, додека на реваншот на Сан Сиро беше 2-0. Следеше плејоф рундата и тетовска Шкендија. Милан очекувано го реши двомечот во своја корист со вкупен резултат 7-0. Новиот ждреб, за групната фаза од Лига Европа ги донесе АЕК, Ријека и Австрија Виена како противници. Без поголеми проблеми, Милан го освои првото место во групата и ја продолжи европската сезона за уште најмалку два натпревари. Во шеснаесеттина финалето, росонерите ќе се судрат со шампионот на Бугарија од последните неколку сезони – Лудогорец Разград.

Со оглед на случувањата во овогодинешното првенство и огромното заостанување зад позициите кои водат во Лигата на шампионите, логично би било Милан да се фокусира на Лига Европа и преку освојување на трофејот да обезбеди пласман во ЛШ догодина. Тоа нема да биде воопшто лесна мисија имајќи ја предвид моменталната форма и проблемите на тимот, но сепак, успешната историја на Милан во куп натпреварувањата, особено во Европа, дава за право да се надеваме дека тимот може да го заокружи враќањето во евро-куповите со трофеј и толку очекуваниот пласман во натпреварувањето кое е во ДНК-та на Милан – Лигата на шампионите.