Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

По не знам кој пат сезонава, повторно во воведот на една најава ќе зборувам за срамниот, очаен и крајно несериозен пристап на играчи кои се доволно добро платени за да се однесуваат и играат сосема спротивно но тоа е што е – Милан по 17 одиграни кола се наоѓа на 9-тото место далеку од било какви шанси за пласман во Топ-4.

Срамниот и понижувачки резултат против Верона, каде загубивме со 3-0, иако само неколку дена претходно јасно ги издоминиравме на Сан Сиро во меч од Купот на Италија, на играчите им донесе карантин во Миланело. Да да, карантин. Вака на прво слушање звучи срамно и многу понижувачки, но верувам дека тоа според Гатузо бил неминовен потег и мораше да се случи.

Како ќе се одрази тоа на тимот останува да видиме, но во интервјуто пред мечот Гатузо делуваше прилично изнервирано и крајно незадоволен што е и логично. Зборуваше дека воопшто не е задоволен од пристапот и дека Милан на моменти не делува како тим и токму тоа според него се најголемите проблеми кои мора да се решат што е можно побрзо. Го издвои Бонучи кој е лидер на овој тим и како играч што секогаш превзема одговорност кога работите не одат како што посакуваме и вели дека сите треба да го следат неговиот пример.

На Сан Сиро ја пречекуваме незгодната Аталанта која исто како и ние ќе има “европска пролет” и без разлика на нашата позиција и моментална игра секогаш на домашен терен мора да атакуваме на победа. Мотив повеќе за тоа треба да биде фактот што баш против нив на последните 3 средби на Сан Сиро имаме 2 нерешени и еден пораз и без размислување би изјавил дека таквата црна серија мора да заврши денес.

Кога станува збор за составот на овој меч, Гатузо уште од самиот старт се соочува со два огромни проблеми – Сусо и Ромањоли. Првиот е суспендиран поради мошне наивниот и глупав црвен картон против Верона при крајот на тој веќе решен меч, додека Ромањоли ќе го пропушти ова коло поради тоа што веќе има собрано 5 жолти картони и по правило му следува пауза од еден меч.

Нивното место во тимот според најавите ќе го заземат Мусакио и Борини и да бидам искрен, иако погоре на сликата ни најавуваат формација 4-3-3 јас сепак мислам дека тоа ќе биде класична 4-4-2 со Џек и Борини на крилните позиции додека во нападот на Калиниќ друштво ќе му прави Патрик Кутроне. Меѓу повиканите играчи се враќаат Чалханоглу и Лукас Биља, кои сега засега не се изнаиграа и не уживаат баш преголема доверба кај тренерите. Секако дека доста често беа и повредени но и кога играа беа бледа сенка на она што сме навикнале да го гледаме од нив во Леверкузен и Лацио.

Повеќе за овој меч сериозно не гледам што би требало да се додаде, меѓу навивачите на Милан нема еуфорија, нема жар меѓу играчите, а доколку тоа продолжи ќе бидеме казнети и денес бидејќи Аталанта е сосема солиден и компактен тим кој доколку му оставиш премногу простор сигурно ќе ја искористи шансата за казна. Интересно е што на Сан Сиро во дрес на Аталанта се враќаат двајца поранешни играчи на Милан кои потекнуваат од младинската школа, Кристанте и Петања. Најавувани како огромни таленти, но не се пронајдоа во клубот низ овие црн период од историјата и својата шанса секако ја побараа некаде на друго место и сега за сега одлично им оди но искрено се надевам дека на денешниот меч ќе биде сосема спротивното.

Денес очекуваме победа и само победа!

Форца Милан!