Овој викенд, Милан на Сан Сиро ја пречекува секогаш незгодната Аталанта, по срамниот пораз од Верона минатиот викенд. Тренерот Гатузо, на стандардната прес-конференција, говореше за поразот од Верона, нашиот следен противник и за играчите. Во продолжение, ви пренесуваме дел од неговата прес-конференција.
Карантинот? Тоа беше најмалку што можевме да сториме после нерешениот резултат со Беневенто и срамниот пораз од Верона. Немаше ниту еден играч што се противеше на оваа одлука. Останавме сите заедно неколку часа и имавме заедничка вечера. Работевме на тренинзите и ‘потрошивме’ неколку часа повеќе од предвиденото. Проблемот на овој тим не е во начинот на тренинзите. Потребно е поискусните играчи да прикажат повеќе, бидејќи веднаш чим се појави првата потешкотија во еден натпревар, тимот исчезнува.
На мечот со Верона, не бев задоволен бидејќи им оставаме премногу простор на нашите противници и се ставаме во ситуација во која можеме да примиме гол во секој момент. Аталанта игра со маркирање на човек по целиот терен, па така мора да се обидеме да не ја губиме топката при креирање на нашиот напад. Сакам да го видам истиот став и однос на тимот како што беше во првите 20 минути на мечот против Верона. Тие (Аталанта) се навистина силен тим, имаат квалитетни играчи и играат добар фудбал. Потребно е огромно жртвување за да се добие овој натпревар.
Потребно е да го тренираме нашиот менталитет. Имам чувство дека понекогаш тимот не е свесен за опасностите. Кога го примивме вториот гол против Верона, бековите беа предалеку, но тоа е моја грешка. Оние играчи кои се тука подолго време треба да им помогнат на новите. Да им се објасни на нив што значи да се освои трофеј. Ние треба да им помогнеме на новите играчи, тоа е она што го правев јас кога бев играч. Понекогаш личиме како да не играме како тим, како да ни фали тимска игра.
Бонучи? Тој е тип на играч што секогаш прв превзема одговорност, кога работите не одат добро. Бонучи поставува пример за сите останати играчи. Јас разговарам со него секој ден, тој е лидер и еден од играчите кој превзема се што е потребно за да ги реши проблемите што ги имаме. Само победа не е доволно. Потребно е да бидеме бесни, агресивни. Ако продолжиме со овој однос, можеби ќе победиме еден-два натпревари, но брзо ќе се вратиме назад на истите проблеми.
Кога разговараме со Фасоне, Мирабели и Хан Ли, ние разговараме за тоа што може да превземеме за овој тим да го покаже својот потенцијал. Не е точно дека немаме поддршка од менаџментот. Психолошкиот аспект е навистина важен – потребно е добро да го започнеме натпреварот и да ја контролираме играта. Се надевам дека нема да има свирежи од публиката во текот на натпреварот. Доколку одиграме лош натпревар, се надевам дека ќе почнат со свирежите по крајот на натпреварот.