Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Нов четврток и одново време е за нашата рубрика во која се сеќаваме на историјата на нашиот омилен клуб. Да бидам искрен, немав многу дилема околу темата за овој четврток. Јас сум од помладата генерација, која за жал, не беше присутна кога големиот Марко Ван Бастен ги тероризираше клубовите низ Европа. Затоа, кога ќе помислам на напаѓачите кои играле во Милан, прво на ум ми доаѓа украинскиот принц и ‘синот’ на големиот Валери Лобановски – легендарниот Андриј Шевченко. Овој четвток, му го посветувам на него.

Големата несреќа во Чернобил влијаеше врз здравјето на илјадници украинци. Многумина од нив беа изложени на зрачењето и до ден денес, разни болести се честа појава во оваа област. За време на несреќата, 9 годишниот Андриј веќе ја имаше започнато својата фудбалска кариера, потпишувајќи за школата на големиот Динамо од Киев. Неговиот татко, првично бил скептик за спортските амбиции на својот син, но многу брзо бил принуден да го смени своето размислување.

На 14 годишна возраст, младиот Андриј започна да го креира своето име, како за својот тим, така и за својата репрезентација. Заедно со неговиот тим Динамо Киев, во 1990 година во Велс го освоија Иан Раш купот, а Шевченко, покрај трофејот, доби и посебна награда – копачки лично од неговиот идол и легендарен играч, Иан Раш.

Набрзо, Андриј Шевченко стана дел од првиот тим на Динамо Киев и почна да ги тресе противничките мрежи. Како врв, како најголемо достигнување во неговата кариера во Динамо Киев, се смета хет-трикот против Барселона во рамките на групната фаза од Лигата на Шампионите (1997/98), каде украинците ја прегазија големата Барселона со резултат од 4-0.  Со тој хет-трик, Шевченко стана првиот украинец кој постигнал хет-трик во Лигата на Шампионите.

 

Наредната сезона (1998/99), беше убедливо најуспешната сезона на клубот од Киев, каде преку елиминација на Реал Мадрид, Динамо Киев успеа да резервира полуфинален дуел со Баерн Минхен, од кој за жал, беше елиминиран. Шевченко ја заврши сезоната во Лигата на Шампионите на делба на лидерската позиција за најдобар стрелец, со дадени 8 гола.

Желбата за играње во поголем клуб и напредок во својата кариера беше преголема за Андриј Шевченко, па така ‘белиот Роналдо’ се реши да ја напушти својата Украина и да се пресели во италијанскиот Милан. Она што следеше потоа е историја.

Состојбата во Милан, во тој момент, не беше баш сјајна. Поминаа 4 години како легендарниот напаѓач на Милан, Марко ван Бастен беше принуден да се пензионира поради повреда, а навивачите во Шевченко гледаа напаѓач кој е веќе докажан на големата сцена. На тоа, Андриј Шевченко одговори како што тој самиот најдобро знае – сензационална деби сезона во која успеа да забележи 24 голови во 32 настапи, а со тоа и да го заработи прекарот ‘новиот ван Бастен’ од верните навивачи.

Сезоната 2002/03 за Андриј беше поразлична. До тогаш, популарниот Шева беше помалку среќен кога стануваше збор за повреди, но таа сезона баш тие повреди почнаа да му создаваат главоболки. За него скромни 5 гола во 24 лигашки натпревари и 4 гола во 11 настапи во Лигата на Шампионите, беа резултат од повредите кои го мачеа таа сезона. Но и покрај тие повреди, Шевченко заедно со својот Милан успеа да стигне во финалето од Лигата на Шампионите. Во Манчестер, покрај поништениот гол на почетокот од натпреварот, Шева имаше релативно тивок натпревар, како и остатокот од тимот, што резултираше на пенал завршница. А потоа, се случи она што секој росонер го има врежано во своето сеќавање. Се случи историја. Не би го опишувал сето тоа повторно, туку би ве поканил да ја прочитате нашата статија и уште еднаш, детално да го “почувствувате” финалето. #TBT | Sheva contro Buffon!

По финалето, Шева го однесе трофејот од ЛШ на гробот на Валери Лобановски, кој почина една година пред тоа. Преполн со емоции, Шевченко го посочи големиот Лобановски како директен ‘виновник’ за својот успех и својата кариера.

Тоа беше мој начин да му се заблагодарам за се што ми даде. Без размислување, тој беше тренерот кој ме смени најмногу. Тој ме научи да бидам трпелив, ме научи да сум вреден, да работам и најважно од се, ме научи на да го почитувам својот противник. Тој ги постави темелите на кои се базира мојата кариера.

Следната сезона, со помош на неговиот победоносен гол, Милан успеа да го победи Порто и да го освои Европскиот Супер Куп. Истата таа сезона, на крилата на Шева (24 гола во 32 натпревари), Милан успеа да го освои првото Скудето после пост од 5 години, а Шева беше награден со Златната Топка!

Во 7-те години поминати во Милан, Шева во нападот најчесто беше придружуван од Пипо Инзаги, кои, заедно со Кака, Сидорф, Пирло и Гатузо формираа една од најдобрите екипи во Европа. За ова време, Шева постигна 127 гола и стана вториот најдобар стрелец во историјата на клубот, по големиот Гунар Нордал.

Две сезони после освојувањето на Златната Топка и по долги обиди од страна на Роман Абрамович, Андриј Шевченко го напушти Милан и реши својата кариера да ја продолжи во лондонски Челзи. Челзи во тоа време, го имаше Дидие Дрогба во нападот, па беше тешко за Мурињо да успее да ги вклопи Дрогба и Шева заедно. Покрај тоа, голема улога играше и прилагодувањето на Шева кон различниот стил на игра во Англија, што резултираше со лоша форма и бледи настапи. Андриј Шевченко веќе не беше оној опасен Шева што светот го знаеше. Украинската гол машина не успеа да проработи како што се очекуваше.

Клупата не беше вистинското место за големито Шева, па затоа Галијани не чекаше многу и успеа да ја врати поранешната 7ка на Милан, на позајмица. Враќањето на Шева во Милан не беше толку спектакуларно на зелениот терен. Падот во формата и слабиот натпреварувачки ритам беа евидентни, што резултираше со ниту еден постигнат гол на 18 настапи во Сериа А, во натпреварувачката 2008/09 сезона.

Староста ги стига сите, а големиот Шева не беше исклучок. Андриј Шевченко покрај голем играч, беше и голем човек. Знаејќи дека неговите најдобри денови се веќе далеку зад него, се реши својата кариера да ја заврши во својот матичен клуб, Динамо Киев, каде се врати по истекот на договорот со Челзи. Со капитенската лента на својата рака, Шева го водеше Динамо Киев во групната фаза од Лигата на Шампионите, каде се сретна со Барселона и Интер. Натпреварот против Интер за Шева значеше Дерби, па така Андриј ја продолжи својата низа на успешни настапи против Интер и го постигна својот 16ти гол против нероаѕурите.

Во 2012 година Европското Првенство се одржа во Полска и Украина, а за Шевченко тоа значеше последна шанса за успех. Мотивиран да се докаже уште еднаш пред својата публика, Шева имаше старт од соништата, постигнувајќи два гола во победата над Шведска со 2-1. Но за жал, среќата му го сврте грбот кога најмногу му беше потребна. Повредите си го направија своето и го принудија големиот Шева да стави крај на својата богата кариера.

Од дете кое успеа да ја избегне несреќата во Чернобил, Андриј Шевченко успеа да ги надмине сите потешкотии и да стане легенда на Милан. Да беше жив, Валери Лобановски ќе беше повеќе од горд на него!