Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

by | Nov 17, 2017

Овој пат нема да има потреба ова дерби да го прогласуваме како меч на сезоната, нема да се надеваме на чудо на “Сан Паоло” oд многу причини, а една од нив е и премногу очигледна – Наполи игра најубав и најдобар фудбал во Европа заедно со Манчестер Сити.

Во овој меч ниту статистиката нема да е на наша страна, а таа говори дека последен пат на гостување кај Наполи сме победиле далечната 2010-та година со головите на Ибрахимович и Робињо.
Да да, не се чудете, порано во Милан играа и играчи од тој калибар, но да се вратиме на реалноста која е доста сурова и не ни дава премногу надеж, па затоа и со бод од овој меч ние би биле презадоволни.

За овој меч Монтела повторно се решава да експериментира во одбраната и во неа покрај Ромањоли и Бонучи, како трет централен би се нашол Рикардо Родригез. Веројатно сите се прашуваме што се случува со Мусакио и која е причината што тој не игра, но од друга страна морам да признаам и дека ми е мило што во најавите го нема Кристијан Запата.

Огромна предност за нас и чекор напред кон позитивни резултати ќе биде доколку одбраната се консолидира и Бонучи продолжи со истото темпо како во изминатиов месец, каде рака на срце, почна да заличува на оној стариот Лео кој сите го знаеме. На крилните бековски позиции се очекува да почнеме со Борини и Абате, а средината покрај неуморниот Кеси се очекува да почне и Монтоливо поради тоа што Биглиа е сеуште недоволно спремен и овој меч ќе чека на шанса од клупата.

Се наметнува прашањето дали во овој меч Монтела треба да стартува со Локатели, но очигледно за ова пеколно гостување ќе оди на сигурно, со поискусната опција – Монтоливо. Во нападот повтнорно миленикот на Монтела ќе стартува како најистурен напаѓач, а веднаш позади него ќе бидат Сусо и Џек.
Дилеми за Сусо и Џек воопшто нема, но остануваа онаа со Андре Силва, како и зошто овој млад супер потенцијал не добива повеќе шанса, иако на натпреварите во кои добиваше во ЛЕ играше сосема пристојно и постигнуваше голови.

За крај, искрено, сите сакаме позитивен резултат од ова дерби. Преку глава ни е од порази во клучни натпревари оваа сезона, па да оставиме на играчите да го покажат своето!

Forza Milan!