Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Натпреварот со Наполи во саботата беше еден од оние каде повеќе од нас влегоа без преголеми очекувања. Настрана еуфоријата што се создаде на ден-два до натпреварот, неа секогаш ќе ја има кога не очекува дерби. Сакале ние или не. Во саботата, не сум баш сигурен дали и колку сакавме да не зафати таа еуфорија. За да не се осеќаме глупо после натпреварот, не за друго.

Сан Паоло поприлично исполнет, сепак доаѓа име како Милан. Но сепак, вистинската причина за исполнетиот стадион лежи во позицијата на Наполи и поголемите од било кога шанси да се бори за Скудето до крај. Засега им оди повеќе од успешно и го имаат главниот збор. Не знаат за пораз, играат убаво, атрактивно, со брзи и остри додавања и висок пресинг. Така некако и почна наптреварот во саботата. Милан брзо се повлече на својата половина, очигледно претпазлив од опасните уфрлања на цела напаѓачка линија на Наполи. Нашите офанзивни бекови далеку повеќе размислуваа на дефанзива отколку на продори и нафрлувања за Калиниќ. Охрабрени од таквата повлеченост, Хамшик и Алан постојано имаа многу простор на 30-40 метри од голот на Џиџо.

Од таква ситуација произлезе и првата вистинска шанса за домаќините. Нашата одбрана фокусирана на Инсиње и Мертенс, а белгиецот со додавање до Алан, му овозможи слободен простор и шут од точно 15 метри, небранет од никого. Млак шут за наша среќа и одбрана на Донарума. Не многу после тоа Инсиње го отвори натпреварот со одлично уфрлање позади нашата задна линија. Отпрво помошникот сигнализираше офсајд, но по видео консултацијата, Довери го потврди голот. Веќе неколку пати одлуките со помош на видео технологијата одат на штета на Милан. И повторно, снимката не покажува јасно дали Инсиње беше дефинитивно поназад од стапалото на Ромањоли. Кога судиите би имале изедначен критериум, Калиниќ ќе имаш хет-трик на мечот со Удинезе. До крајот на полувремето уште еден пех за Милан. Најлошата од сите можни повреди – на Сусо. Андре Силва на негово место.

Во второто полувреме играта делуваше поизбалансирано. Милан конечно успеа да ја нагази топката и да ја задржи во посед, иако тоа не створи конкретни шанси. Напротив, Мертенс имаше одлична прилика, 1 на 1 со Џиџо, но малиот покажа зошто со право го превзема приматот од Буфон. Рефлексна одбрана со една рака на шут од 12-13 метри – извонредно! Следуваше уште еден опасен шут од шеснаесетникот, овојпат на Хамшик, но Џиџо повторно поуспешен. Она што Донарума не успеа да го скроти беше шутот по земја на Зиелински, кој одново остана во ситуација сам со голманот. Вториот гол комплетно го уништи ентизиазмот кај нашите момци, кои полека се приближуваа до голот на Реина. Остатокот од натпреварот, тие 20 минути, беа вистинско измачување. Бонавентура се испорба со еден полу-лоб, кој Реина го исфрли во корнер, за во првата од трите минути продолжение Ромањоли да постигне одличен волеј од далечина. Секако, тоа беше недоволно за избегнување на поразот.

Монтела надвор од Милан е единствено логично решение. Свесен сум дека управата нема многу достапни опции на пазарот. Свесен сум и дека не сакаат да го “потрошат” Гатузо како што претходниот менаџмент направи со Пипо, Сидорф и Броки. Но ако тоа е за доброто на клубот, не се соменвам дека Рино би го направил. Промена веднаш, за да остане било каква надеж за сезонава. Инаку, ќе потонеме во сивило и меланхолија. #MontellaOut

FORZA MILAN!!!