Прв официјален фан клуб на Милан во Македонија!

Навистина тешка недела по срамниот пораз од Беневенто на Сан Сиро во која нема ниедна позитивна вест или шпекулација поврзана со клубот, недела каде добиваме нови сопственици, банкротираме, добиваме нов спортски директор и слично. Горчлив пораз кој уште толку ја разниша самодовербата на играчите, но и дополнително го изнервира Гатузо, кој одлучи да им ги одземе слободните денови на играчите со коментар дека воопшто не му е гајле дали некој од нив ќе се налути.

Јасно е дека тим како Милан не смее да губи бодови против екипи од рангот на Беневенто, па затоа денес мора да го видиме другото лице на тимот и гостувањето против Болоња да помине без проблеми доколку сакаме било каков излез во Европа. Не смее да има никакви оправдувања за неуспех и во случај на таква ситуација некој ќе мора да сноси одговорност. Едноставно, тренерот ќе мора на некои поединци да им објасни за кој клуб играат и какви резултати се очекуваат од нив секоја недела.

Кога е составот во прашање, Гатузо се соочува со одредени проблеми кои влијаат на нашата игра и сигурноста во одбраната па така и за овој меч нема да може да смета на Ромањоли, Конти и Биглиа, но позитивно е што во полн натпреварувачки ритам се враќа Хакан Чалханоглу. Единствените две дилеми на Гатузо за овој меч се: замената на Биглија, каде според медиумите се очекува Локатели да стартува и повторно онаа во нападот, каде очигледно ниеден напаѓач оваа сезона нема да добие доверба да стартува неколку натпревари во низа, па за жал фаворит е повторно Калинич.

На овој меч мора победата да биде единствена опција, мора да се покаже класа и иако Болоња е незгоден тим ќе треба да се извојува сигурна победа без многу проблеми. Очекувањата се големи, се надеваме на добар натпревар од Сусо, Џек и Чалханоглу, кои се најкреативните и најважните играчи на овој Милан, па затоа се надеваме дека нема повторно да разочараат.

Болоња има искусен и опасен тим, млад и брз напад искомбиниран со незгодниот Паласио и нашата одбрана ќе мора многу сериозно да си ја сфати работата и да не дозволи било каков кикс како против Беневенто, бидејќи казната ќе биде огромна.

Forza Milan e Andiamo ragazzi!!!!!